Трагедијата на македонската драмска продукција за 2023 година-
Според Аристотел: „Трагедијата е подражавање на сериозно (цело) и завршено дејство со определена должина во дотеран говор, и тоа одделно за секој вид во неговиот дел, преку лица што дејствуваат, а не со (пре)раскажување, а што со жал и страв го исполнува составот на таквите (т.е. жални и страшни) собитија“ (Аристотел „За поетиката“. 1990: 44).Дефиницијата за објавените резултати од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес од областа на драмската дејност за 2023 година со јазикот на Аристотел, би можела да гласи вака, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Годинашната програма за финансирање проекти од национален интерес од областа на драмската дејност за 2023 година, значи, е подражавање на НЕсериозно (цело) и завршено дејство во определена количина и со многу ограничени, речиси минорни средства, и тоа одделно за секој корисник во неговиот дел, преку лица што се обидуваат да дејствуваат, а не да прераскажуваат, а што СО ЖАЛ И СТРАВ го исполнува составот на таквите (т.е. жални и страшни) собитија.“
Поткрепата на оваа траорна дефиниција се темели на фактите содржани во објавените резултати од Годишниот конкурс за 2023 година и понудената програма во областа на драмската дејност од страна на Министерството за култура на Република Македонија и неговиот потписник, почитуваниот министер, г-ѓата Бисера Костадиновска- Стојчевска.Со мизерни 41 480 000 денари се поддржани 60 продукции во 25 национални установи или во просек по 691 333 денари за продукција.
Од 60-те продукции, верувале или не, само 5 или 8,33% се продукции кои ќе се работат по драмски текстови на МАКЕДОНСКИ АВТОРИ, и тоа: една е нова постановка на веќе изведен текст, два се во продукција на непрофесионални групи во Центрите за култура, а само два се праизведби на македонски драмски текстови („Мачкина глава“ од Венко Андоновски во НУ Драмски театар и „Да умреш од смеење“ од Сашо Кокаланов во НУ Театар Комедија).
Фестивалите и манифестациите на националните установи кои низ годините наназад ја докажуваа својата автентична вредност, а и оние кои сега го градат своето портфолио, ќе мора да се „снаоѓаат“ ако сакаат да ги одржат годинашните изданија. Или ќе мора целата програма да ја сведат на неколку претстави, затоа што за организација на сите десет манифестации и фестивали се одвоени уште помизерни 4.110.000 денари или во просек по 411 000 денари.
Негрижата на Министерството за култура на Република Македонија за македонското драмско творештво е повеќе од очигледна и СО ЖАЛ И СТРАВ ги исполнува македонските театарски собитија!
Очигледно, Владата на СДС(М) и ДУИ грижливо води сметка за своите пулени, па за разлика од драстично намалениот буџет (намален за 30%) за поддршка на активностите на националните театри, средствата за независната и алтернативната театарска сцена, како и останатите фестивали и манифестации се безмалку исти, сразмерно на бројот на апликантите.Триесет и пет правни лица добиле средства во вкупен износ од 14 357 450 денари.
Идеална можност за подмирување на партиските и коалициските раскусурувања во владеачката гарнитура!
Поддршката за двата најзначајните фестивали: „Млад отворен театар“ и Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, на „локалните“ установи Младински културен центар – Скопје и МТФ „Војдан Чернодрински“ (кој е здружение на граѓани) добија по 3 994 805 денари, средства кои се непроменети веќе 20 години. Не е за коментар како тоа двата фестивала добиле идентична сума средства!Да сумираме!
Владата на СДС(М) и ДУИ и нејзината ресорна министерка продолжуваат со тенденциозната негрижа за културното наследство во делот на македонската драматика, како и негрижа за стимулирање и создавање млади драматичари кои треба да бидат носители на современата македонска драматика. Оваа Влада, и оваа министерка, очигледно повеќе се заинтересирани за квантитет, со што можат да ги задоволат апетитите на ним омилените театарски уметници, притоа, занемарувајќи го квалитетот на театарските продукции, со што придонесуваат во стагнацијата на театарската уметност во Република Македонија.
Веројатно министерот, г-ѓата Бисера Костадиновска-Стојчевска, има сериозно објаснение како може да се организира театарски фестивал за 199 670 денари или да се направи претстава за 92 824 денари. Веројатно, само online.
Во „земјата на театарските фестивали“ се финансираат безимени и невидливи фестивали и продукции, кои најчесто не го преминуваат прагот на местото на одржување! Целосната негрижа за младите актери, режисери, сценографи и костимографи многу брзо ќе резултира со целосно руинирање на и онака девастираната театарска сцена во Македонија.
Отсуството на слух за вистинскиот алтернативен театар и драмскиот аматеризам многу брзо ќе нѐ однесе на мапата на нациите кои создаваат неатрактивен и здодевен театар и немаат ниту способност, ниту идеја да се вклопат во современите светски театарски текови! Но, да не одиме толку далеку. Едноставно, ќе ја изгубиме и онаа малобројна публика која нѐ поддржува.
Не сакајќи да навлегуваме во правото на избор, израз и уметничка слобода, иако во изминативе години сме сведоци на КЛАСИЧНА ЦЕНЗУРА ВО УМЕТНОСТА, прашање е зошто никој од „слободоумните македонски театарски уметници“ на овој конкурс не аплицирал со, да речеме, драмскиот текст „Црвениот поет“?
Кога на сето ова ќе се додаде и необезбедувањето финансии за капитални инвестиции во дејноста (се повлекуваме доколку министерката е длабоко убедена дека сервисирањето противпожарни апарати и купувањето компјутери е сериозна капитална инвестиција), се добива целосната слика за финансирањето на драмската дејност во 2023 година.
Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ прашува:Дали оваа програма е само уште еден чекор во ништењето на македонската нација и уништување на сѐ што е македонско, овојпат преку македонскиот театар-прашуваат од партијата?
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ИЗВОР: republika.mk