Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, заедно со светски познатиот архитект Бајрам Вардар, денес го претставија Мастер планот за Чаир — стратегиски документ кој поставува темели за трансформација на општината во современ, одржлив и урбано организиран град со јасен културен и идентитетски печат.
Мастер планот, изработен од тим експерти од Турција и Северна Македонија под водство на Вардар, се заснова на седум главни столбови: транспорт и сообраќај, заштита на културното наследство, туризам и економија, образование, култура и уметност, рекреација и спорт, и урбана трансформација.
Меџити нагласи дека визијата на планот не е само модернизација, туку создавање на Чаир кој ќе биде пример за европски стандарди во урбаното живеење.
– „Ова е план што ги спојува минатото и иднината на Чаир, со почит кон традицијата, но и со јасна насока кон современи решенија“, изјави Меџити.
Во рамките на проектот се предвидува изградба и проширување на повеќе булевари, создавање на 5.000 нови паркинг места, ревитализација на Стариот Чаир, нови младински и културни центри, како и модерен кампус за Универзитетот „Мајка Тереза“.
Посебен акцент е ставен на проектот „Модерна Топхана“, со кој оваа историска населба ќе добие нов урбан идентитет преку спој на традицијата и современата архитектура.
Настанот на кој беше презентиран Мастер планот собра голем број граѓани, архитекти и јавни личности, кои ја оценија иницијативата како клучен чекор кон претворање на Чаир во вистинска европска општина.