Градоначалникот на Општина Чаир, Изрт Меџити, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го најавија почетокот на еден од најзначајните инфраструктурни проекти во општината – целосната реконструкција на улицата „Ферид Мурат“.
Проектот предвидува целосно асфалтирање, уредени две коловозни ленти во двете насоки, стандардирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, организиран паркинг за околу 200 возила и нов систем за јавно осветлување.
Реализацијата на проектот се спроведува во соработка помеѓу Општина Чаир, Светска банка и Министерството за транспорт и врски. Улицата има посебно значење за Чаир, бидејќи ги поврзува населбите, го олеснува секојдневното движење и директно влијае на локалниот развој.
Меџити потенцира дека секоја инвестиција во инфраструктура е инвестиција во безбедност, економија и повисок стандард на живеење за граѓаните. Тој истакна дека ангажманот на општината останува јасен – продолжување со проекти кои ги унапредуваат јавните простори и му даваат на Чаир функционалност и изглед кој го заслужува.
Градоначалникот се заблагодари на институционалните партнери за поддршката и на граѓаните за довербата и трпението за време на реализацијата на работите.


