Товарен брод во француско сопствеништво го напушти Ормускиот теснец, што претставува прво забележано поминување на пловило поврзано со Западна Европа откако војната речиси целосно го затвори овој клучен поморски пат.
Бродот ЦМА ЦГМ Криби (CMA CGM Kribi) исплови од водите кај Дубаи кон Иран во четвртокот попладне по локално време, сигнализирајќи дека негов сопственик е Франција, според податоците за следење на бродови. Се движел близу иранскиот брег, минувајќи низ каналот помеѓу островите Кешм и Ларак, отворено споделувајќи податоци за своето движење. Во петок наутро сигнализирал дека се наоѓа кај Маскат. Две лица запознаени со ситуацијата исто така потврдиле дека бродот поминал.
Иран ја заостри контролата над Ормускиот теснец откако САД и Израел ја нападнаа земјата на 28 февруари, сведувајќи го поморскиот сообраќај на минимум низ овој теснец, преку кој инаку се транспортира околу петтина од светската нафта и течниот природен гас. Техеран дозволил на оредени бродови од пријателски земји да минуваат преку однапред одобрена рута, додека истовремено се заканува со напади на пловила поврзани со САД или Израел. Сојузниците на САД, вклучувајќи ја и Франција, започнаа првични дипломатски напори за ублажување на кризата, но засега нема напредок.
Бродот припаѓа на компанијата ЦМА ЦГМ (CMA CGM SA), третата најголема контејнерска бродска компанија во светот, која е во мнозинско сопствеништво на милијардерското семејството Сааде. Основачот емигрирал во Франција од војната во Либан и ја основал компанијата во 1978 година во Марсеј со еден изнајмен брод.
Компанијата и француското Министерство за надворешни работи одбија да коментираат. Француското Министерство за финансии не одговори на барањето за коментар.
Следењето на бродовите кои влегуваат и излегуваат од Ормускиот теснец не е прецизна наука и дополнително е отежнато од интензивно попречување на сигналите во тој регион, како и од фалсификување на сигналите.
Уште три брода, според она што може да се заклучи, исто така во четвртокот го напуштиле Персискиот Залив низ теснецот, но по јужна рута долж брегот на Оман, и најверојатно се во оманско сопствеништво.
Бродот Криби може да пренесе околу 5.000 TEU (стандардни контејнерски единици од 20 стапки), а податоците покажуваат дека е длабоко во вода, што укажува дека е полн со товар. Тој е помал од бродовите со капацитет од скоро 19.000 TEU на кинеската државна компанија „Коско“ (Cosco Shipping Corp.), кои неодамна го напуштија Персискиот Залив преку Ормускиот теснец. Двете компании се клучни членови на алијансата за контејнерски транспорт, спогодба што им овозможува да споделуваат рути и простор на бродовите.
Извор: zurnal.mk


