Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со Артур Лорковски, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница, на која се разговараше за следните чекори во трансформацијата на македонскиот енергетски сектор.

Како што информираше Божиновска, на средбата биле разгледани приоритетите на државата во енергетиката, со фокус на создавање стабилен и сигурен енергетски систем, забрзување на процесот на декарбонизација и посилна интеграција на земјата со европскиот енергетски пазар.
„Нашата цел е јасна – стабилен и сигурен енергетски систем, побрза декарбонизација и посилна интеграција со европскиот енергетски пазар“, истакна Божиновска.

На состанокот присуствувале и директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, како и заменик-директорот на МЕПСО, Александар Пауновски, со кои биле разгледани конкретните активности и чекори што треба да се реализираат во наредниот период.
Според Божиновска, Македонија веќе презема конкретни мерки кон создавање помодерен, почист и поотпорен енергетски систем, кој ќе обезбеди долгорочна стабилност и сигурност за граѓаните.
„Енергетската транзиција не е само политика – таа е пат кон енергетска стабилност, независност и сигурна иднина за граѓаните“, порача министерката.
Извор: zurnal.mk


