Божиновска: Македонија има минерален потенцијал кој мора научно да го истражиме и ставиме во функција на развојот

September 10, 2026
2 mins read

Каталог на минерални суровини, нови истражувачки капацитети, критични минерали и македонскиот рубин меѓу приоритетите на соработката.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска оствари работна средба со раководството и професорите од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, на која беа отворени конкретни теми за унапредување на минералниот сектор преку посилно поврзување на институциите, науката и економијата.

Средбата со  ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, придружуван од раководството на Универзитетот. е дел од заложбата на Министерството за создавање модерен, научно поткрепен и одржлив систем за управување со минералните ресурси на Македонија, во кој знаењето и истражувачкиот потенцијал на универзитетите ќе имаат директна улога во креирањето и спроведувањето на политиките.

Како една од клучните иницијативи на состанокот беше истакната изработката на сеопфатна мапа на геолошките истражувања во Македонија, како и промоцијата и заштитата на природните ресурси на земјата. Започнување на процесот за изработка на Каталог на минерални суровини на Република Македонија и мапа на геолошките истражувања, значаен инструмент за систематско евидентирање, истражување, промоција и валоризација на минералниот потенцијал на државата.

„Македонија има минерален потенцијал кој мора да го познаваме, научно да го истражиме и одговорно да го ставиме во функција на економскиот развој. Не можеме да зборуваме за современо рударство без наука, технологија и силни институции. Затоа го поврзуваме Министерството со универзитетите и создаваме услови знаењето да стане двигател на развојот“, истакна министерката Божиновска.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски, потенцираше дека УГД располага со врвни просторни и научни капацитети кои можат да се стават во служба на државата и граѓаните.

„Универзитетот регионално располага со еден од најдобрите лабораториски центри во оваа сфера и има големо научно искуство. Науката мора активно да учествува во сите промени, енергетската транзиција и справувањето со климатските промени. Со брзи, ефикасни и прецизни решенија, со поддршка од државните институции и индустријата, можеме да го подобриме квалитетот на животот и поефикасно да ги искористиме ресурсите со кои располагаме“, изјави ректорот Мираковски.

На средбата беше разговарано и за заедничка подготовка и аплицирање на проекти пред европските фондови, со фокус на научноистражувачка работа, развој на иновативни технологии, заштита на животната средина, одржливо користење на природните ресурси, зелена транзиција и зајакнување на истражувачките капацитети.

Особено значајна е можноста УГД да се вклучи во активностите поврзани со заштитата, истражувањето и промоцијата на македонскиот рубин, минерално богатство со посебно национално значење. Со вклучување на научната заедница, неговото значење може да се надгради не само како заштитено геонаследство, туку и како дел од пошироката научна, културна и економска промоција на Македонија.

Министерството и УГД разговараа и за унапредување на истражувачката и аналитичката инфраструктура во областа на геологијата, рударството и минералните суровини.

Во фокусот на разговорите беа и ретките земји и критичните минерални суровини, кои имаат сè поголемо стратешко значење за европската и глобалната економија. Во таа насока беше истакната потребата од подготовка на посебна програма за истражување и развој, како и реализација на мерките предвидени со Акцискиот план од Стратегијата за развој на енергетика, рударство и минерални суровини 2026–2046.

„Критичните минерали се иднината на современата индустрија, енергетиката и зелената транзиција. Ако сакаме Македонија да биде дел од новите европски синџири на вредност, мора да инвестираме во истражувања, лаборатории, кадар и технологии. Ова е долгорочна инвестиција во економската и ресурсната сигурност на државата“, нагласи Божиновска.

Во делот на енергетиката и зелената транзиција беа разгледани и можности за реализација на фотоволтаични системи во земјоделството, со кои би се овозможило производство на чиста енергија, поефикасно користење на земјоделските ресурси и зголемување на конкурентноста на земјоделскиот сектор.

Во разговорите посебно внимание беше посветено и на улогата на Универзитетот во подготовката на нови кадри за потребите на современата енергетика и зелената транзиција. Развојот на обновливите извори на енергија, системите за складирање на енергија, агроволтаиците и одржливите технологии отвораат нови можности, но и создаваат потреба од стручен и квалификуван кадар. Соговорниците се согласија дека поврзувањето на академската заедница, институциите и реалниот сектор е клучно за создавање кадар преку развој на современи програми, практична настава и нови можности за студентите да стекнат знаења и вештини кои директно ќе одговорат на потребите на енергетскиот сектор.

Средбата потврди дека науката и институциите мора да работат заедно ако сакаме минералниот и енергетскиот потенцијал на Македонија да биде претворен во реален економски потенцијал.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Универзитетот „Гоце Делчев“ продолжуваат со координација на конкретните активности, со заедничка цел – повеќе знаење, повеќе истражувања, модерно и одржливо рударство и поголема додадена вредност од природните ресурси на Македонија.

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Димитриеска-Кочоска на „Охрид 2026“: Фискалната дисциплина не значи откажување од развојот, стабилноста и растот мора да се градат заедно

Следно

ПОРНО ЅВЕЗДА, ПРИПАДНИК НА СЕКТА И ФУНКЦИОНЕР НА „ШТАЗИ“ на пратеничката листа на АФД

Latest from Blog

Силен земјотрес го погоди Нов Зеланд

Земјотрес со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди Нов Зеланд, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC). Епицентарот на земјотресот бил на Северниот остров, на длабочина од 280 километри и

Берзански промет од 11,4 милиони денари, најголем интерес за Комерцијална банка

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза. Тргувањето на Македонската берза на 15.10.2026 заврши со пад на индексот МБИ10, кој изнесуваше 9.056,22 поени. Во однос

Коњановски: Руралната жена е силата на Пелагонија и чувар на традицијата

Улогата на жените во земјоделството, зачувувањето на традицијата и можностите за современо производство беа во фокусот на манифестацијата „Рурална жена – силата на Пелагонија“, на која денеска присуствуваше градоначалникот на Битола, Тони

Вчера донесе голема победа во Рим, а веќе денес се шпекулира дека ќе го напушти Реал Мадрид?!

Антонио Ридигер би можел да го напушти Реал Мадрид на крајот од сезоната, а како една од можните дестинации се споменува Тотенхем. Искусниот германски дефанзивец има договор со „кралскиот клуб“ до летото

Мицкоски: „Кромберг и Шуберт“ го проширува производството, очекуваме над 400 милиони евра извоз

Компанијата „Кромберг и Шуберт“ започнува нов инвестициски проект во Битола за производство на автомобилски компоненти за „Ауди“, со кој се планирани 2.000 нови работни места во следните четири години, соопшти премиерот Христијан
Go toTop