Стравот е централна тема на новите мемоари на американскиот новинар Боб Вудворд, познат по неговата истрага за аферата Вотергејт, но и по неговите книги за американските претседатели. Во книгата „Тајни: Мемоари на еден новинар“, тој пишува за стравовите од детството, нуклеарното оружје, војните и неговата професионална потрага по вистината.
Во интервју за „Гардијан“, Вудворд зборуваше и за американскиот претседател Доналд Трамп, кого постојано го критикуваше во своите претходни книги.
На прашањето дали Трамп сè уште го плаши денес, тој одговори потврдно.
„Трамп е опасност, не само за Соединетите Американски Држави, туку и за целиот свет“, рече Вудворд, издвојувајќи го започнувањето војна против Иран како еден од најважните потези на сегашниот претседател.
Тој оцени дека традицијата на американската надворешна политика е САД да започнуваат војни кога ќе бидат нападнати, а не самите да ги иницираат.
„Иран не е добар режим, но традицијата на Соединетите Американски Држави што се покажа како успешна е да започнуваат војни кога сме нападнати. Не да започнуваат војни“, нагласи Вудворд.
Трамп е полош од Никсон
Вудворд потсети на улогата на републиканските лидери во заминувањето на Ричард Никсон од претседателската функција по аферата Вотергејт. Тој особено го издвои сенаторот Бери Голдвотер, кој му рече на Никсон дека нема доволно гласови за да избегне импичмент и да остане на власт.
„Можете ли да замислите некој да му се спротивстави на Трамп на тој начин? Тоа не се случува“, рече Вудворд.
Тој оцени дека Републиканската партија ја заштитила земјата и институциите за време на Никсон, додека сега, според него, не покажува подготвеност да се спротивстави на Трамп.
„Трамп е кошмар. Тој е многу полош од Никсон. Започнувањето и продолжувањето на војната во Иран е едно од нештата по кои ќе се памети, а тоа претставува огромна опасност“, рече новинарот.
Тој, исто така, ги признава сопствените грешки
Во мемоарите, Вудворд, исто така, се осврнува на известувањето за американските војни, вклучително и инвазијата на Ирак. Меѓу сопствените професионални пропусти, тој го издвои тоа што не ги проверил доволно критички тврдењата на администрацијата на претседателот Џорџ Буш помладиот за постоењето на оружје за масовно уништување во Ирак. Овие тврдења подоцна се покажаа како лажни и беа искористени како оправдување за војната.
Вудворд рече дека на Соединетите Држави им се потребни лидери кои се двоумат пред да употребат воена сила, како поранешниот државен секретар Колин Пауел.
„Ни требаат луѓе кои не сакаат да одат во војна. Боже, само да можевме еден ден да имаме претседател на САД кој не сака да започнува војни и разбира дека моќта на големата американска војска најдобро е да се чува како последно средство“, рече тој.
Клер Мекмален, соработничка на Вудворд и коавторка на книгата, оцени дека Трамп не е опкружен со луѓе кои би можеле да му помогнат да донесува внимателни одлуки.
Таа истакна дека моќта на американскиот претседател е толку голема што е многу тешко да се спречи врховниот командант на вооружените сили да започне војна.
Вудворд посебно го спомена генералот Марк Мили, поранешниот началник на Здружениот генералштаб на вооружените сили на САД, кој јавно го критикуваше Трамп и го нарече фашист до срж. Мили се пензионираше за време на мандатот на Џозеф Бајден, а Трамп го отстрани од неговата советничка позиција по враќањето во Белата куќа.
Вотергејт и новинарските правила
„Тајни“ е 24-та книга на Вудворд, напишана самостојно или во соработка со други автори. Посебно место во неговата кариера зазема истрагата за аферата Вотергејт, која ја спроведе со својот колега Карл Бернштајн за „Вашингтон пост“. Нивното известување откри обид за прикривање на провалата во седиштето на Демократската партија, што на крајот доведе до оставка на Никсон во 1974 година.
Во своите мемоари, Вудворд пишува и за личните искуства што го обликувале неговиот живот. Тој ги опишува семејните проблеми од неговото детство, заминувањето на неговата мајка од семејството и чувството на осаменост што го придружувало.
„Мислам дека од тоа произлегоа две работи: осаменост и независност“, рече Вудворд, додавајќи дека обете искуства влијаеле и на неговиот приватен живот и на неговата новинарска кариера.
Книгата содржи и совети за новинарите: бидете присутни на местото на настанот, разговарајте со луѓето и секогаш проверувајте ги фактите. Вудворд, исто така, признава грешки од својата кариера, вклучувајќи го и случајот со новинарката на „Вашингтон пост“, Џенет Кук, чија приказна за дете зависно од хероин во 1980 година се покажа како измислена.
Зборувајќи за Трамп, Вудворд истакна дека добро го запознал за време на неговиот прв претседателски мандат, кога поминал неколку часа разговарајќи со него.
„Тој е многу вешт. Остава впечаток дека ви се отвора, и навистина го прави тоа, но во рамките на границите што си ги поставил“, рече новинарот.
На крајот од разговорот, тој повторно се врати на војната против Иран, предупредувајќи дека Трамп, според него, продолжува да донесува одлуки што не се во интерес на САД, туку им служат на неговите лични интереси.
Идејата дека претседателот на Соединетите Американски Држави започнува војна без причина е целосно надвор од традицијата на американските претседатели. Тоа го прави најлошиот претседател во историјата“, заклучи Вудворд.
Извор: nezavisen.mk
Целиот текст прочитајте го тука

