Автопатите на „Бехтел и Енка“ заглавуваат и во судови

June 3, 2024
3 mins read

Наместо градежна експанзија, експанзија на незадоволство се случува на дел од теренот на кој треба да се гради автопатот Прилеп – Битола, откако жителите на прилепско ја блокираа работата на американско -турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Тоа е конзорциумот што треба да работи на изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10д, со вкупна должина од 109 километри.

Прилепското село Ореовец е втора локација од почетокот на 2024 година на која работата е забавена или стопирана затоа што локални жители се противат на постапки преку кои треба да се подготви теренот за градење.

Таму, жителите сега не пуштаат да поминат ниту механизација ниту работници за минирање и за ископ.

Пред пет месеци „бунт“ имаше и во селата Горна и Долна Бањица кај Гостивар. Проблемот во гостиварско настана поради експропријација на ниви за потребите на изградбата.

На техничките проблеми, проблемите со експропријација на земјиштето и сомнежите за коруптивни елементи во договорот се надоврзаа и судски постапки, поради што изградбата на делниците е – неизвесна.

Дополнително, конзорциумот неодамна побара помош за да обезбедат 4.000 општи работници и инженерски кадар, кои ќе бидат потребни да се заврши проектот. Од Стопанската комора одговорија дека Комората не може да им понуди работници, туку само квалитетни компании кои под еднакви услови со конзорциумот можат да ја завршат работата на автопатиштата.

Се бара времена мерка за забрана на градежни активности во прилепско

Основниот суд од Прилеп денеска, на 3 јуни треба да излезе со вештаци за да бара докази дали „Бехтел и Енка“ со ископ на материјал предизвикува штети за луѓето, за животната средина и за објектите во Ореовец со подготовката на терен за градба на автопатот Прилеп – Битола.

Во исто време, до Уставниот суд е поднесена иницијатива за оспорување на уставноста на членови од Законот за изградба на автопатите, вели Жарко Стевановски, адвокат на жителите.

„Терминот е закажан, судија ќе излезе на терен со вешти лица за обезбедување докази. Увидот ќе се врши на отворениот коп над Ореовец. на лице место ќе побараме времена мерка за забрана на градежни активности“, вели Стевановски за РСЕ.

Во исто време, тој до Уставниот суд поднел и иницијатива за оспорување на уставноста на членови од Законот за изградба на автопатите. Преиспитување на уставноста се бара затоа што жителите сметаат дека се нарушени најмалку три темелни вредности на Уставот, а едно од нив е правото на здрава животна средина, како што рече Стевановски.

Владата минатата 2023 година одобри 15 милијарди денари односно 243 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д, средства што беа предвидени со буџетот на Министерството за транспорт и врски.

Вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, без парите за експропријацијата и проектирање

Новата Влада има нови планови за автопатите

Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има нови планови за договорот со „Бехтел и Енка“, според тоа што го најави Христијан Мицкоски, иден премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на 16 мај.

Тој рече дека има две опции за договорот – да се раскине или да се репреговара.

„Едната опција е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат. Втората е да се оптимизира договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот. Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран, но ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одерена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Мојата порака е дека како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“ изјави Мицкоски на 16 мај.

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ и претходната влада на Северна Македонија (СДСМ-ДУИ) на 8 март 2023 година склучија договор за изградба на четири автопатски делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола). Поради горкото искуство со градбата на претходните автопати, кои се градат со години и не им се гледа крајот, владата се одлучи новите патишта да се градат по принципот „клуч на рака“.

За таа цел беа сменети и неколку закони, меѓу кои и тој за експропријација, па сега постапката е забрзана. „Бехтел и Енка“ нема да мора да чекаат правосилност на одлуката за експропријација, туку може да располагаат со имотот штом одлуката за експропријација стане конечна.

За експропријација на приватниот имот државата планира да потроши 300 милиони евра. Според најавите на функционерите од пред повеќе од една година, дополнителни 1,3 милијарди евра ќе бидат потребни за да се изградат 109-те километри пат. Рокот е 57 месеци.

За изградба на автопатите беше заобиколен Законот за јавни набавки, и беше донесен нов закон за договор во „четири очи“. На Уставен суд падна член од законот поврзан со работнички права. Еден обид за избор на надзор на изградбата пропадна, откако победи фирма на која ѝ најдоа „руска врска“. На вториот тендер, пак, победи конзорциум што се доведува во врска со корупциско – дипломатски скандал.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, пак, отвори предмет по допрен глас за јавната набавка за избор на фирма за надзор на градби на коридорите 8 и 10Д. Обвинителството го анализира и првиот склучен, па поништен договор за надзорот, и вториот кој беше подоцна распишан.

Склучениот договор не е ставен на увид на јавноста, не е познат голем дел од содржината. Антикорупциската комисија (од претходниот состав) предупреди дека токму ваквите договори со странските градежни компании отвораат простор за коруптивни активности од страна на оние што ги склучуваат.

Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

СЕ ОЖЕНИ ПОЗНАТИОТ МИЛИЈАРДЕР: Мардок по петти пат кажа „ДА“ на 93 години, невестата помлада 26 години од него

Следно

Шолц разговараше со Нетанјаху: Изразена е загриженост поради регионален судир

Latest from Blog

Откажан Самитот на лидерите на Западен Балкан во Неум, пропаднал тендерот за организација

Советот на министри на БиХ го откажа Самитот на лидерите на Западен Балкан во Неум, бидејќи пропадна тендерот за организација на овој настан, потврдено е за Klix.ba. За организатор е избрана фирмата

Шукова, Чупеска и Костова се избрани за потпретседатели на СДСМ

Централниот одбор на СДСМ вечерва на седница на избра потпретседатели и генерален секретар на партијата. За генерален секретар на партијата е избран Александар Димитриевиќ, нови потпретседатели се Кристина Костова од Штип, поранешната

Поддржувачите на ПКК се судрија со полицијата во Лондон по апсењата во истрагата за тероризам

ЛОНДОН (АА) – Приврзаниците на терористичката организација ПКК денес се судрија со полицијата во лондонскиот кварт Харингеј, откако лондонската полиција уапси шест лица за поврзаност со сомнителни терористички активности поврзани со организацијата,

Што значи загрозена безбедност на јавните финансии? Објаснува Глигор Бишев

Претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев вечерва во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 објасни што конкретно значи за државата кога е загрозена безбедноста на јавните финансии. „Ние посочивме дека прекршени се фискалните правила

И покрај „Иди ми… Дојди ми“ со Косово, нема исход за екстрадицијата на Демири и Исмаиловиќ

Министерот за правда, Игор Филков, на прашањето до каде е постапката за екстрадицијата на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои македонските судови ги осудија на доживотна казна затвор за случајот ,,Монструм”, рече
Go toTop