Претседателката на ДКСК рече дека се во фаза на анализа на договорот и повтори дека на него работи поголем тим, во кој се вклучени и советници на кои веќе им се поделени задачите. Дел од нив работат на сегментот за јавните набавки, дел на прашањата поврзани со работните односи, некои се вклучени како истражители, а некои работат на анализа на законите чии измени се во собраниска процедура и треба да се донесат
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) работи со полна пареа на анализа на контроверзниот договор меѓу Владата и американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој ќе ги гради автопатиштата на дел од коридорите 8 и 10-д, изјави денеска претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.
Таа рече дека се во фаза на анализа на договор и повтори дека на него работи поголем тим, во кој се вклучени и советници, на кои веќе им се поделени задачите. Дел од нив работат на сегментот за јавните набавки, дел на прашањата поврзани со работните односи, некои се вклучени како истражители, а некои работат на анализа на законите чии измени се во собраниска процедура и треба да се донесат.
Првата антикорупционерка изјави дека сè што е поврзано со овој предмет е опфатено во нивната работа која, како што додаде, бара повеќе време и не сакаше да шпекулира со временски рокови кога ДКСК ќе заврши и ќе го каже својот збор.
„Верувајте, бара малку повеќе работа и анализа, и ние сакаме што побрзо да завршиме и да си кажеме. Не можам да кажам точен датум кога ќе биде поради тоа што е неблагодарно да се кажува, ќе речете ‘кажавте, а не сте завршиле’, работиме на тоа со полна пареа. Веднаш штом биде сè готово ќе излеземе и ќе кажеме“,
рече Ивановска одговарајќи на новинарски прашања по предавањето кое во рамките на кампањата на ДКСК за борба против корупцијата – „Бидете херои на чесноста“ денеска се одржа основното училиште „Братство“ во Скопје.
Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за договорот за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10-д по многубројните реакции што тој ги предизвика во јавноста, а беа предмет на анализи и истражувања на медиумите.
Договорот, меѓу другото, повлече и измени на дел од актуелните закони. Првично измените ги поднесоа пратеници на владејачкото мнозинство по скратена постапка, но откако тие заглавија во собраниска процедура поради големиот број амандмани од страна на опозицијата, Владата реши да поднесе нов пакет од пет закони – за работни односи, за градење, за експропријација, за урбанистичко планирање и Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија по скратена постапка, но овој пат со европско знаменце, за да се избегне блокада од опозицијата.
Три од законите – за работни односи, за градење и за урбанистичко планирање ја поминаа расправата пред надлежната собраниска Комисија за европски прашања и тие во моментов се на дневен ред на 115. пленарна седница на Собранието.
Инаку, покрај ДКСК, и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција го доби договорот со „Бехтел и Енка“ и, како што информираа оттаму на 5 мај, ќе биде предмет на анализа.
Поврзани вести:
ИЗВОР: 360stepeni.mk