Анте Поповски е вертикала на светската поезија и тоа што ние го имаме во Македонија е наша среќа и треба да ја препознаеме дури и во негово отсуство

October 27, 2023
3 mins read

Анте Поповски е вертикала на светската поезија. Тоа што ние го имаме во Македонија е наша среќа и таа среќа треба да ја препознаеме дури и во негово отсуство, рече синоќа Венко Андоновски во своето излагање по повод на Омажот посветен на 20 годишнината од смртта на поетот.

Се сметам за следбеник на Анте и за негов ученик иако јас пишувам проза и романи, а тој пишуваше поезија и есеи. Нема таков поет во Македонија кој во својата поетска леќа има инсталирано микроскоп, за микроскопски да ја гледа стварноста. Тој сака да го види невидливото. А во Библијата стои: Се што гледаме сведочи за невидливото. Во поезијата на Анте наоѓам една тивка религиозност, една проврзаност кон она што е невидливо, што не може да се види со голо око. Задача на поетот е да го види невидливото, а неговата поезија сведочи за невидливото. И тоа е универзалното значење на неговата поезија што и дава значење на светска, рече Андоновски.

Од 1959 година кога излезе од печат збирката поезија „Вардар“, Анте ја има за константа Македонија.

Сите кои ја толкуваат таа лирика како патриотска сврзана за една држава треба да имаат предвид дека Анте пее за една невидлива Македонија. Сака да ја искаже онаа Македонија која не е искажана, онаа која е милениумски проект на космосот, онаа за која тој тврдеше и дека дала еден хемиски елемент во Менделеевата табличка на елементите – Македониум. Тоа е таа составка без која космосот не може да се растајни. За него Македонија е шифрата на растајнување на космосот, посебно во „Света песна“. Во таа негова поетска круна повторно е ориентиран кон една невидлива Македонија и повторно говори за неименливото и невидливото што го викаме Македонија, истакна Андоновски.

Тајните древни писма се третата опсесија на Поповски.

Анте беше обземен од писмото како феномен. И ако навистина се погледне цивилизациски, тоа е можеби најголемиот изум досега во човековиот живот. Писмото е меморија и Анте веруваше дека поезијата е најпотентно писмо. Тврдеше дека ниедна историја на ниеден народ не може да запомни толку колку што може една поезија. Запишувањето е клучно за Анте, тој се плашеше дека нешто ќе се заборави, дека нешто нема да се пренесе на поколенијата. Ни остави книга која се вика „Записи од дамнина“. Ги извади од средновековните евангелија записите што се на маргините, што оние препишувачи со ноќи и ноќи работеле и не смееле да сменат ништо во преписот, ги најде нивните изблици на индивидуалност што ги запишале на маргините под сериозна закана да бидат казнети зошто не смее да се остава личен запис на светите книги. За мене ова е исклучителна книга, во нив се наоѓа првата македонска стилска фигура, првата метафора, а тоа се анонимни препишувачи кои имале поетски талент. И тоа ќе останеше невидлив ако Анте не ни го укажете. Круна на тие записи е една мала белешка на магрините на една мала песна – некој препишувач вели дека бил многу изморен, дека некоја калуѓерка Теодосија му донела вино и последниот стих е: „Очи ми се отворише“, ама тоа „О“ во „очи“ е напишано со црнка, со зеница внатре. Визуелната поезија се појави во втората половина на дваесеттиот век, а Анте ја извлече во тие записи од нашето средновековие. Зарем треба нешто повеќе од тоа да се каже за да се сфати мисијата на овој човек, кој навистина беше ориентиран кон тоа невидливо, рече Андоновски.

Анте сметаше дека мора да се остави трага за Македонија. И неговата поезија која е капитална од светски ранг, таков поет беше и Анте, секогаш настанува не од ништо, туку од недостиг. Зад сите стихови на Анте Поповски стои тага за изгубената прапостојбина, место кое е извор на Македонија и на тој Македониум, неговата поезија се раѓа во меланхолична болка што доаѓа од свеста за нешто загубено, кое се открива преку стари писма, преку симболи, архетипови, записи од дамнината, равенки во поезијата…

Книжевноста ни е дадена за да сме утешиме што сме смртни, велеше Анте, а вечерва сум убеден дека не гледа одозгора, а под мишка го носи единствениот уникате часовник на светот кој не мери време туку вечност, заврши Андоновски.

 

Настанот се одржа во КИЦ- Скопје, во организација на Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски, „Антево перо“ како дел од шестото издание на меѓународната поетско-културна манифестација, што се одржува во чест на македонскиот книжевен великан и го носи неговото име.

Присутните може да чујат дел од првото пеење „Каин и Авел“ од грандиозното дело на Поповски „Света песна“ во изведба на артистката Софија Гогова-Врчаковска, на која потоа ѝ беше врачено признанието „Антева златна книга“, кое се состои од поетски творби од Анте Поповски во кожен повез, испишани со неговиот оригинален ракопис.

Во чест на поетот беше промовирана комбинирана веб-страница, која содржи многубројни значајни податоци за творештвото на Анте Поповски, за Здружението, кое се грижи за чување и афирмација на неговото дело и оставнина, како и за реализацијата на шесте досегашни изданија на меѓународната манифестација „Анте Поповски – „Антево перо“.

 

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ИЗВОР: republika.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

„Алкалоид“ две децении дел од најреномираниот глобален фармацевтски собир CPhI

Следно

Авдивка и скршениот руски морал

Latest from Blog

Македонските ракометарки го освоија првиот бод на ЕП 2024

Македонската женска ракометна репрезентација вечерва одигра нерешено, 25:25 со Турција во 2. коло на Европското првенство 2024. Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски лошо го отворија натпреварот и по 20-ина минути имаа негатива

Прекин на струја во Битола: Снегот предизвика дефекти, екипите на терен

ЕВН известува дека на подрачјето на општина Битола има прекини во снабдувањето со електрична енергија на повеќе локации. Сите достапни екипи се на терен и веќе работат на санирање на дефектите. Издадени
Go toTop