Ана Дурловски за концертот на „Кармина Бурана“ во Солун: Атмосфера полна со возбуда и почит

July 3, 2025
4 mins read

Да се најдеме на иста сцена со колеги од различни земји, а да зборуваме на ист јазик, јазикот на музиката, е потсетување дека припадноста на Балканот не мора да значи поделба, туку богатство на различности, изјави сопранистката Ана Дурловски за МИА по заедничкиот концерт на нашата и филхармониите на Софија и Солун.

Околу 250 музичари од трите земји, во понеделникот (30 јуни), вторпат заедно настапија во регионалниот проект и ја изведоа музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф во преполната сала на домаќинот – Државниот симфониски оркестар од Солун, со што заврши и неговата годинашна концертна сезона. 

Покрај нашата оперска дива, солисти на сцената и овојпат, како и на премиерната изведба во Софија, на 17 февруари во Националниот дворец на културата (НДК), беа нејзините колеги од двете соседни земји – баритонот Иво Јорданов од Бугарија и контратенорот Николас Спанос од Грција.

Настанот имаше иста програма и ист оркестар заедно со хор, овојпат водени од грчкиот диригент Михалис Иконому, (во Софија диригент беше маестро Најден Тодоров), а во оваа пригода настапи друг детски хор. 

Атмосфера полна со возбуда, но и со почит

– Публиката беше исклучителна. Со топла и искрена реакција како и силна позитивна енергија. Се чувствуваше таа размена меѓу сцената и салата. Атмосферата беше полна со возбуда, но и со почит. Во такви моменти, музиката не е само изведба, таа станува заедничко доживување. Секоја изведба има свој живот, а оваа, во Солун, беше со свои уникатни обележја. Темпата, акцентуација и внатрешната динамика беа поинакви, гледано од интерпретацијата на диригентот. Но, она што беше заедничко, и во Солун и во Софија, беше страста и целосната посветеност на сите учесници. Двете изведби беа моќни на свој начин и оставија силен впечаток и кај публиката и кај нас изведувачите, вели нашата солистка споделувајќи ги впечатоците по настапот.

Ана Дурловски

Идејата беше проектот да биде претставен во трите држави, но засега, вели таа, не е закажана изведба во Македонија.

-Но, идејата постои и навистина вреди да се реализира. Нашата публика заслужува да ја доживее оваа исклучителна изведба со целата нејзина моќ и убавина. Се надевам дека наскоро ќе имаме можност повторно да ѝ се вратиме и да ја споделиме со што е можно повеќе луѓе, додава Дурловски.  

Задоволна е од соработката со нејзините колеги, солистите од Бугарија и Грција –  Иво Јорданов и Николас Спанос, нагласувајќи дека музиката добива душа кога се работи со врвни професионалци и со вистински личности. 

– Соработката со моите колеги беше вистинско уживање. Нè поврзува длабоко пријателство и искрена почит кон уметноста како и кон индивидуалните кариери на секој од нас. Тоа се чувствуваше и на пробите и на сцена. Имаше меѓусебна доверба, внимателно слушање и силна уметничка солидарност. Кога си опкружен со луѓе кои не само што се врвни професионалци, туку и вистински личности, тогаш музиката навистина добива душа, вели нашата сопранистка. 

„Кармина Бурана“ носи порака на заедништво и доверба

Како што наведоа од Филхармонија на Северна Македонија по повод гостувањето, „Кармина Бурана“ е едно од најголемите музичко-сценски дела кое има статус на музички „бестселер“ на 20 век и вклучува хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство – „иконично дело инспирирано од средновековната поетска антологија Codex Buranus, кое по премиерата во 1937 година во Германија предизвикало сензација“. 

Не бил случаен, вели Дурловски, изборот на оваа кантата од германскиот композитор Карл Орф како заеднички проект на трите филхармонии. 

– Ова дело зборува за универзални теми како судбината, љубовта, страста, радоста и болката, сè она што нè поврзува како луѓе, без разлика на јазик или националност. Неговата музика е интензивна, директна и моќна, совршена платформа за да се обединиме како уметници од различни земји и култури. Во време кога светот сè повеќе се дели, ние преку ова дело испративме порака на заедништво и доверба. Трите филхармонии, секоја со својот идентитет и звук создадоа едно тело што дише како едно. И таа сила на заедничко творење, особено кога се гради преку музика, има моќ да допре многу подлабоко од зборовите, истакнува Дурловски во разговор за МИА.

Симбол на можноста за вистинско регионално поврзување

Таа истакнува дека лично за неа овој заеднички проект е „многу повеќе од една уметничка соработка“. 

– Тој е симбол на можноста за вистинско регионално поврзување преку уметноста. Во време кога границите раздвојуваат, музиката покажува дека постои друг пат. Идеја на заедничко творење, заемна почит и културна синергија. Да се најдеме на иста сцена со колеги од различни земји, а да зборуваме на ист јазик, јазикот на музиката е потсетување дека припадноста на Балканот не мора да значи поделба, туку богатство на различности, вели таа. 

А, дали ова е, на некој начин, возобновување на Балканската филхармонија која, составена од балкански музичари, имаше неколку концерти на почетокот на веков, Дурловски смета – „може да се каже дека овој проект е чекор кон возобновување на духот на Балканската филхармонија“.

– Можеби не формално, но суштински. Да се поврземе преку уметноста, да создаваме заедно и да изградиме културна платформа која не познава граници. Уметноста отсекогаш била чекор пред политиката, порачува нашата оперска дива. 

Поентата на оваа соработка и пораката за пријателство меѓу народите што ја носи проектот ја потенцираше и директорот на Државниот оркестар од Солун,  Симос Папанас, кој во обраќање пред публиката истакна: „Најголем неуспех на човештвото е војната, а тоа значи дека сме доживеале очаен неуспех во меѓусебната комуникација“.

– Тука, на Балканот, го научивме ова на тешкиот начин. Сите сме тука денес за да се потсетиме дека нашите разлики се сосема незначителни во споредба со сите работи што нè обединуваат и сите работи што ги споделуваме заедно, истакна Папанас.

Одличната соработка на музичарите од трите соседни земји, која беше поздравена со овации од присутните на концертот во Солун, доби поддршка и позитивни реакции во нашата јавност. 

Меѓу нив и од нашиот баритон Игор Дурловски, животниот и професионален сопатник на Ана Дурловски, кој на Фејсбук им честиташе на музичарите за „моќната заедничка изведба“ со коментар: „Видовме ‘Отворен’ Балкан по наш терк во кој културите не се натпреваруваат туку се надополнуваат“.

Секој проект носи ново уметничко искуство

Сопранистката со богата интернационална кариера Ана Дурловски во моментов интензивно се подготвува за рецитал по повод роденденот на фестивалот „Охридско лето“  и нагласува дека тоа ѝ е особено близок и личен настан. Ни ги откри и нејзините следни професионални ангажмани.

– Ме очекува изведба на Германски реквием од Брамс во Богота, Колумбија, дело што веќе е на мојот репертоар. Потоа следува концерт во Осака, Јапонија, во рамки на светската изложба ЕКСПО – настан од глобален карактер, каде музиката станува дел од интеркултурниот дијалог. А, како круна на оваа сезона, би ја издвоила големата премиера на еден извонредно амбициозен проект – операта „Големата тишина”, специјална музичко-сценска композиција базирана на Моцартов материјал, во продукција на Операта во Хамбург, наведува Дурловски за МИА. 

Како што вели, секој од овие проекти ѝ носи ново уметничко искуство, и кон секој пристапува со особена уметничка љубопитност. 

– Навистина сум благодарна што мојата кариера ми овозможува да бидам дел од значајни проекти на различни сцени, заклучува Ана Дурловски.

Хатка Смаиловиќ

Фото: Државен симфониски оркестар Солун  / Приватна архива на Ана Дурловски 

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Следуваат температури и над 40 степени, ИЈЗ со апел и препораки за заштита од топлото време

Следно

Приведен возач од Злетово – возел пијан и излетал од патот!

Latest from Blog

Шефовите на дипломатиите на Египет и Сирија разговараа за најновите политички и безбедносни случувања во Сирија

АНКАРА (АА) – Египетскиот и сирискиот министер за надворешни работи разговараа телефонски за најновите политички, економски и безбедносни случувања во Сирија, јавува Анадолу. Египетскиот министер за надворешни работи, Бадр Абделати, ги слушна

Забрчанец: Имавме серија потврди за македонскиот идентитет од 2017 до 2024 – дали иницијативите на Мицкоски се осмислени за да не успеат?

Додека европратениците се подготвуваат да го избришат спомнувањето на „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од годишниот извештај, македонскиот премиер Христијан Мицкоски во домашната јавност настапува со „иницијативи“ за нивна меѓународна верификација. Во

Зеленски во ненајавена посета на Данска во момент кога го презема претседателството со ЕУ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неочекувано пристигна во Данска, а телевизијата ТВ 2 објави видео на кое се гледа како тој утрово слетува на аеродромот во Архус. Делегација на Европската комисија, предводена од
Go toTop