Артан Ајро ќе се пресели од ОЈО ГОКК во Вишото обвинителство, а Гоџоска, која инаку му е сестра на ексминистерот Тупанчески, досега беше обвинителка во ОЈО Скопје
Советот на јавни обвинители денеска уште еднаш не и даде доверба на обвинителката Ленче Ристоска која беше меѓу кандидатите за виши обвинители, а извисија и нејзиниот колега од СЈО, Љубомир Лапе и обвинителот Дарко Јакимовски. Поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, пак, конкурираше за во републичкото обвинителство, но не беше избрана
За во тимот на Абази, Милица Гаврилова доби уште еден мандат, а организиран криминал отсега ќе гонат и две обвинителки од основните обвинителства во Скопје и Охрид. Заменичката на Катица Јанева во СЈО, пак, повторно не беше избрана во ОЈО ГОКК, но сега ќе биде нова шефица на гостиварското обвинителство
Повеќе јавни обвинителства во земјава денеска добија нови кадри по огласите кои изминатиот период беа распишани од страна на Советот на јавни обвинители.
На нови позиции откако ќе положат заклетва ќе се преселат Елвин Вели и Наталија Тасевска. Двајцата досега беа во Вишото јавното обвинителство (ВЈО) Скопје, а денеска беа избрани за обвинители во републичкото обвинителство.
Нивниот избор нема да го ослаби скопското ВЈО во однос на бројноста бидејќи Советот денеска избра и двајца нови виши обвинители – Артан Ајро и Наташа Гоџоска.
Ајро е познат по тоа што беше дел од тимот на СЈО, а по згаснувањето, потоа беше избран за обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Гоџоска, пак, досега беше обвинителка во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје. Таа му е сестра на поранешниот министер за правда Никола Тупанчевски.
Ленче Ристоска и Вилма Русковска извисија
За местата во републичкото обвинителство за кои беа избрани Вели и Тасевка беа пријавени уште четири обвинители, но тие не ја добија довербата од членовите на Советот. Меѓу кандидатите беше и поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, која откако не беше избрана за нов мандат на ова обвинителство се врати во ОЈО Скопје.
Другите три имиња кои беа конкуренти за во републичкото се: Валентина Стојановска, Даница Монева и Златко Биковски.
Кандидатура за место во хиерархиски највисокото обвинителство имаше и Ислам Абази, но таа беше повлечена зашто тој во меѓувреме беше избран за шеф на ОЈО ГОКК.
Поголема конкуренција, пак, имаше за местата на кои беа избрани Ајро и Гоџоска. На списокот кандидати за виши обвинители во Скопје имаше уште десет имиња, но тие не ја добија довербата од Советот.
Најзвучното име меѓу нив е поранешната обвинителка во СЈО, Ленче Ристоска, на која ова не и прв обид да стане виша обвинителка. Таа периодов беше актуелна во јавноста по изнесените критики на адреса на Советот на јавни обвинители.
Кандидат беше и нејзиниот колега од СЈО, Љубомир Лапе, како и обвинителот Дарко Јакимовски кој меѓу попознатите предмети го води случајот со автобуската несреќа на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, а го застапуваше и предметот за обидот за убиство на Зијадин Села при упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
Преостанатите кандидати за виши обвинители кои не беа избрани се: Зоран Марковски, Спасенка Андонова, Владимир Милошески, Наташа Сарамандова, Јован Серафимовски, Златко Биковски и Расим Деца.
Во тимот на Абази во ОЈО ГОКК доаѓаат обвинителки од Скопје и Охрид
Додека Артан Ајро ќе го напушти ОЈО ГОКК, Советот на јавни обвинители денеска избра три обвинителки за тимот со кој менаџира Ислам Абази, а што треба да гони организиран криминал и корупција.
Една од нив е Милица Гаврилова која и досега работеше во ОЈО ГОКК и денеска доби уште еден мандат. Останатите две, пак, досега работеа како основни обвинителки.
Една од нив е Верица Бержецка-Крстева, која досега беше обвинителка во ОЈО Скопје, додека другата е Оливера Проеска, која на новото работно место ќе дојде од Основното обвинителство во Охрид.
Меѓу кандидатите кои беа на списокот, но не беа избрани се: Газменд Мехмети, Елизабета Јосифоска, Александар Марковски и Владимир Милошески.
Јосифоска не доби мандат за организиран криминал и корупција, но стана шефица на ОЈО Гостивар
Обвинителката Елизабета Јосифоска е позната по тоа што и таа беше дел од СЈО и беше заменичка на Катица Јанева. По згаснувањето на Специјалното, таа се врати во матичното обвинителство во Гостивар, но последниот период беше упатена на работа во ОЈО ГОКК.
И на претходниот оглас таа конкурираше за и официјално да добие мандат за обвинителка во ова обвинителство, но и тогаш како и сега не беше избрана. Меѓутоа, денеска како единствена кандидатка беше изгласана за шефица на Основното јавно обвинителство Гостивар.
Денеска имаше и избори на основни обвинители за обвинителствата во Скопје и Кавадарци.
За пет места во ОЈО Скопје беа пријавени шест кандидати, а Советот одлучи да ги избере: Зоран Здравев, Ирина Спасовска, Емилија Мизо Димков, Фатмир Муса и Ајбејан Ајдини. Кандидатот кој отпадна, пак, беше Игор Димитровски.
За обвинителка во ОЈО Кавадарци како единствена кандидатка беше избрана Елена Манчева-Костова.
ИЗВОР: 360stepeni.mk