Според анализите објавени во дел од српските медиуми, во машинеријата на социјалните мрежи, со над 14 000 лажни профили кои ги величаат политиките на Вучиќ и власта, а ги напаѓаат неистомислениците, управувале над 3 000 луѓе од различни градови во Србија
„Срам ми е што не можам да ги погледам тие жени и министерот во очи. Тоа го добив од сето ова. Мојата ќерка еднаш кога дојде од училиште рече дека сите зборуваат дека тоа сум јас (зад профилот) и да не го правам тоа бидејќи не е убаво – да навредувам жени кои се нечии мајки“, сведочи поранешна активистка на СНС која бил еден од ботовите на власта
По неколку дена молк, додека српската јавност очекува одговор како и зошто некои луѓе во текот на работното време во јавните институции биле и ботови во корист на СНС, а на трошок на сите граѓани, највисоките државни и партиски функционери, вклучително и Вучиќ, одговорија со кампања под слоганот „И јас сум бот“
Афера „Ботови“ денови ја тресе Србија. Стана актуелна откако на профил на Твитер со име „Против диктатурата“ осамна список со над 14 000 прифили на Фејсбук, Инстаграм, Твитет и Тик-ток, за кои се тврди дека се под контрола на владејачката Српска напредна странка (СНС) на претседателот Александар Вучиќ и преку кои се величаат и идеализираат политиките на власта, а се напаѓаат опозицијата и неистомислениците.
Задолжени да објавуваат и коментираат од овие профили, според тврдењата, се партиски членови, но има и вработени во локалните самоуправи, министерствата и другите државни институции, училиштата итн.
„Има различни категории меѓу овие луѓе. Таканаречени хејтери кои зборуваат против опозицијата, па и против Србија со цел да испровоцираат некои други на социјалните мрежи. Други се оние кои споделуваат разноразни објави од СНС. Имате и такви кои дури се и со своето име и презиме“,
рече за Н1 ТВ експертот за медиуми и комуникации Игор Авжнер.
Сведоштво: „Ботував за работното место, навредувавме луѓе – срам ми е“
По објавувањето на списокот со профили и имиња кои раководат со нив со цел да „ботуваат“ во корист на Вучиќ и СНС, српската телевизија Н1 објави сведоштво од поранешна партиска активистка од Сурдулица, Јована Брајовиќ. Таа тврди дека била дел од една група ботови односно од „интернет тимот“ на СНС со кој лично раководел еден државен секретар.
Од СНС, вели бившата активистка, добила вработување и за потребите на партијата навредувала и понижувала не само политички неистомисленици туку и коалициски партнери, како што се членовите на Социјалистичката партија на Србија.
Во операцијата „ботување“ таа раководела со лажен профил со име Ксенија Савиќ кој бил направен за да изгледа како вистински: Пишувало дека Ксенија е родена во 1989 година, по потекло е од Ниш, а живее во Белград и студирала на Филолошкиот факултет.
„Јас го има тој главен профил Ксенија, а покрај него имав уште 10 лажни“,
сведочи таа.
Поранешната активистка сведочи дека се координирале преку група на Вибер, а на прашање дали пишувале тоа што сакале сами или добивале упатства и им било кажувано кого да навредуваат одговара:
Добивавме задачи, но вака беше – или ќе работиш или ќе добиеш отказ. Јас сум самохран родител“.
Таа на моменти раскажува и во солзи за овие задачи и вели дека навредувале и семејства на функционери. Една од жртвите им била и неврологот Александра Поповиќ која денеска е претседателка на Општината Сурдулица од партија СПС.
„Тоа е катастрофа. Јас не можам да ја погледам жената во очи. Ужас. Кога помислував дека децата плачеа, молеше да се избришат објавите“,
вели Брајовиќ која сведочи дека имала задача да навредува и други лица, меѓу кои министер.
Во интервјуто таа вели дека очекувала да добие гаранции за пристоен живот, а не добила ништо. Она што добила вели е срам.
„Да, срам ми е што не можам да ги погледам тие жени и министерот во очи. Тоа го добив. Мојата ќерка еднаш кога дојде од училиште рече дека сите зборуваат дека тоа сум јас (зад профилот) и да не го правам тоа бидејќи не е убаво – да навредувам жени кои се нечии мајки“,
вели Брајовиќ.
Анализа: Во операцијата вклучени се 3 162 лица, Крушевац, Шабац и Лесковац се жаришта на ботови
По објавувањето на списокот, порталот „Фејк њуз трагач“ објави анализа во која се опфатени податоци за тоа кои градови се најактивни жаришта на ботовите и од кои градови се управуваат најмногу профили.
„Дали оваа табела на онлајн активисти на СНС е веродостојна? Со оглед на обемноста на податоците, но и поединечните (видливи) непрецизности при внесувањето, невозможно е да се тврди дека сè што е објавено во неа е точно. Сепак, судејќи според иницијалните реакции и информации, вклучувајќи ги и податоците до кои дојде нашата редакција, нема простор за поголеми приговори на сметка на автентичноста“,
пишува на почетокот на анализата.
Анализирајќи ги податоците, порталот навдува дека според списокот, на Твитер СНС има околу 4 800 профили на располагање, додека на Фејсбук, Инстаграм и Тик-ток по околу 3 200. Едно лице е задолжено за повеќе профили преку се претставува со лажни различни идентитети, а вкупно во оваа машинерија се ангажирани 3 162 лица.
Според податоците за ангажираните лица, жариште е градот Крушевац од каде „оперираат“ 87 лица, а следен е Шабац со 70 и Лесковац со 63. Според тоа од кое место се управуваат најголем број од лажните профили, пак, прв е Шабац со 390, а потоа следуваат Крушевац со 355 и Лесковац со 277 профили.
Можат ли ботовите кривично да одговараат?
Едно од прашањата кое ги покренаа дел од медиумите во Србија се дали ботовите може кривично да одговараат. Одговорот, наведува Н1, е да, а предуслов за тоа е да има кривична пријава која би требало да ја поднесе оној што бил таргетиран. Но, по службена должност може да реагира и обвинителството.
„Во случај на ботување, потенцијално дело може да биде и повреда на работничката дисциплина – кога ботовите користат државни ресурси за партиски цели. Според истражувањето кое го спроведовме, мислам дека тоа не е толку проблем колку што е тоа што луѓето не се свесни дека им е направена некаква штета преку социјалните мрежи. Мислам дека тука голем проблем е и дека луѓето кои го правеле тоа имале чувство дека се заштитени и ништо не може да им се случи, дека никогаш нема да добијат некакви санкции. Обвинителството за високотехнолошки криминал е единствено кое има можност од страна на државата како државен орган да пристапи до ИП адресите и да направи се со цел да се дознае идентитетот на лицата кои стојат зад лажните профили. На него е целата одговорност сето ова да се процесуира“,
вели за Н1 Драгиша Чалиќ, правен советник во комитетот на правници за човекови права.
Власта започна кампања „И јас сум бот“
По неколку дена молк, додека српската јавност очекува одговор како и зошто некои луѓе во текот на работното време во јавните институции биле и ботови во корист на СНС, а на трошок на сите граѓани, највисоките државни и партиски функционери денеска одговорија со кампања под слоганот „И јас сум бот“.
Во српскиот парламент пратеникот Милимир Вујадиновиќ потврди дека и неговото име е на списокот на ботови.
„Мето име, името на колешката Драгана Лукиќ и на Томислав Јанковиќ се меѓу нив. Како ние да сме Бог знае што правеле прекриено и како да не сме отворени борци и поддржувачи на српскиот претседател и на СНС. Нема тука ништо прекриено. Сме биле и ќе продолжиме да работиме така и ние и тие 14 500 луѓе“,
рече пратеникот.
Уште еден негов колега од парламентот, пратеникот Небојша Бакарац, реагираше и ја започна кампањата „И јас сум бот“ истакнувајќи дека се гордее со тоа што опозицијата веројатно и него го сместила меѓу ботовите.
„Веројатно опозицијата и мене ме смести меѓу ботовите. Се гордеам со тоа. Кога опозициската елита противзаконито ги крши човековите права и објавува список од 14 000 луѓе, надлежните институции не реагираат, а нивните медиуми слават. Нашите активисти на социјалните мрежи ги нарекуваат ботови, а опозициските активисти ги нарекуваат борци за слобода на социјалните мрежи. Какво лицемерие, какви двојни аршини“,
реагираше пратеникот на Твитер.
Денеска следуваше и објава од претседателот Александар Вучиќ кој со фотографија со сендвич испрати порака дека и тој е бот на СНС.
По него, во кампањата се вклучи и премиерката Ана Брнабиќ со порака: „И јас“.
Извор: 360stepeni.mk