Афера „Пипергејт“: Во пресрет на евроизборите Фон дер Лајен се соочува со обвиненија за кронизам

1 min read

Една од главните теми во кулоарите на институциите на ЕУ изминативе недели е именување на германскиот европратеник Маркус Пипер за европски претставник за мали и средни претпријатија.

Пипер е малку познат во пошироката јавност, но важи за многу влијателен во редовите на неговата Христијанско демократска унија (ЦДУ). Духовите се разбрануваа затоа што најавата за именувањето на Пипер на новата должност дојде само неколку дена пред ЦДУ да ја објави својата поддршка за кандидатурата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за втор мандат на оваа функција, како т.н. шпиценкандидат на десноцентристичката Европската народна партија (ЕПП).

Дополнителен проблем настана и по објавувањето на „инсајдерски информации“ дека двете проивкандидатки на Пипер за функцијата, Чехинката Мартина Длабајова и Швеѓанката Ана Стелингер, наводно покажале за 30 проценти подобри резултати на тестовите во постапката за селекција.

Повеќе медиуми поклопувањето на добивањето поддршка за Фон дер Лајен од нејзината матична партија и именувањето на влијателниот сопартиец го оценија како „сомнително“, а дополнителни објаснување побараа и некои членови на Европската комисија, што доведе целиот случај да биде наречен афера „Пипергејт“.

Според медиумски информации, писма со „критичка содржина“ за ова прашање до Фон дер Лајен упатиле високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жосеп Борел, како и еврокомесарите Тјери Бретон, Паоло Џентилони и Николас Шмит. Борел, Џентилони и Шмит доаѓаат од редовите на партии членки на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), а Бретон од Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон, која е дел од либералната група „Да ја обновиме Европа“. Дополнително, Шмит е шпиценкандидат на СД и со тоа директен ривал на Фон дер Лајен на изборите.

Во приказната, минатата недела се вклучи и Европскиот парламент кој ја повика Фон дер Лајен да го поништи именувањето на Пипер и побара да биде спроведена „вистински транспарентна и отворена процедура“ при назначувањето европски претставник за мали и средни претпријатија.

Фон дер Лајен засега не реагираше јавно на овие прозивки, но обвинувањата за кронизам и фаворизирање на својот сопартиец би можеле да го поткопаат нејзиниот углед, особено во пресрет на јунските евроизбори.

Извор: alsat.mk

Претходно

Велика Британија го повика Израел да не ја ескалира ситуацијата по нападот на Иран

Следно

Не излегува математиката за Украина

Latest from Blog