Мојсова-Чепишевска во Солун говореше на македонски за Чуповски, Мисирков, Рацин, Шопов, Конески…

December 16, 2024
5 mins read

Секоја граница е тешко да се помине. Ама мора да ги дадеме сите сили, и професионални и лични, за да почнат рабoтите да течат кон вистинска соработка меѓу двата универзитета. И ние, овде, во Солун, тоа го докажавме. Оваа конференција, на која говориме на македонски јазик за македонскиот јазик, книжевност и култура се темели на некои претходни објави-настани. Меѓу другото, пред 99 години е објавен првиот буквар на македонски народен јазик за македонското национално малцинство во тогашна Грција под наслов АБЕЦЕДАР, подготвен од специјална комисија на тогашната грчка влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународно покровителство на „Друштвото на народите“ во Женева и отпечатен во Атина на лерински народен говор со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис. А сега, за првпат се случува конференција на олку високо ниво за перспективите за културна соработка на полето на македонскиот јазик. Не смееме да запреме тука!

Ова, во Солун го порача универзитетската професорка, Весна Мојсова-Чепишевска, на конференцијата за перспективитe на културна соработка на академско ниво со фокус ставен на македонскиот јазик. На оваа прва од таков тип конференција во организација на Одделот за балкански, словенски и ориентални студии на Универзитетот „Македонија“ заедно со центарот „Лабораторија: култури, граници, родови“ и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, земаа учество македонски и грчки професори. Преполн амфитеатар, многу емоции и солзи, но и доволно можности за афирмација на македонистиката на солунскиот Универзитет.

Пред присутните – универзитетски професори, преведувачи, истражувачи, писатели и други културни и општествени дејци, Мојсова-Чепишевска говореше за Кочо Рацин, Ацо Шопов, Блаже Конески, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ. Но клучно, во својот реферат потсети и на македонската книжевна и културна традиција и во претходниот период. Таа говореше на македонски, а паралелно одеше и преводот на грчки, кој за оваа конфренција го направи професорката Александра Јоаниду.

– Како носител на идејата за македонската државност се јавува Димитрија Чуповски, а како носител на нормите за идниот македонски стандардизиран јазик Крсте Мисирков, при што до нивната примена, пред сè, во драматургијата се остварува преку Војдан Чернодрински и Марко Цепенков. Во овој контекст треба да се укаже и на првите почетоци на профаното сликарство во Македонија кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Тие се поврзани со економските и социјалните промени во Македонија како дел од Отоманската империја, а особено со постепеното формирање на граѓанската класа и градската средина во истиот тој период. Едно поинакво разбирање на уметноста се чуствуваат во дел од творештвото на двајцата последни зографи: Димитрие Андонов – Папрадишки (околу 1858 – 1954) и Ѓорѓи Зографски (1870 – 1945). Исто така, треба да се истакне и македонскиот композитор, хорски и музички теоретичар и педагог, Атанас Бадев (1860 – 1908) како  еден од првите професионално школувани македонски композитори, кој студирал музика најпрвин во Синодалната школа за црковно пеење во Москва, а потоа и кај Милиј Балакирев и Николај Римски-Корсаков при Дворската пејачка капела во Санкт Петербург. По завршените студии ја истражувал и ја собирал македонската народна музика. Посебно е значајна неговата работа врз проучувањето на македонскиот музички фолклор, потсети Мојсова-Чепишевска.

Во однос на создавањето книжевност на македонски народен јазик, таа, пред присутните го истакна прилично неочекуваниот развој на македонското драмско творештво меѓу двете светски војни кој се врзува со местото и улогата на тогашниот Скопски театар. Непосредно пред Втората светска војна, Скопје и тоа во вистинска смисла на зборот, станува центар на една ретко разгранета творечка дејност. Во помал обем, но многу порано од Скопје слична улога има и Штип каде според извесни кажувања уште во 1924 гидина се изведувани битовите драми „Македонка“ од Славко Нетков и Душан Будимировиќ, а нешто подоцна и „Маруша“ од Павле Аџикимов. Во 1924 година, и во Прилеп се изведува „Македонска крвава свадба“ што претставува дел од едно раздвижување чиј основен импулс секако е мошне обемната и студиозна театарска дејност на Војдан Чернодрински. Потоа се јавува Куманово, каде што се школува и живее Васил Иљоски, кој во 1928 година дебитира со пиесата „Ленче Кумановче“ („Бегалка“) и тоа на сцената на Скопскиот театар. 

– За неполни шест сезони (1936-1941) се изведуваат седум дела од македонски автори и на македонски народен јазик меѓу кои се истакнуваат „Печабари“ од Антон Панов и „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле. Некои од нив како што е „Печалбари“ од Панов, речиси воопшто не слегува од репертоарот. Додека Кочо Рацин мора илегално да ја печати и растура својата збирка или Коле Неделковски своите збирки да ги печати надвор од својата татковина, додека тогашните литературни списанија и весници прилично резервирано започнуваа да отстапуваат простор за по некоја песна од македонски автор и на македонски јазик, кога нема некои позабележителни прозни обиди, македонската драма во тогаш таканаречениот Вардарски дел на Македонија, прилично отворено и ефикасно расветлува дури и некои актуелни социјални и етички проблеми, посочи Мојсова-Чепишевска во рефератот. 

Во средишниот дел на рефератот, таа детално се осврна на поетското творештво на Рацин, Шопов, Конески, Тодоровски, Матевски, Андреевски и Урошевиќ, во светлината на јубилеите што се чествуваат годинава, но и нагласувајќи дека веднаш по завршувањето на Втората светска војна за македонската литература и култура се случуваат и други значајни датуми: на 29 октомври 1944, с. Горно Врановци, Велешко излегува „Нова Македонија“, првиот македонски дневен весник кој се доживува како ризница на македонската историја и на 28 декември 1944 низ етерот одекнува: „Зборуе Радио Скопје“ со што се удираат темелите и на Македонското радио и на Македонската телевизија.

Посочувајќи дека не треба соработката да запре тука, таа пред присутните, во своето обраќање нагласи дека идната година треба да се одбележат и 100-те години од излегувањето на АБЕЦЕДАРОТ и на ова одбележување треба да се надоврзе и 80-те години од: 5 мај 1945 кога се усвојува македонската азбука со што се кодифицира македонскиот јазик и 7 јуни 1945 кога излегува првиот Правопис на македонскиот јазик.

– Македонската азбука ѝ ја отвори широко портата на македонска поезија и на целата македонска книжевност. Рацин во 1939 и Шопов во 1944 сѐ уште пееја на народен македонски јазик, но и двајцата гореа од љубов кон татковината, кон саканата, кон слободата… И гореа од љубовта кон своите книжевни татковци… Таква љубов кон своите книжевни татковци која прераснува до сериозна стравопочит покажува и Блаже Конески, „патријархот на македонското слово“, како што го нарече грчкиот поет Костас Валетас, нагласи универзитетската професорка Мојсова-Чепишевска. 

– Андре Жид верува дека големите автори, меѓу кои безрезервно припаѓаат Кочо Рацин, Блаже Конески Ацо Шопов, како и Гане Тодоровски и Матеја Матевски, но и Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ се оние кои не само што не стравуваат, туку и трагаат по влијанијата, ги бараат и преку таа плодоносна споредба и средба ја изградуваат својата индивидуалност и посебност преку силниот македонски збор. А можноста да се зборува за македонска поезија, за македонската литература и култура на Универзитетот „Македонија“ во Солун и да се зборува за зборот во таа поезија е вистински предизвик. И преку овој краток текст за таа поезија нека се разголат сите зборови зашто „Нивното лице не е едно“, како што вели Петре М. Андреевски. И зашто тие македонски зборови добиваат некои свои, нови лица додека се слуша/чита македонската поезија како одѕвонува и на грчки, истакна професорката.

Покрај АБЕЦЕДАРОТ, таа посочи дека конференцијата е во светлината и на други претходни значајни објави. Во 1960 година, во Ташкент, Узбекистан излегува првиот превод на грчки на „Бели мугри“ од Рацин, направен од Васко Караџа, а во 1978 година, во Атина излегува преводот на грчки направен од Викторија Теодору. Една година потоа во Атина излегува избор од поезијата на Блаже Конески со предговор на поетот Костас Валетас. Во 2009 година, во Солунс излегува „Современ грчко-македонскиот речник“ подготвен од Васко Караџа.

– Ние како Универзитет, како Филолошки факултет скоро ништо не знаеме за современата грчка книжевност и современата грчка култура (како филм, музика, книжевност за деца), за културата на 21 век… Дајте да си подадеме раце! Затоа, мора силно да работиме на вакви заеднички конференции, работни средби и посети на кои ќе се запознаваме и ќе споделуваме искуства и мислења. Мораме конечно да почнеме да разговараме и да соработуваме. Затоа благодарам до професор Александра Јаоаниду и за ова денес и за сите нејзини заложби во зближувањето на двете култури преку преводите што таа ги направи и ги прави и на книгите на Румена Бужаровска, но и на Кица Колбе, како и преку преводите што ги направи за овој настан, за оваа работна средба, истакна Мојсова-Чепишевска пред присутните.

Меѓу присутните на настанот имаше и академски граѓани, истражувачи и преведувачи од Грција со македонско потекло, кои во разговорите ги споделија и своите искуства, но и интелектуалци што и без таа доза на емотивна приврзаност, стручно се подготвени да се посветат на македонистиката. Како што е соопштено се очекува активностите да продолжат, при што оваа средба е почетна точка  со историски димензии – за првпат, во грчката академска средина, на олку висок ниво се говореше за македонистиката и на македонски јазик.

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Велковски: Обезбедуваме квалитетно и достапно предучилишно воспитание и образование за сите

Следно

Беџети бара седница за „28 ноември“: Владата да присуствува на расправата за инцидентите на Денот на знамето

Latest from Blog

Писториус предупредува на хибридна закана од Русија

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека Германија мора да биде подготвена да се спротивстави на сите хибридни напади од Русија, кои вклучуваат кампањи на социјалните мрежи дизајнирани да им помогнат

Двајца полицајци завршиле во болница во Штип

Околу 15 часот полициски службеници од СВР Штип лишиле од слобода пет лица кои се обиделе да извршат кражба во црква кај место викано Елките во Штип и нападнале полициски службеници, информираат

Марк Одермат славеше во Вал Гардена

Марк Одермат конечно има причина за славје откако швајцарскиот скијач за првпат во кариерата успеа да триумфира на трка во Светскит куп што се возеше во Вал Гардена. Откако ја завршеи последната
Go toTop