На денешен ден во 1991 година, со свечена седница на Собранието, беше одбележано донесувањето на првиот Устав на независна Република Македонија. Присутни беа пратеници, претседателот Глигоров, академици, министри, борци од НОБ, и други значајни личности.
На значењето на овој ден потсети Уставниот суд, чиј претседател Дарко Костадиновски истакна дека „граѓаните можат да бидат сигурни дека Уставниот суд бескомпромисно ќе го штити Уставот, ќе ги брани слободата, демократијата и правната држава.“
Првиот Устав претрпе измени само месец и половина по неговото донесување. Со првите два амандмани, Македонија потврди дека нема територијални претензии и дека нема да се меша во внатрешните работи на соседите. Во 2001 година, по воениот конфликт и Охридскиот рамковен договор, беа додадени 15 амандмани за унапредување на правата на заедниците, вклучително прогласување на јазикот што го говорат над 20% од населението за втор службен јазик. Последната промена пред шест години вклучи додавање на придавката „северна“ во името на државата.
Досега, Уставот е менуван осум пати со вкупно 36 амандмани. Новите измени, како внесувањето на Бугарите во Уставот, се услов за продолжување на евроинтеграциите. Но, премиерот Христијан Мицкоски најави дека брзи промени нема да има.
Иако барањата за нови измени се бројни, неизвесноста останува – не толку заради содржината, туку заради времето кога би стапиле на сила и можноста да отворат врата за нови надворешни барања.
Декларација за сувереност
Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија е донесена на седницата на Собранието на Република Македонија одржана на 25 јануари 1991 година. Декларацијата е изгласана едногласно, со 120 гласа „за“.
Во Декларацијата се истакнува дека таа се донесува врз основа на Меѓународниот пакт за граѓанските и за политичките права, во кој се вели дека сите народи имаат право на самоопределување и врз основа на тоа право тие слободно ја уредуваат својата политичка положба и слободно го спроведуваат својот економски, општествен и културен развој.
Со оваа Декларација се изразува сувереноста на Социјалистичка Република Македонија, во согласност со уставните определби за независност и територијален интегритет на македонската држава, како и правото на македонскиот народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување.
Во Декларацијата се вели дека политичкиот, стопанскиот и правниот систем на Социјалистичка Република Македонија се темелат на Уставот на СРМ и на републичките закони, а во согласност со определбите изразени во Декларацијата.
Во Декларацијата се вели дека Уставот на СФРЈ, сојузните закони и другите сојузни прописи и општи акти ќе се применуваат на територијата на СРМ доколку не се во спротивност на Уставот на СРМ, републичките закони и одлуките на Собранието со кои се остварува сувереност на СРМ.
Изразувајќи ја сувереноста на СРМ, се истакнува во Декларацијата, Собранието на СРМ ќе донесе нов устав, со кој, покрај другото, ќе се определат општественото уредување и идните симболи на државноста на Македонија.
Во Декларацијата се нагласува и потребата за идното донесувањето на Уставен закон, а се потенцира и прашањето за унапредување на правата и положбата на, како што се вели, деловите на македонскиот народ кои живеат како малцинство во соседните земји.
По донесувањето на Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, следува и донесувањето на Декларацијата по повод плебисцитарно изразената волја на граѓаните за суверена и самостојна македонска држава Македонија, донесена на седницата на Собранието на Република Македонија, одржана на 17 септември 1991 година и Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава, донесена на седницата на Собранието на Република Македонија, одржана на 19 декември 1991 година.
Првата од трите декларации, која се однесува на сувереноста на Република Македонија, претставува основа за донесување на првиот демократски Устав на Република Македонија.
Уставот на суверена и независна Република Македонија е усвоен на 17 ноември 1991 година. Во согласност со Уставот, Македонија е република со парламентарна демократија, а државната власт е поделена на законодавна, извршна и судска. Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт. Собранието е еднодомно и го сочинуваат од 120 до 140 пратеници. Пратениците се избираат на општи и непосредни избори, со тајно гласање, а нивниот мандат е слободен и трае 4 години.
ИЗВОР: racin.mk