Предлог измените во законот за образование дискриминираат, од МОН велат – не отстапуваме

November 16, 2024
3 mins read

Од Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД), минатата недела преку писмена реакција изразија загриженост заради можноста за усвојување на предлог-закони за основно и средно образование, кои според нив, ќе значат назадување, наместо унапредување на заштитата на учениците од дискриминација и насилство во образовниот процес. Како што оттаму наведуваат, во предлог-законите за основно и средно образование, спротивно на правната хиерархија, се отстранети заштитените основи од дискриминација „род“, „родов идентитет“ и „сексуална ориентација“. Според нив, ова е прв случај на уназадување на заштитата од дискриминација во нашето законодавство.

Мета поразговара на оваа тема со надлежните во Министерството за образование и наука (МОН), како и со претставници на Мрежата, од каде што оценуваат дека со предлог-измените најгрубо се кршат правата на децата, како и директно се загрозува нивниот ментален и физички интегритет.

„Кога институциите системски ќе исклучат и избришат одредени групи ученици, тогаш тие директно даваат сигнал дека се охрабрува понатомошното исклучување и опресија во општеството на овие групи. Дополнително, ваквите постапки им даваат сигнал на агресорите, од коишто жените, девојчињата и ЛГБТИ+ учениците трпат постојано насилство, дека нивните постапки се само продолжение на тоа како институциите ги третираат овие групи, нормализирајќи го нивното насилство. Со донесувањето на овие измени, Законите за основно и средно образование ќе бидат спротивни на одредбите и духот на Законот за спречување и заштита од дискриминација, во кој родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет се препознаени како основи на дискриминација“, пишува во реакцијата на МЗД.

Маја Атанасова од МЗД за Мета вели дека откако јавно реагирале во врска со ова, веднаш ги примила на состанок министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

„Таа беше отворена за дискусија, но на состанокот ни беше кажано дека нема да отстапат од она што е одлучено. Министерката и претходно упатуваше на тоа дека заштитата на овие основи е опфатена со Законот за спречување и заштита од дискриминација, и дека избришаните заштитни основи ќе останат да се штитат со отворената клаузула, односно „и други“. Така што, строго правнички, заштитата останува да постои, но законите не се усогласени со Законот за спречување и заштита од дискриминација, со што се повредуваат уставните гаранции на почитување на хиерархија на законите. Проблемот е во тоа што, луѓе кои не се правници, нема да седат и да ги читаат сите закони и да толкуваат што сакал законодавецот да каже. Тие ќе го отворат само законот кој ги интересира и ќе видат дека таму овие основи не се опфатени. Ова ќе значи ризик училиштата да не препознаат потреба да креираат заштита од дискриминација по овие основи, иако бројките од Комисијата за заштита и спречување на дискриминација укажуваат сериозна потреба“, вели Атанасова за Мета.

Во Министерството за образование и наука, за Мета велат дека работат на унапредување на законската регулатива во областа на образованието и во процесот се вклучени сите засегнати страни.

„Јавното мислење ни е посебно важно и затоа отворивме јавна дискусија по однос на шест законски решенија. Подготвени се нацрт-верзии кои ги објавивме на владиниот ЕНЕР систем со можност за дополнителни сугестии и предлози. Законите за основно и средно образование се дефинирани така за да можат да ги заштитат учениците од секаков вид дискриминација, од сегрегација, но и од разни програмски и проектни активности кои не се дефинирани во наставните програми, а можат да наштетат на нивниот развој и насочување. Впрочем, во Македонија постои и посебен Законот за спречување и заштита од дискриминација во сите сегменти, тоа значи и во образованието и во секоја прилика можеме да се повикаме на одредбите од истиот“, сметаат во МОН.

Оттаму појаснуваат дека предлог-законите за основно и средно образование, понатаму ќе бидат проследени во собраниска процедура, каде исто така пратениците имаат можност за дополнително усовршување на содржината.

„Посебно е важно што МОН не само што законски ќе ги заштити учениците од дискриминација и сегрегација, туку во следниот период заедно со училиштата и граѓанскиот сектор, повеќе ќе бидеме насочени кон превентивни активности и едукација на учениците за почитување на различностите и градење на мирна, хармонична и безбедна средина за учење. За овие аспекти на образовниот систем веќе е дискутирано на средба помеѓу министерката за образование и наука и граѓанските здруженија“, додаваат во МОН за Мета.

Во реакцијата на МЗД, е наведено дека тие ја поддржуваат заложбата на Владата да се постапи согласно Пресудата на Европскиот суд за човекови права – Елмазова и други против Република Северна Македонија, но дека сепак, предлог-законите содржат елементи кои не се однесуваат на оваа пресуда, а директно и недвосмислено претставуваат повреди на меѓународното право и човековите права.

„Потсетуваме дека сите слободи и права кои државата ги гарантирала на граѓаните со ратификување на меѓународните конвенции се сметаат за слободи и права загарантирани како темелна вредност на уставниот поредок. Општите коментари на Комитетот за правата на децата, Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените со своите општи препораки, Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство – се ратификувани и согласно тоа имаат иста важност како постоечките закони во републиката. Врз основа на ова, не смееме да дозволиме носење на закони кои се во спротивност на меѓународните конвенции кои ги имаме ратификувано“, се додава во реакцијата.

Преземено од Мета.мк

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Патот Охрид – Ресен преку Галичица затворен за сообраќај

Следно

Ангеловска-Бежоска на конференција во Приштина: Индексот на финансискиот развој на ММФ ја позиционира нашата земја меѓу најдобро рангираните во регионот

Latest from Blog

Капело: Јамал не е генијалец, далеку е од Меси и Марадона

Легендарниот италијански тренер Фабио Капело, кој во кариерата ги водеше Јувентус, Милан и Реал Мадрид, го коментираше талентот на младиот напаѓач на Барселона, Ламин Јамал. Трофејниот стручњак ја спушта топката по глобалната

„Доколку Путин дојде во Истанбул, тоа симболично ќе значи многу“, изјави холандскиот експерт Смитс

АМСТЕРДАМ (АА) – Селман АКСУНГЕР Холандскиот историчар и експерт за Русија, Хуберт Смитс, ја пофали посредничката улога на Турција во мировните преговори меѓу Русија и Украина што ќе се одржат утре во

Апсења на повеќе локации во Скопје, лишени од слобода криминалци барани со потерници

Денеска (14.05.2025) на различни локации во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје лишија од слобода две лица барани со потерници. На територија на Центар лишен од слобода

Кошта: Црна Гора е еден од најдобрите примери за позитивниот моментум на проширувањето на ЕУ

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска во Подгорица изјави дека Црна Гора е „еден од најдобрите примери за позитивниот моментум на проширувањето на ЕУ“. Кошта, кој е на својата прва турнеја

Филипче за одбиениот закон за Кочани: Ова не беше момент за политички инает

Денешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери да не го поддржат Законот за помош на семејствата на загинатите и повредените од Кочани, за мене е вистинско разочарување, ова беше момент на
Go toTop