Епистемолошка „војна“ на Али Ахмети: Со писма по белиот свет се жали за „црната судба“ во опозиција

October 28, 2024
2 mins read

Али Ахмети, не можејќи никако да се помири што е во опозиција, испраќа писма до високи меѓународни лидери за заштита на Охридскиот договор и стабилноста и меѓуетничката хармонија што тој ги изгради

Ахмети денеска испрати писма до претседателот и до премиерот на Република Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, до претседателката и до премиерот на Република Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, до канцеларот на Германија Олаф Шолц, до претседателот на Франција Емануел Макрон, како и до државниот секретар на САД Ентони Блинкен.

Во овие писма, Ахмети ја изразува својата длабока загриженост за најновите политички и уставни случувања во Македонија, кои ги загрозуваат достигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во мултиетничката држава.

Ахмети истакнува дека трите последни одлуки – плановите за укинување на Законот за употреба на јазиците, забраната за идентификација на етничката припадност во државните институции и формирањето на владејачко мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници – претставуваат сериозни закани за мирот и стабилноста на земјата и на регионот во целина.

Тој повикува на заедничка акција на меѓународните лидери за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Македонија.

За подобро илустрирање на содржината на овие писма, подолу е презентирано писмото испратено до Рама.

Ви го пренесуваме во целост:

 

„Со длабока загриженост Ви се обраќам денес за најновите политички и уставни случувања во Северна Македонија, кои ги загрозуваат историските достигнувања на Охридскиот договор и основните принципи на еднаквост и мир во нашата мултиетничка држава, особено за Албанците во Северна Македонија.

Вознемирувачките планови, најавени од самата Влада, дека Уставниот суд ќе ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои го утврдија албанскиот јазик како еднаков службен јазик според Амандманот 5 на Уставот, претставуваат сериозен удар врз Охридскиот договор, еднаквоста, меѓуетничката хармонија и стабилноста во земјата.

Понатаму, одлуката на Уставниот суд за забрана на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции го крши принципот на колективни права на етничките заедници и, со тоа, ги поништува основните механизми на балансер и принципот на Бадинтер, кои се во сржта на Охридскиот договор. Овие механизми се создадени за да ги гарантираат колективните права на етничките заедници според демографската реалност, обезбедувајќи основна заштита од било каква форма на доминација. Уставниот суд, со укинувањето на изјавувањето на етничката припадност, го крши самиот Устав, чии основни вредности вклучуваат праведна и соодветна застапеност, и нè враќа во состојбата пред Охридскиот мировен договор.

На крај, по последните избори, основниот принцип на Охридскиот договор, кој бара формирање на политичко мнозинство врз основа на праведната застапеност на етничките заедници, беше сериозно прекршен. Ова дејствие не се однесува само на Демократската унија за интеграција (ДУИ), туку го загрозува принципот на праведна застапеност, гарантиран со Амандманот 6 на Уставот на Северна Македонија, кој служи како заштитен механизам против доминацијата на мнозинството над малцинствата.

Овие три значајни удари врз темелите на Охридскиот договор претставуваат сериозна закана за мирот, стабилноста, меѓуетничката хармонија и мултиетничката демократија во Северна Македонија. Овие не се само внатрешни политички прашања, туку имаат сериозни импликации за регионот и неговата стабилност. Овие интервенции се закануваат да ги укинат клучните елементи на мирот и еднаквоста, враќајќи нè во условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година.

Во оваа критична фаза, Ве повикувам на заедничка и решителна акција за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и загарантираните права на Албанците. Вашата посветеност за подигање на меѓународната свест и ангажирање на релевантните институции за оваа уставна и политичка криза е неопходна.

Ви благодарам за Вашата континуирана посветеност на албанските прашања и стабилноста на регионот.

Со почит,
Али Ахмети
Претседател на Демократската унија за интеграција“

ИЗВОР: kurir.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Наутро со услови за слаба магла, преку ден претежно сончево време

Следно

Најмалку 21 лице се повредени во руски воздушен напад врз украинската област Харков

Latest from Blog

Предложен притвор за лицето во кичевско кое со секира го убил својот татко, а и нанел тешки повреди на својата мајка

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против едно лице осомничено за едно кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 и еден обид за убиство според истата правна

Македонија повторно во европската елита, обезбеди учество на континенталното првенство во ракомет во 2026

Ракометната репрезентација на Македонија триумираше над Литванија со 26:17 (13:11) во дуел од квалификаците за пласман на Европското првенство во 2026 година. По победата пред полни трибини во СЦ „Јане Сандански“, Македонија

Кузмановски: Сакаме да сме пример за младите, како што за нас беа Кире, Столе, Жути

Капитенот Филип Кузмановски повторно ја водеше Македонија до нова победа во квалификациите, овој пат вредна за пласман на ново Европско првенство. „Навистина пред сè сакам да се заблагодарам на целата публика за

Дрво падна врз автомобил во Струмица

Вечерва околу 20 часот, дрво паднало врз автомобил во Струмица, на улицата Ванчо Китанов. Регирала и противпожарната служба, и за среќа нема повредени. „Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо

Шукова: Чиста животна средина, приоритет во програмата на СДСМ за локалните избори 

Животната средина треба да ја гледаме како предност, не како трошок, тоа е еден од секторите кои исто така треба да го усогласиме со европските регулативи, порача потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз на
Go toTop