Болсонаро молчеше речиси шест часа за хаосот во Бразилија пред да објави на Твитер дека ги „отфрла“ обвинувањата на Лула
Поддржувачите на екстремно десничарскиот поранешен претседател на Бразил Жаир Болсонаро упаднаа во Конгресот, претседателската палата и Врховниот суд во бразилската престолнина во неделата, како мрачен потсетник на инвазијата на американскиот Капитол од страна на поддржувачите на Доналд Трамп пред две години. По неколку часа полицијата ја вратила контролата над зградите. Уапсени се над 400 луѓе.
Левичарскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој го победи Болсонаро на изборите во октомври, најави „федерална безбедносна интервенција“ во Бразилија која ќе трае до 31 јануари, откако демонстрантите успеаја да ги совладаат безбедносните сили. Околу три часа по првичните извештаи за упадот на демонстрантите, безбедносните сили успеаја повторно да заземат три од најважните згради во главниот град.
Лула, кој беше инаугуриран на 1 јануари, го обвини Болсонаро за разгорување на неговите приврзаници по кампањата со неосновани тврдења за потенцијална изборна измама по крајот на неговото владеење обележано со националистички популизам.
Сојузниците на претседателот, исто така, покренаа прашања за тоа како безбедносните сили во бразилскиот главен град беа толку неподготвени и толку лесно совладани од бунтовниците кои со денови најавуваа протести за викендот на социјалните мрежи.
„Тие вандали, кои би можеле да ги наречеме фанатични фашисти, направија нешто што никогаш не било направено во историјата на оваа земја“, рече Лула на прес-конференција за време на официјалната посета на државата Сао Паоло. Сите луѓе кои го направија ова „ќе бидат пронајдени и ќе бидат казнети“,
рече тој.
Поддржувачите на Болсонаро оставија трага на уништување пред себе, фрлајќи мебел низ скршените прозорци на претседателската палата, поплавувајќи делови од Конгресот со системи за гаснење пожари и уништувајќи церемонијални простории во Врховниот суд.
Упадот на илјадници демонстранти облечени во жолто и зелено во Конгресот, Врховниот суд и претседателската палата во главниот град Бразилија е кулминација на повеќемесечната тензија по гласањето во Бразил на 30 октомври. Болсонаро, сојузник на Трамп, кој допрва треба експлицитно да го признае поразот, го изнесе лажното тврдење дека бразилскиот електронски систем за гласање е склон кон измами, што предизвика насилно движење на негирање на изборните резултати.
„Тој тоа го промовира преку социјалните мрежи од Мајами“, рече Лула. „Сите знаат дека има различни говори на поранешниот претседател кои го поттикнуваат тоа.
Болсонаро молчеше речиси шест часа за хаосот во Бразилија пред да објави на Твитер дека ги „отфрла“ обвинувањата на Лула.
Поранешниот претседател, кој по поразот на изборите ретко зборуваше во јавноста, исто така рече дека мирните протести се дел од демократијата, но дека со упадот и оштетувањето на јавните згради „пречекорена е линијата“.
Тој полета за Флорида 48 часа пред крајот на мандатот и отсуствуваше на инаугурацијата на Лула. Насилството во Бразилија е главоболка за американските власти додека тие дебатираат како да се справат со неговиот престој на Флорида. Истакнати демократски пратеници рекоа дека Соединетите држави повеќе не можат да му дадат на Болсонаро „светилиште“ во земјата.
Партијата на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро го осуди нападот врз зградата на Националниот конгрес и другите владини објекти во главниот град Бразилија.
„Денес е тажен ден за бразилската нација. Денешните настани во Бразилија се срам за сите нас, тие не ја претставуваат нашата партија, тие не го претставуваат Болсонаро. Ние поддржуваме уредни протести. Денешните акции се срам“,
рече лидерот на Либералната партија (ЛП) на Болсонаро, Валдемар Коста Нето во видеото објавено во неделата.
Гувернерот на Бразил, Ибанеис Роча, долгогодишен сојузник на Болсонаро, кој се соочува со тешки прашања по безбедносните пропусти во неделата, на Твитер објави дека повеќе од 400 луѓе се уапсени и дека властите работат на идентификување на другите. Инвазијата беше осудена од лидерите ширум светот.
ИЗВОР: 360stepeni.mk