Рацин.мк разговараше со Петар Тодоров, редовен професор и доктор по историски науки во Институтот за национална историја и член на Мешовитата македонско бугарска комисијата за историски и образовани прашања од нејзиното формирање, кој во едно претходно интервју рече дека ја прифатил поканата да се вклучи во Комисијата за „да помогне во подобрувањето на историското образование во двете држави, кое, за жал, сѐ уште поттикнува поделби и непријателски чувства меѓу македонскиот и бугарскиот народ“.
Поканата ја добил поради експертизата на тема историско образование и денес, кога им завшрува мандатот на членовите, ова интервју го почнавме со прашање за неговото резиме од работата на Комисијата.
На 15 септември ви завршува мандатот како член на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Работевте во исклучително сложени услови и на многу деликатни прашања. Какво е вашето резиме од работата на комисијата?
Добра идеја која за жал беше киднапирана од политички центри кои воопшто не посакуваат добри односи и немаат намера да се откажат од злоупотреба на историјата во одржувањето на историографско-политичкиот спор.
За некои експерти работата на комисијата ги помести границите за тоа што треба да претставува модерната историографија кога се во прашање сложените историски процеси кои се испреплектуваат и географски и политички низ времето. За други не ги оправдаа очекувањата од аспект на „националните интереси“. Дали е оправдано така црно-бело да се гледа на историографијата и на нејзината улога во современ контекст?
Денес, кај нас, но и пошироко во регионот и светот постојат две главни разбирања за историографијата и нејзината улога во современите општества. Едното е дека таа треба да служи на „националните интереси“ кои, пак, како што покажува нашето искуство може да бидат доста растеглива категорија во зависност од тоа кој политички лидер раководи со државата и ги самоодредува „националните интереси“. Во овие случаи, толкувањето на минтатото најчесто презентирано како „историска вистина“ е прилагодено на „националните интереси“, а не на научните принципи.
Другото разбирање подразбира дека историографијата треба да служи на науката. Притоа историографијата и историчарите водат постојана „борба“ со оние кои ја инструментализираат за партиски цели. Овој пристап се обидува да го разбере однесувањето на човекот во минатото со цел подобро да го реконструира и осознае општеството од вчера и денес, а не тој да биде прилагодлив според потребите на одредена политичка група.
Сега имате искуство од кое можете да процените во која насока ќе се одвива работата на комисијата ако воопшто продолжи да постои и да работи. Дали треба да продолжи да работи и кои се вашите препораки до идните членови колеги?
Според мене, мислам дека Комисијата може да продолжи само доколку владите во Скопје и Софија офицјално се обратат до УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ чии експерти ќе помогнат во усогласување на методологија на работа која на Комисијата ќе и овозможи да работи врз основа на јасни научни и академски принципи. Поточно, таа да не биде алатка за политичка уцена на нашата држава и македонските граѓани. За ова да се случи неопходно е активно вклучување на Европската Комисија и некои од членките на Европската Унија. На пример, СР Германија, Франција, Чешка или Полска. Тие мора да се заложат и да направат притисок кај двете влади да прифатат вклучување на експерти од меѓународните институции кои ги спомнав. Тоа е и во нивен интерес. Во спротивнот понатамошната работа на Комисијата нема никаква смисла и таа ќе продолжи да биде сериозна пречка во односите помеѓу двете држави и злоупотребувана за домашни политички потреби.
Заедно со останатите колеги од составот на Комисијата уште од нејзиното формирање оставивме доста извештаи до МНР, Владата и Претседателот на Републиката. Во нив има прилично доста информации за работата на Комисијата, предизвиците кои стоеа и сѐ уште стојат пред неа, како и препораки до државните институции со цел Комисијата да излезе од канџите на политиканството. На идните членови можам само да им посочам да ги прегледаат сите извештаи со цел да се запознаат со работата на Комисијата и да се држат на страна од партиите и политиката.
Со проф. д-р Петар Тодоров разговараше Зоран Бојаровски
ИЗВОР: racin.mk