Соња ТАНЕСКА
Огромни површини со шуми се претворија во пепел во Македонија , а екологистите и експертите велат дека штетите се милионски, последиците врз здравјето, природата и иднината непроценливи.
Глобалното затоплување на планетата Земја секоја година ја наметнува потребата за итно, подобро и навремено организирање и координирање на надлежните институции и населението за заштита од пожари. Целта е да се спасат шумите и да се заштити животната средина, со што воедно ќе се намали и глобалното затоплување, кое го доведува во прашање и нашиот опстанок на планетата.
За да нема пожари во иднина и да не страдаат шумите, неопходни се реформи, зголемување на противпожарната свест, зајакнување на превентивните и подготвителните мерки за заштита. Во спротивно, би изгубиле огромно природно богатство, бидејќи штетите од пожарите се ненадоместливи.
Недоволен број на пожарникари и опрема
Иако по големиот пожар што пред три години ја зафати Малешевијата каде изгореа 5.000 километри квадратни шума, а во гаснењето помагаа пожарникари од Словенија, Австрија, Романија, Унгарија, Србија…се ветуваше засилување на територијалните против пожарни единици, набавка на нова опрема, сепак и во 2024 година државата се уште не одвојува доволно пари за пожарникарите, за возниот парк, а нема набавено ниту нова заштитна опрема. Најголем дел од опремата што ја имаат територијалните противпожарни единици е добиена преку донации.
За гаснење на шумски пожари во непристапен терен во моментот државата располага со три ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување, од кои само два се исправни и се на терен. За гаснење на пожари се активираат и два хеликоптери на Армијата и на полицијата.
Согласно Законот за пожарникарство во општините со над 24.000 жители, на 1.500 лица треба да има по еден пожарникар, но ретки се територијалнте противпожарни единици што го исполнуваат овој критериум. Речиси во сите, состојбата е далеку под законските норми.
Министерството за одбрана преку наменски дотации издвојува пари за плати и додатоци на плати за 734 пожарникари, а за останатите, финансиите се обезбедуваат од општинските буџети.
Податоците покажуваат дека од 2019 до 2024 година речиси двојно се зголемиле средствата за наменски дотации. Така, во 2019 година одобрени се 331,755 илјади денари, во 2020 година тој износ се зголемува на 401,000 илјади денари, а во 2021 година на 403,500 илјади денари. Во 2022 година биле одобрени 421,500 илјади денари, лани 500,000 илјади денари, а за 2024 година за наменска дотација биле планирани 527,700 илјади денари.
Пожарникарите доброволци може да не спасат од поголеми пожари?
Во разговор за Рацин.мк, Петар Плотникот претседателот на Градскиот противпожарен Сојуз на Скопје (ГППС) вели дека недостатокот од професионални пожарникари, особено во летниот период, кога е потребна итна интервенција за шумски пожари, едно од најдобрите решенија се доброволните пожарникари, како и формирање на Здруженија на доброволни пожарникари особено во руралните средини.
Тој речиси целиот работен век го поминал во Рафинеријата во рамки на професионална единица која броела над 73 луѓе од кои 30 пожарникари, а остатокот стручњаци за превентива, а завршил и средно училиште како противпожарен техничар.
Неговото искуство е големо бидејќи во рамки на Рафинеријата се спроведувале превентивни мерки, системи за одржување, ракување со различни материи, но тој и по пензионирањето е моривиран волонтерски да даде придонес кон општеството, особено преку активности во Сојузот.
Градскиот противпожарен Сојуз на Скопје (ГППС) има неколку програмски активности, а тоа се активности за превентивниот дел на ученици и граѓани оперативниот дел, формирање на доброволни противпожарни друштва и доброволни противпожарни единици.
-На територијата на Град Скопје и руралните средини околу градот имаме обучено над 100 доброволни пожарникари, кои се потребни особено во летниот период, како асистенција на професионалните пожарникари кога постои ризик од големи пожари. Токму затоа особено е важно во општините каде често се појавуваат пожари, градоначалниците да издвојат пари за да финансираат формирање на доброволни противпожарни здруженија кои сезонски ќе дежураат во текот на летниот период на ризичните места, за да може навремено да се откријат пожарите и со мали ресурси да ги изгаснат и секако да направат што помала штета, вели Плотникот .
Во Северна Македонија постојат курсеви за професионално пожарникарство, но и обуки за доброволни пожарникари, а според законот за пожарникарство овие обуки ги одржува Противпожарниот сојуз на Македонија заедно со Противпожарниот сојуз на Град Скопје како и со општинските противпожарни сојузи. Обуките се беспалтни, додека пак нивните хонорари се различни во зависност од активностите но и законските просеци на ангажирање доброволни пожарникари.
-Има правец во кој се движат обуките за доброволните пожарникари и образложено е во законот кој може да држи предавање, а тоа се стручњаци со завршени технички факултети како и пожарникарни техничари. Прво се одржува курс за доброволни пожарникари кој трае 48 часа тактика, техника, практични вежби, законски одредби и сл. распоредени во 48 часа и на крај има и практичен дел вежба за гаснење шумски пожари бидејќи тие таму се најпотребни. За да се одржи курсот потребно е да има најмалку 10 слушатели, а не повеќе од 25. Она што е потребно и што би било добро е да има натпревари на доброволните пожарникарски друшва за да можат д вежбаат и ќе создадат кондиција, вели тој.
Според Плотникот во целиот овој процес најважно е однесувањето на локалната самоуправа бидејќи општините треба да обезбедат просторија за доброволното друштво, да одвои финансии, заштитна облека за пожарникарите, опрема за гасење и финансирање во текот на летниот период.
– Градоначалниците треба да сфатат дека ние противпожарните сојузите сме сервис на граѓаните и на општината, бесплатен волонтерски сервис. Ние не земаме плата сето ова го работиме волонтерски, вели Плотникот.
Словенија е една од државите која и ова лето ни помогна за справување со пожаритеи може да се пофали со голем број на пожарникари доброволци кои се обучени да реагираат во случај на појава на пожар, а во оваа земја има долга традиција од 1869 година, кога е основано првото доброволно противпожарно здружение. Оттогаш, организацијата на словенечката противпожарна служба се базира на доброволни пожарникари. Така, сега има повеќе од 174.000 членови во 1.336 противпожарни здруженија во Словенија, од кои повеќе од 36.000 се доброволни оперативни пожарникари (21 отсто од целото членство).
Превентивата е најисплатлива инвестиција во општеството
Доброволната организација во рамки на Градот Скопје започнува во 1951 година со формирање на здружение на доброволни противпожарни друштва, а некаде во 70-тите години во околу 30-тина работни организации и индустриски капацитети се формираат доброволни противпожарни друштва. Покрај тоа имало доброволни противпожарни друштав покрај во градовите, и во руралните средини.
Како што објаснува за Рацин.мк, Плотникот овие доброволни друштва не секогаш учествуваат во гаснење на шумските пожар, бидејќи за таа цел се формира противпожарна единица. Оваа доброволна противпожарна едница сепак не истапува во првите редови тука слуша наредби од професионаолната единица која во прва линија се справува со пожарот.
-Токму затоа во помалите општини во руралните делови мора да има вакви доброволни противпожарни друштва и единици бидејќи согласно законските прописи ако се спроведуваат во реалноста би имале помалку големи пожари. Превентивата е најисплатлива инвестиција во општеството, вели тој.
Плотникот ни раскажа дека во 80 -тите години во Скопје, во времето на поранешниот социјалистички систем имало повеќе активности, почнувајќи со противпожарни вежби, како во основните така и во средните училишта, натпревари меѓу ученици, па и граѓани, а имало и училишен предмет Противпожарна заштита и Прва помош.
-Тоа во изминатите години некако замре, меѓутоа во Противпожарниот сојуз на град Скопје, некако изнајдовме можност и профункционира тој дел, бидејќи превентивата и информираноста од најмали нозе се многу важни за сериозен пристап кон пожарите. Така што денеска имаме многу програмски активности, а понатаму би требало и другите созјузи во рамки на државата, а ги има вкупно 36 да почнат со тие активности за едукација на младата популација како и едукација на граѓаните. Со тоа пожам да кажам дека превентивата е најисплатлива инвестиција во општеството. А тоа важи за било која област, ако се вложува во превентива, секогаш ќе има помалку штета, вели тој.
Според Плотникот, Општините треба да набават едно противпожарно возило, пикап за шумски пожари, противпожарна опрема и таа ќе се користи извесен период, преку донации, преку ЕУ, бидејќи Европската унија секогаш одобрува пари за вакви проекти.
Возрасна граница на активните пожарникари е од 18-65 години. Но во сојузите се потребни и луѓе во пензија , коим со ентузијазам даваат поддршка на тимовите и помагаат во организирано гаснење на пожарите.
-Секоја општина да има единица со 10 пожарникари ќе биде доволно во летниот период да се спречат пожарите. Особено тие што се рурални, на пример таква единица нема потреба да се формира во Аеродром, бидејќи пред се нема толку пожари, а и таа единица самосотојно не може да гаси пожари во станбени објекти, вели Плотникот.
Какви активности има Противпожарниот сојуз во Скопје
Противпожарниот сојуз на Град Скопје е координатор на девет општински противпожарни сојузи, Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Чаир, Ѓорче Петров, Бутел како градски општини и три рурални Петровец, Илинден и Сопиште, а противпожарниот сојуз на Град Скопје. Во рамки на работата има Управен одбор и се донесува заедничка програма со многу активности поврзани со превентивата.
-Таа програма се доставува до Советот на Град Скопје, и досега сме имале одлична соработка со сите градоначалници на Скопје , како и членовите на Советите, бидејќи преку нив ги добиваме единствените финансии, бидејќи општините не издвојуваат пари за противпожарна дејност од своите буџети. Во програмските активности на сојузите кои најчесто се формираат од минимум две противпожарни друштва, во правец на едукација на учениците организираме квиз натпревари, кои се на програмата и на Противпожарниот сојуз на Македонија и ги опфаќа сите ученици во државата на општинско ниво, на регионално и на државно ниво, појаснува Плотникот.
Според него Квиз натпреварите се значајни бидејќи голем број на ученици се вклучени во овој процес и кога учат за натпреварите тие преку прашањата се едуцираат за пожарите, правилата и прописите.
-Се одржуваат најчесто во ноември и се солидна форма на едукација, а оваа година славиме 39 години од првиот квиз натпревар. Втора значајна форма се конкурсите за ликовни и литературни творби со мотиви за заштита од пожари, кои ги наградуваме, замислете минатата година имавме 1067 цртежи и околу 320 творби од ученици. Кога ги прогласуваме победниците, а и самиот процес на разгледување создава чувство на емоционална исполнетост дека постојат такви деца. Организираме и крос натпревар на кои учествуваат од 300 до 500 ученици по повод 20 мај Денот на пожарникарството во општина Аеродром , каде учествуваат ученици од сите општини, со логото Пожарко, вели Плотникот.
Во дел од училиштата има и секции на темата противпожарна заштита, а овие ученици ги инволвираме во нашите кампањи Во текот на годината имаме кампањи за заштита од пожар во шуми и отворени простори, кампањи за заштита од пожар на станбени објекти, кампања пред и за време на грејната сезона, каде физички се оди и им се делат на граѓаните флаери, а се изготвуваат и записници во кои се прави една годишна проверка на состојбата на противпожарните скали, хидрантите, цревата итн.
Исто така има кампањи и за заштита од пожар во стопански објекти каде се посетуваат најмалку 30 објекти во текот на годината од мало стопанство, се проверува инсталацијата, се укажува на недостатоците, се прави запсиник од информативен карактер, бидејќи сојузите немаат методологија за казнување. Исто така им се нуди обука, советување, како се користат апарати за гаснење на пожар итн.
-Кампањата за заштита од пожар во шуми и отворен простор започнува со активности на плоштадот „Македонија“ во период на јуни, но оваа година не се одржаа , а секој сојуз има обврска во текот на летото да организира три последователни кампањи во атарот на својата општина особено да се посетата туристичките места, Катлановска бања, Чучер Сандево, Матка, Водно, Марков манастира, места каде има поголема присутност на граѓани и туристи во текот на летниот период, за овие граѓани се делат флаери за заштита од пожар од шумите и усно објаснување за некои правила. Овие кампаи започнаа во 2004 година откако е формирана Дирекцијата за заштита и спасување, вели тој.
За учениците има многу важен проект, за обука на наставници презентери, од секое основно училиште по еден наставник се обучува за заштита од пожар, а со стекнатиот сертификат тој може еднаш годишно да држат предавања научениците.
-Втор дел е проектот за евакуација на ученици и персоналот во случај на пожар, се изготвува елаборат и се организира евакуација како да постапат во случај на пожар, согласно планот во училиштето. Кој јавува за пожар, кој го гаси, кој прв да го напушти објектот, без паника, како да се движат. Тоа треба да се вежба секоја година по еднаш, со задолжително присуство на Пожарна и Брза помош, се импровизира гаснење на пожар, спасување и заклучок. Целиот процес трае 30 минути. Морам да бидам искрен Бирото за развој на образование нема некоја програма, затоа ние сме тука, Противпожарниот сојуз во Скопје што прави треба сите сојузи да го прават, колку што имаме информации, иако во последните две години Противпожарниот сојуз на Македонија не функционира целосно, не сме се состанале на заедничките активности, додава Плотникот.
ИЗВОР: racin.mk