Тајмс пишува дека колку што била Москва изненадена од украинската инвазија, толку била изненадена и Европа и Вашингтон.
Она што почнува како уште една саботажа на анти-Путин вооружените групи, за неколку дена се претвора во сериозен контраудар на Украина против Русија.
„Личните отпечатоци на претседателот Зеленски се преку целата операција. Со месеци во Киев е отворена тајна дека претседателот ги притиска своите воени команданти да започнат летна офанзива.
Имајќи ги предвид проблемите со регрутација и ресурси, командантите се двоумеа. Меѓутоа Зеленски е очаен да го сврти наративот дека Украина ја губи војната. Успесите во Црното море и против руските сили на Крим не го привлекоа вниманието на светот додека неговата армија полека но беспоштедно беше истуркана од уште повеќе територија во источна Украина,“ пишува Тајмс.
Се работи за храбра и ризична стратегија. Храбра затоа што од 1941 никој нема освоено ни метар руска територија, па упадот во Курск е прилично шокантен и неочекуван призор за руската јавност.
Ризична затоа што комплетната западна постава што го подржува Зеленски стравува секој пат кога ќе биде премината некоја руска црвена линија. Пример, ова е прв пат во историјата како на руска територија се користи НАТО опрема. Ако Зеленски однапред побараше дозвола за ова, сигурно немаше да ја добие.
Ризикот е и затоа што Русија моментално нема никаков друг избор освен да направи се што треба за да ја поврати територијата што ја изгуби преку ноќ.
Освен резилењето на Кремљ пред сопствениот народ и пред светот, надежта на украинската команда е и дека инвазијата ќе одвлече дел од поквалитетните и искусни руски сили од фронтот кај Вовчанск и Часив Јар, каде Украинците едвај издржуваат.
За сериозноста на украинската операција зборува и тоа што во нејзе се вклучени од 6 до 10 илјади војници. На нејзе и претходи „импресивен електронски напад“ кој ја заслепува граничната одбрана на Русите, како и дроновите. Меѓу опремата што влегува во Русија е германски Мардер и американски М2 Бредли, плус чистачи на мини, Химарси, минофрлачи со голем домет и земја-воздух одбранбени системи.
„Украинската армија очигледно има намера да остане и да се бори во џебот што го има отворено, а може да добие и засилување.
Северната група на Русија на границата вообичаено брои околу 50.000 луѓе, меѓутоа најголемиот дел од нив се концентрирани кон Белгород за да ја поддржат офанзивата кон Вовчанск.
Тие полека се префрлаат на запад кон Курск, но наводно наишле на украински мински полиња кои им го блокираат патот.
Се уште уживајќи во придобивките од изненадувањето, на раб со стаписаност, украинските сили изгледа како да ги добија првите рунди од оваа борба,“ пишува Тајмс.
Тие нагласуваат дека сепак допрва следуваат вистинските борби за украинските сили во Русија и дека тие треба да имаат предвид дека нивното постоење на руска територија по ниту една основа не е прифатливо за Путин.
„Киев очигледно е подготвен да ризикува скапоцени војници и опрема за да направи некое упориште. Критичарите на Зеленски ќе тврдат дека ова е злоупотреба и на животите на украинските војници и тешкиот оклоп кој и е очајно потребен на Украина долу на југ во Донбас,“ објаснуваат од Тајмс.
Нивната процена е дека оваа операција нема капацитет да го смени текот на војната, туку таа ќе биде оценувана според тоа колку скапо ќе плати Москва за враќање на својата територија. Ако цената е висока, од тоа ќар ќе имаат сите украински сили на остатокот од фронтот. Политичкиот успех пак ќе се мери по тоа колку таа ќе ја разниша позицијата на Путин и дали кај неговите најблиски ќе се јави вистинска сомнеж околу исплатливоста на војната воопшто.
ИЗВОР: off.net.mk