Информацијата дека новиот состав на Собранието донесе измена на закон за катастар медиумите речиси не ја забележаа.
Истражувањето на РСЕ за навидум ситните законски промени ставени како последна точка на дневен ред на собраниската седница, и соединети со содржината на неколку одлуки на владата, откриваат каде државата ќе го вдоми новоформираното Министерство за енергетика. Во барокната зграда која ја следат низа контроверзии, од кои последната е начинот на кој една зграда која до неодамна беше невидлива во катастарот поради низа пропусти, сега стана видлива и доби „легалност“.
Образложение за итноста за носење на Закон за дополнување на законот за катастар со назнака „по скратена постапка“, нема. Но, за него гласала владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Првиот член, кој не е многу јасен, пропишал:
„Запишаните прибележувања на одобренија за градење кои не се предбележани, не претставуваат пречка за укнижувањето на правото на сопственост на градбата и истите се бришат по службена должност од страна на Агенцијата, со укнижувањето на правото на сопственост на градбата“, пишува во првиот дел од одлуката.
Ваквата одлука, се вели во вториот член, ќе важи само во случаите кога се укнижува правото на сопственост на објекти кои се во државна сопственост, но врз основа на одлука на Владата.
Според предлагачите, кои се пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, на овој начин се надминале проблемите кога Владата носи одлука за право на сопственост на недвижност за која било издадено одобрение за градење, а тоа не е предбележано во катастарот на недвижности.
Кој е објектот што го „намирисала “ државата ?
Една зграда во центарот на Скопје, поточно на улица Македонија веќе долго време зјае празна. Тоа е барокната која ја градеа Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) или поранешно ЕЛЕМ, а која никогаш не се стави во употреба.
Радио Слободна Европа веќе пишуваше дека зградата има проблем со впишување на правото на сопственост во корист на ЕСМ, но и дека уште претходната власт донела одлука државата да ја преземе.
Но, според одговорот кој минатиот месец го добивме од ЕСМ работата заглавила токму во Катастарот. Во октомври минатата година владата донела одлука со која требало да се запише правото на сопственост врз таа зграда, но не во корист на ЕСМ, туку на државата.
Одлуката објавена во Службениот весник ја потпишал тогашниот вицепремиер Артан Груби. Според одлуката, требало да се запише правото на сопственост на недвижен објект на булевар „Македонија“.
„Но, Агенцијата за Катастар на недвижности одби да ја спроведе одлуката од причина што одобрението за градба е во корист на АД ЕСМ,“ рекоа тогаш од државната компанија.
Сегашните измени на законот навестуваат дека токму новата власт со носење на Законот за катастар наменски додава член со кој ќе ја тргне пречката. Извори од Катастарот за РСЕ велат дека и покрај настојувањата и без закон да се овозможи впишување, никој од администрацијата на Катастарот не сакал да потпише незаконска одлука.
Така морало да се донесе наменскиот закон со само две точки, и да се отвори пат зградата која е „намирисана“ и од сегашната власт да се преземе.
Интересно е и тоа што меѓу првите кадровски решенија и само десетина дена по формирање на Владата променет е и директорот на Катастарот.
Разрешен е дотогашниот Борис Тунџев и е назначен нов вршител на должност Иван Живковски.
Сега од катастарот за РСЕ велат дека со носењето на законот се надминале проблемите.
За СДСМ зграда на стаклени нозе, за ВМРО ДПМНЕ стабилна
Во 2017 година Министерството за транспорт и врски донело заклучок дека настанале промени во носивоста и стабилноста објектот и тој не може да се употребува. РСЕ запраша во Министерството за транспорт и врски, како ќе се реализира технички прием на зграда за која истото тоа министерство претходно одлучило дека не може да биде пуштена во употреба.
Одговорот сега од Министерството за транспорт е кус, дека „не се вклучени во новата постапка која ја иницира Владата“.
Според она што го велат од ЕСМ за време на изградбата на зградата што почнало во 2011, токму во мандатот на сегашниот премиер Мицкоски како директор на Електрани, се правеле измени на проектот за кои не претходно не биле обезбедени дозволи .
Ова било причина објектот се уште да нема технички прием. Од ЕСМ велат дека таквата ситуација ја затекнале во 2017 година при промена на власта. Сега владата веќе наложи да се започне постапката за технички прием на истата зграда. Кој ќе одобри дека сега стабилноста е добра, одговор од Влада не добивме.
„Се задолжува Службата за општи и заеднички работи на Република Северна Македонија да започне постапка за технички прием, ставање во употреба и давање на трајно користење на објектот во КО Центар 1 на Имотен лист бр. 98657, парцела бр. 13526/6 во површина од 1425 м2 на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најдоцна во рок од три месеци“, се вели во една од одлуките на Владата.
Од оваа одлука се открива и намерата на власта, Министерството за енергетика да ја добие зграда со статуата на Перун на врвот и таму да се всели неговата администрација.
Дека владата не чекала и веќе е впишана во Кататстар покажуваат и последните податоците во имотниот лист за парцелата и објектот на неа. Ако до неодамна парцелата се водеше како градежно неизградено земјиште во сопственост на државата, сега веќе е градежно изградено земјиште, на кое има објект со дирекции. Во имотниот лист и дирекциите се сопственост на Република Северна Македонија.
Радио Слободна Европа дојде и до одлуката на Владата донесена пред само три дена со која со потпис на Мицкоски се отстапува зградата на трајно користење на новоформираното министерство за енергетика. Со ова ЕСМ засекогаш ја изгуби зградата која ја градеше од сопствени средства.
Се градеше во време на Мицкоски – директор на ЕСМ, ја доби енергетика кога е Мицкоски премиер
И покрај тоа што државните електрани во објектот граден од 2011 до 2017 година, вложија 13 милиони евра, и покрај тоа што првичната сума беше проектирана на 800 илјади, сега владата токму на една од своите први седници реши да ја присвои за своето министерство.
Директор на електрани во време на привршување на изградбата беше Христијан Мицкоски. Сега како премиер тој се потпишал на одлуката за опремување на министерството кое е новоформирано од неговата Влада.
Одлуката за оспособување на објектот е донесена исто така меѓу првите седници на Владата, поточно на третата, одржана на 4 јули.
„Се задолжува Службата за општи и заеднички работи на Република Северна Македонија да обезбеди работни бироа, работни столови, фиокари, шкафови, компјутери, печатари, телефони и друг канцелариски материјал и опрема за работење на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најдоцна во рок од пет дена“, се вели во една од одлуките.
Меѓу другото владата на истата седница наложува да се обезбедат лица за водење на канцелариско, архивско, сметководствено и финансиско работење на истото министерство и најдоцна во рок од пет дена.
Од ЕСМ претходно рекоа дека дека во овие седум години имале неколку неуспешни обиди да се пресели целата администрација во новата зграда.
Ревизорскиот извештај од 2022 година покажува дека токму изградбата на новата зграда, но и реконструкцијата на фасадата на старата која не е завршена создале големи нерационални трошоци кои влијаат врз ликвидноста на претпријатието.
Сега нивните вработени ќе треба да чека подобри времиња бидејќи зградата во која работи најголемата енергетска компанија речиси и да се распаѓа, фасада нема, гулаби се вселиле во дел од канцелариите, а нивната зграда ја презеде токму нивното ресорно министерство.
Извор: Радио Слободна Европа