Дестабилизација од ДУИ или дефокус на ВМРО-ДПМНЕ

August 7, 2024
4 mins read

Крајно несериозно ќе биде ако најавата за дестабилизација од ДУИ е дадена паушално. Вака некои политичките аналитичари ги коментираат најавите на власта дека на есен можно е земјава да се соочи со безбедносна закана од опозициската ДУИ. Тие коментираат дека најавата за постоење на безбедносна закана не само што може да ги наруши и меѓуетничките односи туку може да создаде психолошки страв кај граѓаните, но и да влијае врз економијата поради алудирање на еден вид загрозување на територијалниот интегритет на држава која пред 20 години преживеа внатрешен етнички конфликт.

Како потенцијално девијантно однесување со најава за безбедносна дестабилизација премиерот Христијан Мицкоски го опишува однесувањето на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ). Детали за со тоа каква безбедносна закана ќе се справува земјава и какви мерки презема власта за го да превенира тоа што го најавува – нема.

Од Делегацијата на Европската Унија во Скопје не сакаат да ја коментираат изјавата на Мицкоски.

„Не е наша практика да коментираме индивидуални изјави на политичари, вклучително изјавата на премиерот спомената во вашето прашање“, се вели во кусиот одговор за РСЕ.

Зошто институциите не превенираат?

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски вели дека доколку е точно тоа што го говори во јавноста премиерот и е базирано на информации од разузнавачкои служби, постојат соодветни институции кои треба да преземат мерки, а не да се внесува паника и страв во општеството со паушални и воопштени информации без детали.

„Се поставува прашањето дали е ова само еден политички трик, односно политички блеф за да се дефокусира јавноста од скандалите на коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ Влен (Вреди) по инцидентот со косовската претседателка на меѓународниот аеродром, или барањата и изјавите на Влен за формирање на Академија на Албанците паралелна на МАНУ, односно до пред извесни неколку денови бранувањата беа во таа насока дека албанскиот етнички партнер во власта е тој што условно кажано создава етнички проблеми во јавноста дали е ова едноставно дефокусирање од тие реални проблеми со изјава со која ДУИ ќе биде прогласен за најголемо зло во државата“, прашува аналитичарот Атанасовски.

Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати испраќа пораки за загриженост за како што вели, обидите да се создаде конфликт. Првиот пат тоа го направи од илинденската говорница на Мечкин камен на 2 август, кога кусо изрази загриженост за „одредени политички субјекти“ кои се обидуваат со одредени барања да предивикаат конфликт. Вториот пат Мицкоски на прес конференција со косовскиот премиер Албин Курти, ја посочи со име опозициската ДУИ како дестабилизирачки фактор во земјава.

Според премиерот, ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста. Суштината на ваквите потези, вели премиерот, е да се одбрани капиталот стекнат во изминативе 20 години на власт, но како што рече, не се исклучува и можноста некои групи да бидат несвесно изманипулирани и да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет.

„Ние како влада имаме право да го браниме територијалиот суверенитет и интегритет и мирот на граѓаните. Очекуваме тоа да се случи оваа есен, врз основа на информациите коишто ги имаме. Да почекаме времето да даде одговор дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни“, изјави Мицкоски, во одговор на новинарско прашање.

Премиерот оваа изјава ја даде на прес конференција со гостинот косовскиот премиер Албин Курти кој во изборната кампања отворено им даде поддршка на четирипартиската коалиција Влен.

„Несериозно е за држава членка на НАТО вие да имате индиции дека се подготвува сериозно нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на државата особено во контекст што е дадена во присуство на друг премиер. Мислам дека доколку има такви индиции сите тие треба претходно да бидат разгледувани на највисоко ниво на Советот за безбедност, во координација на сите разузнавачки безбедносни структури и да бидат спречени а не да се прави, да речеме, помпезна медиумска фама со која може да се застраши населението,“ изјави Атанасовски.

Од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова соопштија дека таа не планира да свика седница на Советот за безбедност.

Веднаш по изјавата на Мицкоски потврда за можната дестабилизација пристигна и од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој во телевизиско интервју за Канал 5, се обиде да ја „смири“ јавноста со најавата дека ќе се преземат мерки без да се посочат какви.

„Сето тоа би било нормално доколку го прават во рамки на едни демократски механизми, во делот на протести и така натаму, но не е нормално доколку нивната крајна цел е токму дестабилизација, изјави Тошковски.

ДУИ обвинува за лажна пропаганда

Од опозициската ДУИ само преку писмено соопштение ги оцени таквите обвинувања на Мицкоски како „лажна пропаганда “. Ниту еден од поранешните функционери на ДУИ не излезе во јавноста со повеќе коментари , освен со писмено соопштение во кое политичката битка се префрли на полето – корупција и „вечното“ барање за ветинг.

„Одбивањето на ова итно барање ќе покаже не само користење на лажни обвинувања за прикривање на вашата неспособност и коруптивност, туку и недостаток на храброст за соочување со вистината за корупцијата во земјата. Ги повикуваме политичките субјекти меѓународната заедница да делува сега за да го поддржи овој процес“, пишува во реакцијата на ДУИ.

Опозицискиот лидер на СДСМ Венко Филипче, го повика Мицкоски доколку поседува какви било информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, итно да ги сподели со надлежните институции, во спротивно, тој станува соучесник или политички фактор кој можеби од таквата состојба има интерес.

„Не смее да се дозволи ниту манипулации со чуствата на граѓаните и предизвикување состојба на тензија, без конкретна акција од страна на државата“, вели Филипче.

Од ДУИ по изборите изјавија дека се незадоволни затоа што не влегоа во Владата. Тие најавија протести од септември затоа што не им беше одобрено барањето за решение што ќе влезе во закон или во Уставот да се прецизира дека по избори, победникот во македонскиот блок да мора да коалицира со партијата што ќе има најмногу гласови во албанскиот блок. ДУИ тогаш потврди дека го ангажирале Американецот Пол Вилијамс, еден од авторите на Охридскиот рамковен договор, да помогне во подготовка на решение што треба да осигура во иднина да не се случува „кражба на легитимитетот“.

Извор: Радио Слободна Европа

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MARKETING

Претходно

Украина: Зеленски ги продолжи мобилизацијата и вонредната состојба за уште 90 дена

Следно

Гугл е нелегален монопол

Latest from Blog

Слот потврди: Исак утре ќе дебитира за Ливерпул

фото: LiverpoolFC (X) Новото име во нападот на Ливерпул, Александар Исак веројатно ќе го има своето деби за „црвените“ утревечер кога тимот ќе игра против Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите. Менаџерот

Брод со судански бегалци се запали покрај либискиот брег, најмалку 50 мртви

Меѓународната организација за миграција (ИОМ) денес соопшти дека најмалку 50 лица загинале откако брод со 75 судански бегалци се запалил во близина на либискиот брег во неделата. ИОМ соопшти дека им обезбедува

„И врапчињата знаат дека ДУИ раководи со Дрисла, ѓубрето во Скопје е резултат на неспособноста на Арсовска и нејзините другари од ДУИ“

На сите им е јасно кој раководи со јавните претпријатија во град Скопје. Дури и врапчињата знаат дека конкретно со Дрисла раководи ДУИ. Дрисла, ѓубрето во Скопје и состојбата во Дрисла е

Меџити: Нов кампус за Универзитетот „Мајка Тереза“ со инвестиција од 40 милиони евра

Во текот на денешната владина седница, беше донесена историски важна одлука за високото образование – Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје добива во трајно користење парцела од 31.434 м² на која ќе се

Болната семејна судбина на Роберт Редфорд: Зад неговата насмевка, се криеја две големи трагедии

Познатиот актер Роберт Редфорд никогаш не живеел типичен живот на позната ѕвезда. Одамна се пензионираше од јавноста и поминуваше време со својата сопруга Сибил. Иако рече дека таа му го променила животот,
Go toTop