Северна Македонија со најбавна дигитализација во Европа

July 29, 2024
5 mins read

За извод од матичната книга на родените или венчаните, уверение за брак или новороденче може да се аплицира онлајн, но едната опција е документот да го подигнете на шалтер или да ви стигне за неколку дена преку пошта.

Како и во другите институции, за овие услуги се вклучени луѓе, се користи хартија и се чека на шалтерите каде со години скоро постојано има редици, наместо да ги добиваме по електронски пат. За пасоши и лини карти само може да се закаже термин за сликање, а сето друго се прави на хартија и со физичка присутност во институциите.

Олеснувањето на овие процедури можеше да се случи доколку властите досега ја спроведоа дигитализацијата за која постојано ветуваат.

На пример ако Пензискиот фонд (ФПИОМ) се дигитализира, граѓаните од дома електронски ќе можат да поднесат барање за пензија, да добијат решение за пензија и целиот процес да го следат онлајн.

Но, наместо бришење на бирократијата, граѓаните и натаму трошат време, пари и нерви соочени со паднати системи за да добијат бројни административни услуги.

„Зад бавната дигитализација на државните институции стојат повеќе фактори меѓу кои најистакнати се неусогласеноста на законската рамка, недостаток на ИКТ стратегија и неконзистентност кон користење и промовирање на постоечките решенија како што е Националниот портал за е-услуги кој нуди многу мал број на вистински е-услуги, кои пак се користени од многу мал број на граѓани“, вели за РСЕ Мила Јосифовска Даниловска од фондацијата „Метаморфозис“.

Северна Македонија е на претпоследното место во Европа после Албанија во дигитализацијата на јавните услуги и на последно место на Индексот на е-Влада за 2021 и 2022 година во извештајот од Европската комисија.

Овие рангирања се во време кога светот ја развива дигиталната технологија и ветачката интелигенција со невидена брзина.

Дигитализацијата бара сериозни вложувања и во сајбер-безбедност, но граѓаните на земји како Естонија веќе имаат дигитални потписи, на избори гласаат онлајн, не користат хартија во приватниот и во јавниот сектор…

Декларативни ветувања

Граѓанските организации, но и ревизорите во своите извештаи наведуваат дека главни проблеми околу дигитализацијата на Северна Македонија се тоа што институциите не се меѓусебно електронски поврзани, се уште не се донесени десетици закони за да се забрза дигитализацијата, но и дигиталната писменост кај населението којашто е на ниско ниво, а државата треба да ја подигне.

Северна Македонија има донесено Стратегија за реформа во јавната администрација 2023-2030, која дава насоки за дигитализација според европски пракси и регулативи, но и покрај тоа од невладината Метаморфозис велат дека системот на дигитални решенија во јавниот сектор на национално и локално ниво е фрагментиран и не обезбедува ефикасна комуникација меѓу државните институции.

Во овие документи е предвиден принципот „само еднаш“, што значи дека јавната администрација само еднаш треба да добие информации од граѓаните и бизнисите, а потоа тие информации да ги комуницира за потребите на граѓаните со разни институции по службена должност.

Ова според Метаморфозис треба да биде „политички приоритет во пракса, а не само декларативно или изведен со решенија кои не се применуваат или се применуваат делумно.“

Во Северна Македонија постои Национална платформа за интероперабилност, но со многу слаба искористеност каде регистрирани се само 50-тина институции и бизниси, велат од Метамофрозис.

Со години постои и Националниот портал за е-услуги кој не ја оправдува својата намена и нуди мал број на е-услуги.

Официјалните податоци покажуваат дека засега само 8 проценти од вкупното население на возраст од 18 до 64 години е регистрирано на Националниот портал за е-Услуги, според анализите на државните ревизори во извештајот објавен во јуни 2024 година насловен: „Бавна дигитализација, недоволна промоција и слаба искористеност на е-услуги.“

Ревизорите наведуваат дека од 2020 година наваму преку портал е-услуги биле реализирани само 65.000 електронски услуги на 110.000 регистрирани граѓани.

Што беше ветувано?

Процесот на дигитализација на јавните услуги во Северна Македонија е започнат на почетокот на 2000-те години.

Ветувањата за дигитална трансформација доаѓаа главно од првите луѓе на Министерството за информатичко општество и администрација, сега трансформирано во Министерство за дигитална трансформација од страна на новата Влада.

Од министрите на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2016, преку оние на владата на СДСМ од 2017 до 2024 – сите најавуваа сериозни вложувања за дигитализација:

Од нова опрема и софтвер за креирање на Електронски регистар на населението и нов Национален портал за електронски услуги, до тоа дека граѓаните ќе можат да активираат електронски идентитет.

Плановите беа со електронскиот идентитет да се избегнуваат шалтерите низ институциите, без разлика дали станува збор за потпишување или подигнување на документи.

Една од опциите беше граѓаните да добијат токен или да можат електронски да се потпишуваат со своја лозинка и корисничко име преку персонален компјутер или мобилен уред.

Но, ништо од ова засега нема, иако министрите за информатичко општество постојано даваат оптимистички изјави откако ќе го преземат овој ресор.

„Ако претходните мои колеги зборувале дека ќе има дигитализација, дали денеска имаме дигитализација? Дали ги имаме процесите дигитализирано? Одговорот е не! Дајте ми и мене можност да ви кажам дека ќе ги дигитализираме.“

Ваква беше изјавата на министерот за информатичко општество и администрација Азил Алиу од поранешната влада на брифинг со новинарите во април 2023 година.

Сега има ново министерство кое го формираше владата на ВМРО-ДПМНЕ по изборите на 8 мај и раководство кое вели дека дигитализацијата е главен приоритет.

Новиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека нивната визија е да има целосна дигитализација на јавните услуги и целосно интегрирање на системот е-услуги.

„Подобрување на капацитетот на јавните институции за испорака на ефикасни е-услуги, подигнување на дигиталната писменост на граѓаните и деловните субјекти за користење на е-услуги и зголемено користење и запознавање на граѓаните со овие услуги“, вели Андоновски.

Смарт Македонија: Јавни услуги достапни на еден клик“ е делот во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во кој се вели дека новоформираното министерство ќе работи на изградба на потребната инфраструктура за дигитална трансформација на сите ресори во државата, со посебен фокус на примена на вештачка интелигенција во здравството, образованието, финансиите, социјалата, земјоделството, паметните градови.

Во програмата се вели дека јавните услуги ќе бидат целосно дигитализирани, дека ќе бидат воведени мобилни услуги, обуки на граѓаните за користење на дигитални услуги, дигитална инклузија на лицата со попреченост, сајбер безбедност, јакнење на капацитетите на јавниот сектор за работа со податоци и друго, брз интернет во целата држава, спроведување на 5Г мрежа, безбеден пренос на информации за државните институции и друго.

Што треба да се направи и кои се придобивките?

Но, Владата и Собранието ги очекува многу работа со ситуација кога вкупно 140 закони и прописи треба да бидат усогласени за дигитализација на процесите во државата, како што нотираат ревизорите во нивниот извештај.

„Отсуството на активности и конкретни резултати, овозможило делумна усогласеност на законите, јавните институции да не ги дигитализираат процесите и услугите, а граѓаните и понатаму да ги користат услугите преку шалтер“, наведуваат ревизорите во извештајот.

Треба исто така да се синхронизираат статистиките помеѓу порталите и институциите кои нудат електронски услуги со националниот портал.

За вештачката интелигенција не можеме ниту да помислиме, како што велат од „Метаморфозис“, без државата претходно да направи јасни стратегии и политики кои ќе го регулираат нејзиното користење кои треба да осигура дека нема да има негативно влијание врз човековите права.

Според анализите на Фондацијата „Метаморфозис“ дигиталната технологија во јаната администрација треба да ги олесни процесите и испораката на јавни услуги, да ја намали бирократијата и да го олесни работењето на јавната администрација.

„Дигиталните технологии овозможуваат градење на отворени и транспарентни институции, ги зголемуваат можностите на граѓаните да комуницираат со институциите, ја зголемуваат отчетноста на институциите пред јавноста и овозможува учество на граѓаните во процеси на донесување на одлуки врз основа на лесно достапни информации и можности за учество преку различни алатки. Сузбивањето на корупцијата е суштинско за зголемување на довербата во институциите“, велат од Метаморфозис.

Дигитализацијата исто така ќе ги намали трошоците на администрацијата и на граѓаните, но и користрењето на хартија со што ќе има и директен придонес за заштита на животната средина.

Ревизорите, пак, наведуваат дека дигитализацијата треба повеќе да биде промовирана, да се подобри слабата искористеноста на е-услугите, а Владата, Министерството, институциите и органите на државната управа повеќе да се посветат кон активностите на дигитална трансформација и овозможувањето на електронски услуги за граѓаните.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Респираторите косеа во пандемијата

Следно

Русија тврди дека соборила 39 украински беспилотни летала над повеќе региони

Latest from Blog

„Храбар и решителен“, Зоран Заев се најде во мемоарите на Ангела Меркел

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја претстави својата книга „Слобода: Мемоари 1954-2021“, дело кое повторно го привлече вниманието на светската јавност. Во книгата, Меркел пишува за својот приватен и професионален живот, ставајќи

Зоран Заев е единствениот политичар од Балкан што Меркел го споменува во нејзините мемоари

„На Западен Балкан, единствениот (жив) политичар кој Меркел го споменува во своите мемоари е Зоран Заев, кого таа го нарекува ‘храбар и решителен’, објави Михаел Мартенс, прославениот новинар на Франкфуртер Алгемајне Цајтунг

Николоски: Невозможно е да се комуницира со Бугарија за отворените прашања, техничката влада нема легитимитет да преговара

Македонија ги промовира своите позиции – уставни измени со одложено дејство пред земји кои се главни играчи на европската политичка сцена и тоа е многу важно за нас, истакна заменик претседателот на

Нетанјаху ќе го достави договорот за прекин на огнот со Либан на одобрување пред кабинетот за безбедност

ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетатајаху изјави дека до кабинетот ќе го претстави нацрт-договорот за прекин на огнот со Либан, известува Анадолу. Нетанјаху објави видео-порака во која истакна дека времетраењето на

Мицкоски ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски утре ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Општина Охрид. Третата фаза на инвестициски циклус на КОСТАЛ Македонија
Go toTop