Жешкото време носи и „жешки“ сметки за струја

July 19, 2024
4 mins read

Како што расте скалата на термометрите, вртат и броилата на струјомерите. Високите температури што го погодија регионот во јули, ја зголемија потрошувачката на електрична енергија во Северна Македонија за околу 11 проценти во споредба со лани, покажуваат податоците на универзалниот снабдувач ЕВН за периодот од 1 до 17 јули.

„Во месец јули потрошени се 254.492 мегават часови, што се должи на високите температури. Минатата година вкупната потрошувачка на електрична енергија, за периодот 01 до 17 јули изнесувала 229.575 мегават часови. Разликата се јавува заради разликата на температурите, затоа што од втората недела на јули температурите се далеку над просекот“, велат од ЕВН за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Ова значи дека просечната дневна потрошувачка овој јули е за околу 1.500 мегават часови поголема од лани.

Инфографика - Потрошувачка на струја во Северна Македонија од 1.07. до 17.07 2023 и во истиот период во 2024 година

Инфографика – Потрошувачка на струја во Северна Македонија од 1.07. до 17.07 2023 и во истиот период во 2024 година

Пред една недела Северна Македонија влезе во портокалова фаза со температури и над 40 степени, а Владата донесе препораки од минатиот петок заклучно со вчера (18 јули) лицата над 60 години и бремените жени да се ослободат од работа.

Повисоки сметки во јули

Клима уредите се единствениот спас од горештините кој го гледаат граѓаните. На работа, дома, во автомобил, велат, постојано ги користат.

„Користиме клима инвертер, во зима за греење и во лето за ладење. Живееме во куќа, тоа и поголем простор и за да се одржува температурата на овие високи температури воопшто не ја гасиме. Лади дење – ноќе, со тоа што кога ја постигнува саканата температура сама престанува да лади. Не сум сигурна дали на овој начин се троши повеќе струја, но и да се троши, тоа е неопходно во овие жешки денови“, вели скопјанката Симона С.

А, покрај зголемената потрошувачка, сметките за струја од јули на граѓаните ќе им бидат повисоки и поради новата цена на електричната енергија што ја утврди Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Според тоа што го објави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на 27 јуни, од овој месец за 88 проценти од домаќинствата коишто влегуваат со потрошувачка во првиот и вториот блок, трошокот за струја ќе се зголеми за 0,4 проценти.

За осум отсто од домаќинствата кои се во третиот блок, зголемувањето ќе биде за 0,48 проценти, а за тие во четвртиот блок (четири проценти од домаќинствата), трошокот ќе биде повисок за 0,57 проценти.

Летниот рекорд на потрошена струја далеку од зимскиот

Освен Северна Македонија, топлотниот бран ги зафати и останатите земји од Западен Балкан поради што Србија го сруши и рекордот со потрошувачка на струја. Како што изјави претседателот Александар Вучиќ, не рекорд само во летните, туку и во зимските месеци.

Во Северна Македонија, пак, рекорден според потрошувачката во екот на топлотниот бран бил 17 јули (среда) кога биле потрошени 17.018 мегават часови.

„Тоа беше еден од најтоплите денови овој период, со минимални 19 и максимални 42 Целзиусови степени, измерени на скопскиот Аеродром“, велат од ЕВН.

Сепак, овој рекорд на потрошена струја е далеку од оној што бил поставен во последната зима. Податоците од универзалниот снабдувач ЕВН покажуваат дека рекорден бил 23 јануари со потрошени 25.696 мегават часови.

Како да се разладуваат просториите со клима

Во екот на топлотниот бран, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со препораки до граѓаните како треба да ги разладуваат внатрешните простории. Идеалната собна температура, велат, е 21 Целзиусов степен во текот на денот, а 18 во текот на ноќта.

„Но во период на топлотни бранови најдобро е собната температура да се одржува околу 25 Целзиусови степени“, велат од ИЈЗ.

Температурата на климите, нагласуваат, не треба да биде наместена под 7 Целзиусови степени од надворешната. На пример, ако е надвор 35, клима уредот максимум треба да е наместен на 28 Целзиусови степени.

Електричните вентилатори можат да помогнат, но, посочуваат од ИЈЗ, само ако температурата е под 35 Целзиусови степени.

Што покажуваат извештаите на државните компании

Дали домашното производство на струја се соочило со проблеми во текот на јули, дали зголемената потрошувачка во екот на топлотниот бран ќе ја наруши планираната динамика за производство на струја се дел од прашањата кои ги упативме и до државата Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

„Иако сушата влијае неповолно на производството од хидроелектраните, тоа нема влијание на остатокот од производството и не ја нарушува предвидената динамика на производство и снабдување со електрична енергија“, велат од ЕСМ за РСЕ.

Во просек, ЕСМ од домашните капацитети, како што се термоелектраните, хидроцентралите и ветерниците, обезбедува околу 90 отсто од вкупното домашно производство на електрична енергија.

Најголемата подружница во нејзин состав, комбинатот РЕК Битола, на 12 јули се најде надвор од употреба поради испад на 110 киловатна собирница на МЕПСО. Ден по испадот оттаму соопштија дека РЕК Битола во текот на ноќта продолжил да работи со еден од трите блока, а на 16 јули објавија дека ставиле во функција два блока – 1 и 3. Блокот 2, пак, не е во функција поради ремонт кој, како што соопштија, се одвива „според предвидената динамика‘.

Тоа, тврдат од ЕСМ не предизвикало проблеми благодарение на хирдроелектраните, но и на увозот. Колкав е увозот во јули, оттаму не одговорија.

„Дефектот на Блок 1 на РЕК Битола не предизвика проблеми и финансиски последици во снабдувањето со електрична енергија и оттука нема простор за загриженост кај потрошувачите. Планираното производство беше надополнето со зголемено производство од хидроелектраните и набавка на електрична енергија“, велат од ЕСМ.

Тие денови, на пример, од 12 до 14 јули, производството на струја од хидроцентралите се движи од 5-7.000 мегавати. Претходните денови (од 1 до 12 јули), пак, преку хидроцентралите во просек се произведувале по 3.200 мегавати, покажуваат податоците од МЕПСО.

Дневните извештаи на МЕПСО, државна компанија чија клучна функција е пренос на електричната енергија и управување со електропреносниот систем, исто така покажуваат дека државата во текот на јули најголемиот дел од потрошувачката ја задоволувала со домашно производство. Во првите две недели тоа се движело во просек од 12-15.000 мегават часови, освен на 6 и 7 јули кога, како што е наведено, „производството приклучено на преносна мрежа“ изнесувало околу 6.400 односно 8.300 мегават часови.

Тие денови најмала била и потрошувачката односно, во графата за конзум бројките се по околу 10.000 мегавати.

Во поголем дел од останатите денови од 1 до 14 јули, производството е поголемо од потрошувачката, освен во деновите кога почна портокаловата фаза (12, 13 и 14 јули) кога бројките во графата „конзум“ се поголеми од тие во „производство“ за 500 до 1.200 мегават часови.

Пад на температурите и најави за невреме

Северна Македонија и денеска (19 јули) е во портокалова фаза со дневни температури од 34 до 40 степени. Меѓутоа, за попладне, како што најавува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), се очекува нестабилно време со пороен дожд и грмежи. На некои места ќе има и силен ветер и град. Така беше и вчера (18 јули) поради што делови од Скопје со часови останаа без струја.

Според најавите од УХМР, следните денови температурите ќе бидат во постепено опаѓање и до средината на следната недела попладне и во текот на ноќите ќе има поројни врнежи од дожд и град, грмежи и силен ветер.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Израелската Армија тврди дека дронот со кој е извршен напад врз Тел Авив е од иранско производство

Следно

Бриселската Агенција за животна средина ги тужи авиокомпаниите поради бучава

Latest from Blog

НЕЛА ВИТОШЕВИЌ ВО МНТ ЈА РЕЖИРА „ЗАМИСЛИ НОВ СВЕТ“ КАКО ПАТУВАЊЕ НИЗ ДРАМИТЕ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

Режисерката Нела Витошевиќ во Македонскиот народен театар (МНТ) ја режира претставата „Замисли нов свет“, копродукциски проект помеѓу „Сектор филм“ и МНТ. Претставата се најавува како колаж од делата на еден од најзначајните

61-годишна жена по над 30 години битка за сопствен пород, стана мајка – се роди Петар и им донесе радост

На Клиниката за гинекологија и акушерство, мајка стана на 61- годишна скопјанка, која на свет го донесе својот син, Петар. Бебето и мајката се во добра здравствена состојба и, како што велат

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Во вечерашната емисија „Само вистина “на Канал 5 телевизија, гостуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој зборуваше за актуелни политички и економски теми и фокусот го стави на унгарскиот кредит и дека

Ристовски – Рокас: ЕУ е докажан партнер во развојот на македонскиот спорт

Македонското Министерство за спорт и Канцеларијата на Европската унија во Скопје договорија блиска соработка и промовирање на вистински вредности кои ќе значат здрава младина за европска иднина на Македонија. Ова денеска на
Go toTop