Муцунски ги скенира последните дипломатски упатувања на Османи

July 11, 2024
3 mins read

Амбасадорската фотелја на Северна Македонија во Обединетите Нации (ОН) во Њујорк, можеби нема да биде единственото дипломатско место кое ќе се испразни наредниот период. Тамошниот шеф на мисијата Љубомир Фрчковски и самиот најави повлекување откако и тој и амбасадорот во Рим, Весел Мемеди, беа повикани на консултации од новиот шеф на дипломатијата Тимчо Муцунски.

Но, новото раководство во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги „чешла“ и сите упатувања и на дипломати од понизок ранг што пред своето заминување ги направил ексминистер Бујар Османи.

„Во моментов, во фаза на анализа се сите упатувања во предизборието и пост-изборниот период. Доколку се утврди дека има пропусти во постапката или дека нема реална потреба за пополнување на некои од наведените места секако дека истите ќе бидат ревидирани“, велат од Министерството за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Седум дипломати со мандат, седум на испомош

Според податоците кои РСЕ ги доби од МНР, во претходните три месеци, од април до јуни, на работа во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) биле испратени вкупно 14 дипломати.

Тогаш во Северна Македонија течеше изборниот период – на 4 април започна кампањата за првиот круг од изборите за шеф на државата одржан на 24 април. На 8 мај беше вториот заедно со парламентарните избори, по кои на 24 јуни беше изгласана и новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Од 14-те дипломати испратени во тој период, тројца биле упатени во април, петмина во мај, а шестмина во јуни.

„Од овие 14 дипломати, 7 се упатени на мандат во Дипломатско-конзуларните претставништва, а 7 се упатени на испомош“, велат од МНР не прецизирајќи на какви задачи биле испратени.

Вкупниот број на интерни конкурси за упатување на работа во ДКП-та, пак, што ги распишал Османи во истиот период бил 16.

До објавување на овој текст, поранешниот министер не одговори на прашањата за која цел биле упатени дипломатите и зошто во пред и постизборен период, како и за коментар за повикувањето амбасадори на консултации од неговиот наследник.

„Евакуација на кадри“

Македонскиот дипломатски синдикат (МДС) досега имаше неколку реакции оценувајќи дека е нејасно која е целта на ваквите чекори за упатување дипломати во транзициски период и оти тоа не е коректно кон самите дипломати бидејќи се доведуваат во незавидна положба.

Во последната, пак, по доаѓањето на Муцунски на чело на Министерство му искажаа поддршка во „решавањето на наталожените проблеми во македонската дипломатија“ и побара да се продолжи со анализа на работата на највисоките државни претставници на дипломатијата.

„МДС во континуитет предупредуваше и укажуваше на бројни неправилности а неретко и флагрантни кршења на Законот за надворешни работи, но бевме целосно игнорирани од претходните раководства“, реагираа од синдикатот.

Поранешниот претседател на МДС и пензиониран амбасадор, Зоран Дабиќ, во изјава за РСЕ потезите со огласите и упатувањата дипломати во време на транзиција на власта ги оценува како „неумесни и некоректни“.

„Најголема штета всушност им нанесува на луѓето кои ги испраќа. Знаете дека испраќањето во странство е процес каде има подготовка, трае неколку месеци, луѓето се запознаваат со работата што ги чека. Тоа е она што е редовна пракса во МНР. Но, испраќање луѓе во последен момент навистина наликува на евакуација на кадри кои биле поврзани по лична или партиска основа со министерот и не остава добар впечаток“, вели Дабиќ.

Од Министерството досега не објавија имиња на упатени дипломати, но како што изминатиот период го привлече вниманието на јавноста е информацијата дека поранешната телевизиска презентерка Бесмира Ејупи се упатува на испомош во конзулатот во Бон. Околу нејзиното име се крена врева и во 2022 година кога таа наводно се планираше за конзулка во Њујорк, што на крај, не се реализираше. Истиот конзулат, беше мета на критики од синдикатот и на почетокот на годинава поради предлогот нов конзул да биде Мухаби Синани за кого обвинија дека нема дипломатско звање. Османи тогаш негираше и рече дека се прави „етничка дискриминација“.

Се чека епилогот за Мемеди и Фрчкоски

Епилогот околу амбасадорите Љубомир Фрчкоски и Весел Мемеди, како единствени имиња за кои досега новото раководство на МНР потврди дека ги викнало на консултации, сè уште официјално не е познат.

Причините за ваквиот чекор во однос на Мемеди се поврзуваат со тоа што тој во февруари наводно на своја рака ги известил италијанските власти дека се неважечки патните исправи со името Република Македонија.

За Фрчкоски, пак, дека поради наводни злоупотреба на службената картичка за авионски билети и непочитување на насоки кои биле давани од поранешниот министер Османи.

Амбасадорот ги негираше ваквите обвинувања и порача дека не е никаков проблем тоа да се повлече некој кога не е „погоден“ на идеологијата на новите власти, но начинот на кој го прави тоа актуелното раководство во Министерството преку „конструкција на валканици“ е срамен.

„Срамна и мизерна е забелешката на службите во МНР дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија. Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го принудија привремено да искористи пари од мисијата за авиобилет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства“, пишуваше во реакцијата што беше испратена од Постојана мисија на Република Северна Македонија во ООН во Њујорк.

Во реакцијата Фрчкоски најави дека сам ќе се повлече откако ќе му заврши боледувањето.

Покрај нив двајцата, во меѓувреме на консултации беше повикан и амбасадорот во Тирана, Данчо Марковски. Тој беше повикан за изнаоѓање начини како да се дејствува во иднина по резултатите од пописот во Албанија, каде беше забележано агитирање кај тамошното население од бугарска страна.

Тимчо Муцунски ја презеде функцијата шеф на дипломатијата на 28 јуни. Министерството доби и дополнителни ингеренции во секторот на економијата и доби нов назив – Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.

Неговиот претходник Османи ја извршуваше функцијата од крајот на август 2020 година.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Гужвана пита на која никој не може да ѝ одолее: Потребни ви се само неколку состојки

Следно

Дроновите ја надлетуваат Грција, досега се исплатени 350.000 евра за нелегалните лежалки

Latest from Blog

Ристовски – Рокас: ЕУ е докажан партнер во развојот на македонскиот спорт

Македонското Министерство за спорт и Канцеларијата на Европската унија во Скопје договорија блиска соработка и промовирање на вистински вредности кои ќе значат здрава младина за европска иднина на Македонија. Ова денеска на

ЕУ донира шест еко-автобуси за скопјани, Арсовска вели владината најава за нови автобуси е задоцнета

Градоначалничката Данела Арсовска ја поздрави владината најава за набавка на стотина електрични автобуси. Сепак, таа оцени дека ваквата реакција е задоцнета. Арсовска повтори дека пред Советот на Градот постојано како точка на

Кадарот на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска не сака повеќе да биде мајка на Скопје

Актуелната градоначалничка на Скопје,Данела Арсовска, денеска се произнесе дека на претстојните локални избори нема да се кандидира за позицијата прв човек на главниот град. „Апсолутно не размислувам за нов мандат“, одговори на

Сиљановска Давкова го прими Венко Филипче, разменети мислења за политичките и безбедносните состојби

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Венко Филипче, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседател на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието. На средбата беа разменети мислења за општествениот амбиент,

Што го налути Борисов за да не прифаќа да биде мандатар за состав на нова бугарска влада?

Политичката ситуација во Бугарија никако да се стабилизира. Најновите моменти со одбивањето на Борисов да е мандатар за нова влада, одат во правец на тоа дека нашиот источен сосед веројатно напролет ќе
Go toTop