„Изградена е нова сообраќајница и кружен тек, со што при изградба на гасоводниот прстен би требало повторно да се работи на веќе изградените објекти“, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Овој заклучок го донеле државните ревизори кои работеле на извештај за развојот на системот за гасификација во Северна Македонија. Во дел од извештајот тие констатираат дека сега веќе државното претпријатие за гас „Номагас“, кое е формирано од АД ГАМА и државното Македонски енергетски ресурси (МЕР), поседува цевки кои, меѓу другото, би се користеле за доизградба на гасоводен прстен околу Скопје. Се работи за 4 километри кои недостигаат за да се затвори гасоводот кој го обиколува главниот град, а кој е дел од магистралниот гасовод.
Ревизорите заклучуваат дека овој дел од гасоводот е исклучително важен и претставува траса која во март 2020 година била вцртана во инфраструктурните проекти на Градот Скопје.
Радио Слободна Европа по слободен пристап до информации од јавен карактер доби документи кои покажуваат како се одвивал процесот на планирање и проектирање. Уште во јули 2019 та година тогашното Акционерско друштво ГАМА испратило известување до изработувачот на инфраструктурниот проект за клучката кај Момин поток, ГЕИНГ, дека на истата траса е проектиран и гасовод.
Било побарано при изработката на сообраќајниот проект да се земе предид и гасоводот.
Уште еден документ покажува дека во предвидените проекти на ГАМА веќе е впишана изградбата на гасоводниот прстен. Во планот за доизградба на гасоводот од 2020-2024 година предвидело рок до 2020 година да го финишира прстенот околу Скопје.
За изградба на 4 км гасоводна мрежа друштвото ГАМА предвидело милион и петстотини илјади евра.
Во инфраструктурниот проект од 2020 година за Град Скопје за сообраќајницата со назив „КЛУЧКА НА БУЛ.НИКОЛА КАРЕВ СО БУЛ.8МИ СЕПТЕМВРИ И УЛ. СКУПИ“, градот сепак го предвидел и гасоводот како еден од проектите кои ќе поминуваат паралелно со сообраќајниците кои треба да се градат и да ги сечат новите кружни текови. Но во текот на изградбата не го земаат предвид.
Сообраќајницата интензивно се гради додека гасоводот чекал дозвола
Во април 2021 година тогашниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов го промовира проектот. Клучката е најавена како еден од најсложените сообраќајни проекти во последниот половина век во градот кој ќе чини 18 милиони евра.
„Се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот во близина на приватната болница „Систина“, а вториот на крстосницата кон населбата Визбегово. По оваа сообраќајница поминуваат 25 илјади возила дневно, рече Шилегов на промоцијата (28.04.2021).
Три месеци пред локалните избори во октомври 2021 година, багерите почнуваат да ја копаат локацијата додека актуелниот градоначалник Шилегов говори за стартот на изградба на два кружни тека.
„Овој потег е можеби највидлива стратегијата на развојот на Градот Скопје“, вели Шилегов на промоцијата.
Паралелно речиси во исто време ГЕИНГ започнува да со изработка на урбанистички проект за гасоводот кој треба да го затвори кругот околу градот. Во него се содржи и актуелниот Генерален урбанистички план кој бил испратен од Градот Скопје за потребите на проектот за гасоводот.
Во меѓувреме, изборите завршуваат па на градоначалничката фотелја седнува Данела Арсовска.
НОМАГАС: Град Скопје ја развлече дозволата за гасоводниот прстен
Постапката за одобрување на инфраструктурен проект со наслов „Урбанистички проект за инфраструктурни линиски градби за изградба на гасовод започнала на 14 јуни 2022. Во овој период државата станува целосен сопственик на гасоводот преку ноовоформираното претпријатие НОМАГАС, откако го откупува делот од ГАМА. Во овој период на терен се уште не е изграден ни првиот кружен тек, оној во близина на „Хубо“ маркет.
Една година по барањето за инфраструктурниот проект, Град Скопје му одговара на НОМАГАС.
Во одговорот до кој дојде Радио Слободна Европа, а е од 1 мај 2023 година градот дава мислење кое содржи 10 точки и во кое има барање до НОМАГАС со што се уште не го одобрува проектот.
Директорот на НОМАГАС, Бајрам Реџепи во изјава за РСЕ вели дека токму одолговлекувањето на постапката доведе до стопирање на гасоводниот проект.
„Овој одговор е доставен со една година задоцнување и тоа пред самото започнување на изградба на делницата од страна на градот Скопје, со што на ГА-МА АД – Скопје не и е оставен временски простор да ја доврши започнатата постапка за добивање дозвола за градба. Заради преголемиот период и развлекување на постапката, во меѓувреме роковите од договорите за извршување на услугата се изминати, сообраќајниците се обновени и целиот проект за гасоводот е закочен“, вели Реџепи за РСЕ.
Поинтензивно градежните работи на терен се одвиваат во 2023 година, кога и многу од медиумите пренесуваат за интензитетот на изградба на сообраќајницата. И покрај тоа што се пробиваат роковите и за сообраќајницата, сепак градоначалничката Данела Арсовска во изјавите е задоволна од реализацијата.
Цевки има, гасовод нема, а буџетот оштетен
Некоординираноста на државните институции, а во конкретниов случај меѓу Град Скопје и НОМАГАС ревизорите го истакнуваат како проблем кој предизвикува загуби.
НОМАГАС влегло во инвестиција со која набавило материјал за изградба на гасоводниот прстен околу Скопје, кои уште не може да ги употреби бидејќи нема добиено дозвола за градење. Колкава е нивната вредност не пишува во извештајот, но ревизорите ги лоцирале како непотребна набавка која со години стои во магацин. Од друга страна Градот Скопје задоцнил со одговорот за добивање дозвола, па проектот застарел.
„Надлежните лица како причина за големата набавка на цевките и резервните делови за изградба на оваа делница ја истакнаа нивната подготвеност во случај на започнување на реконструкцијата на булеварите кај оваа траса. Отсуството на соодветно планирање и координација на активностите при набавка и издавање на залихи, предизвикува нерационално трошење на средствата на друштвото и влијае врз неговата ликвидност“, пишува во извештајот на ДЗР.
Инаку според НОМАГАС затворање на прстенот во град Скопје, е битен заради поголема сигурност и стабилност во снабдувањето со гас на корисници во централниот и западниот дел од градот. Покрај тоа дава можност да се приклучат нови корисници на Системот за пренос на природен гас, посебно на индустриски објекти во неколку индустриски зони.
Актуелната градоначалничка недостапна, Шилегов тврди – не можеле да чекаат
Радио Слободна Европа испрати прашања до кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска, но не доби одговори. Поранешниот градоначалник Петре Шилегов вели дека градот не можел да чека да се заврши целата проектна процедура за гасоводот бидејќи на овој начин би се одолговлекувала и реализацијата на сообраќајниот проект. Убеден е дека со новите градежни технологии не мора со сигурност да се прекопува веќе изграденото сообраќајно решение.
„Ако ти како градоначалник го чекаш гасоводот да стартува, тогаш тешко тебе. Во проектот се е предвидено, кога ќе дојдат до тоа место за цевки за изградба на гасоводот може да се оди со подземно решение, што не мора да значи дека со сигурност ќе се прекопува. Можеби е поскапо но може да пробиваат подземно од двете страни под асфалтот и да се инсталираат цевките, вели Шилегов за РСЕ.
Од НОМАГАС признаваат дека сега проектот за гасоводот е стопиран, а ситуацијата станува уште покомлицирана.
„Ова е од причина што државното акционерско друштво е лиценцирано само за пренос на природен гас, не и за дистрибуција. За сега државата нема оператор за дистрибуција на природен гас за територијата на град Скопје, па развојот на среднопритисната и нископритисната дистрибутивна мрежа станува комплицирано„, велат од претпријатието за РСЕ.
Инаку, кружниот тек кој е близу „Хуго“ маркет веќе е пуштен за сообраќај. Во моментов траат градежните работи на клучката кај Момин поток каде ќе се поврзат патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница.
И на крај, кој ќе плати кога повторно ќе треба да се копа за да се изгради и доврши гасоводниот прстен околу Скопје? Како можело да не се земат предвид сите елементи при планирањето? Градот не одговара на ниту едно прашање.
Извор: Радио Слободна Европа