Кои се инвеститорите што ќе го градат ветерниот парк кај Штип?

June 25, 2024
3 mins read

Ветерен парк помеѓу три општини – Штип, Карбинци и Радовиш, со 55 ветерници што ќе произведуваат еден терават час електрична енергија или околу 20 отсто од целокупното производство што го има Северна Македонија. Струја доволна за 100.000 домаќинства.

Ова се дел од податоците за помпезно најавуваната првата инвестиција во енергетиката на новата Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.

Таа, според најавите, е вредна околу 450 милиони евра и треба да обезбеди околу 630 вработувања во градежниот сектор.

Најавувана уште во текот на кампањата, инвестицијата денеска (25 јуни) ја имаше и официјалната промоција во Скопје.

Инвеститор е „Алказар енерџи“, кој македонската Влада го претстави како водечки инвеститор во обновливите извори на енергија – независен одржлив фонд со седиште во Луксембург и тим советници стационирани во Дубаи.

„Овој проект претставува клучен чекор во целта на компанијата да ја развие најголемата платформа за обновлива енергија во Западен Балкан“, пишува на официјалната веб-страница на „Алказар енерџи“.

На денешната промоција, македонската јавност како претставник на новиот инвеститор го запозна Даниел Калдерон, извршен директор на „Алказар енерџи“.

Првото производство по 20 години од првичните најави за проектот

„Ние со своите партнери пред десетина години решивме дека ќе бидеме инвеститори во пазари во развој. Дојдовме во Македонија каде соларната и ветерната енергија сè уште не се толку присутни“, рече Калдерон пред новинарите.

Меѓутоа, идејата за проектот за овој ветерен парк се актуализираше во јавноста од 2008 година, кога со него се поврзуваа бизнисменот Стефан Пулејковски и шпанската фирма „Инвал“. Калдерон, пак, не беше прецизен во одговорот дали шпанската фирма е дел од „Алказар“.

Даниел Калдерон од „Алказар енерџи“ зборува промоцијата на инвестиција во ветерен парк во Северна Македонија

Даниел Калдерон од „Алказар енерџи“ зборува промоцијата на инвестиција во ветерен парк во Северна Македонија

„Секогаш кога ’Алказар енерџи‘ ќе дојде во земји како Македонија, Црна Гора, Египет, Јордан, имаме локален партнер. Најчесто овој локален партнер има доста одработено во дело на подготовка и развој на оваа активност бидејќи треба да се анализира земјиштето, да се види контекстот, какви технологии треба да се применат. Така што, Стефан го спроведуваше тој дел од проектот, ги завршуваше тие работи и сега ’Алказар енерџи‘ доаѓа во момент кога гледаме дека политичкиот прозорец е исправен, економскиот контекст е поволен, трошоците за технологијата се поволни за ова да може да се реализира на начин на кој е потребен“, рече Калдерон.

Иако на официјалната страница на „Алказар енерџи“ е најавено дека изградбата на ветерниот парк ќе почне во 2026, денеска во Скопје како инвеститори најавија старт на изградбата во втората половина на идната година. Првата струја, пак, се очекува да се произведе во втората половина на 2027.

Калдерон немаше одговор за која цена тие како инвеститори ќе го изнајмуваат земјиштето каде ќе никнат ветерниците.

„Прашањето поврзано со набавка на земјиштето, не е до нас најчесто. Често пати се врши закуп на земјиштето, им се плаќа на оние локални заедници низ кои поминува оваа електрана за целиот животен век на една електрана, што најчесто е 20 до 30 години“, рече извршниот директор на „Алказар енерџи“.

Од Блискиот Исток и Северна Африка до Кина и Црна Гора

Калдерон, кој зборуваше во Скопје, е меѓу 31 лице претставени како дел од тимот на „Алказар енерџи“ на официјалната веб-страница. Меѓу нив има партнери, директори, соработници, аналитичари, инженери и менаџери…

На листата е и едно лице од регионот. Марко Радуловиќ, инженер по електротехника кој е генерален директор на „Алказар енерџи“ за Црна Гора, кој во своето 23-годишна кариера има искуство и во црногорската влада односно Министерството за економија.

Токму Црна Гора е единствената земја од регионот за каде може да се пронајдат информации за инвестициите на „Алказар енерџи“.

Во септември 2023 од овој фонд објавуваат дека стекнуваат права за ветерниот парк кој треба да се гради во рамки на проектот „Бијела“ така што влегуваат во партнерство со оригиналните гринфилд развивачи на проектот – „Сименс инженеринг“ и „Систем МНЕ“.

Проектот „Бијела“ е дел од црногорската владината национална развојна стратегија за 2040 година. Ветерниот парк во Црна Гора треба да почне да се гради во 2025 година за 200 милиони американски долари.

Како независен инвестициски фонд „Алказар енерџи“ се основа во 2014 година. За себе наведуваат дека до 2018 стануваат најголемото независно портфолио на проекти за обновливи извори во регионот на Блискиот Исток и Северна Африка. Градат пет соларни фотоволтаични централи и два ветерни парка во Јордан и Египет.

На својата официјална веб-страница ја истакнуваат соработката од 2021 започната и со кинеската енергетска компанија „China Three Gorges“ во конзорциум со два кинески инвестициски фонда.

По пробивањето на бизнисот на Блискиот Исток и Северна Африка, тие го отвораат и фондот со седиштето во Луксембург, за кој велат дека е основан со визија да го „поттикне континуираното економско, еколошко и социјално влијание преку внимателно проверени, оптимизирани и финансирани проекти за обновлива енергија на одредени пазари во развој“.

Власта очекува поголема енергетска независност

Пред промоцијата на инвестицијата во Северна Македонија, претставниците на „Алказар енерџи“ имаа состанок во Владата со премиерот Христијан Мицкоски, кој пак, очекува дека оваа инвестиција ќе ја зголеми енергетската независност на државата.

Премиерот Христијан Мицкоски зборува на промоцијата на нова инвестиција во Северна Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски зборува на промоцијата на нова инвестиција во Северна Македонија

„Кога зборуваме за енергетски независни, зборуваме за енергетски независни во делот на електричната енергија. И тоа може да се реализира само со детален план за енергетиката каде верувам и знам дека ќе имаме голем напредок“, рече Мицкоски.

Тој вели дека целта е од земја увозник, „да станеме и земја извозник на електрична енергија“.

За амбициозните планови на власта зборуваше и министерката Сања Божиновска од новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Енергетиката, рече таа, „ја ставаме во центарот на нашите политики“ и најави повеќе проекти – од изградба на нови капацитети за обновлива енергија до поддршка за енергетски ефикасни фасади, прозори и врати и поповолни услови за продажба на вишокот енергија на домаќинствата што имаат фотоволтаици.

Мицкоски и Божиновска ги презедоа функциите вчера (24 јуни) откако новата влада беше изгласана в неделата вечерта по победата на ВМРО-ДПННЕ на парламентарните избори на 8 мај.

Покрај ВМРО-ДПМНЕ партнери во владата се и коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и политичката партија ЗНАМ.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Отоманските куќички за птици ја чуваат својата убавина веќе 5 века

Следно

Асанж излезе од затворот во Лондон

Latest from Blog

ВМРО-ДПМНЕ: Аврамовска Мадиќ, заменичка на неврохирургот на Заев, Филипче, ја интересираат само големи месечни хонорари и местење милионски тендери

Неврохирургот на Заев, Венко Филипче и поранешната претседателка на Сорос во Македонија, Викторија Аврамовска Мадиќ не можат да бидат новите лица на СДС, велат во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ. И двајцата се

Магливо наутро, преку ден сончево време!

Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла, а преку денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Долж Повардарието ќе дува слаб до умерен северен ветер. Во Скопје

Премиерот Мицкоски денеска во Костал: Трета инвестициска фаза од 40-45 милиони евра и 250 вработувања

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски утре ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Општина Охрид. Третата фаза на инвестициски циклус на КОСТАЛ Македонија

СОСТОЈБА НА ПАТИШТА: Собраќајот се одвива непречено и по претежно суви коловози

ЗИМСКА ОПРЕМА: Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година. Повеќе информации може

Таеквондистот Дејан Георгиевски се враќа со сребрен медал од Г1 Светскиот куп во БиХ

Сребрен медал освои македонски таеквондист Дејан Георгиевски од Босна и Херцеговина Опен Г1. Нови вредни бодови за Георгиевски на патот до обезбедување норма за учество на следните Летни олимписки игри во Лос Анџелес 2026.
Go toTop