Американските власти соопштија дека балонот бил висок околу 60 метри, а долниот дел по големина е споредлив со помалите патнички авиони и тежел повеќе од илјада килограми
Американската морнарица објави фотографии од кинескиот балон за надзор кој беше соборен во саботата откако неколку дена леташе над територијата на САД. Американски експерти детално ќе ги испитаат остатоците за да утврдат дали се работи за шпионски балон или за цивилен балон, како што тврдат кинеските власти.
Командата на американската морнарица на својот Фејсбук профил објави неколку фотографии на кои се гледа како големи парчиња од балонот се вовлекуваат во чамец.
Првите остатоци од кинескиот балон беа пронајдени еден ден откако беше соборен од американски воен авион над Атлантскиот Океан во саботата во близина на Миртл Бич, Јужна Каролина.
Според морнарицата, остатоците од балонот се расфрлани на површина од единаесет километри во обем.
Американските власти соопштија дека балонот бил висок околу 60 метри, а долниот дел по големина е споредлив со помалите патнички авиони и тежел повеќе од илјада килограми.
Според Би-би-си, експертите велат дека со проучување на остатоците од балонот, САД би можеле да добијат вреден увид во кинеската технологија и техниките за воздушно надгледување, што ќе им овозможи подобро да разберат за какви операции бил способен балонот и како пренесувал информации.
Пекинг сè уште тврди дека се работи за цивилен балон за метеоролошки истражувања кој случајно навлегол во воздушниот простор на САД.
Од друга страна, САД тврдат дека балонот бил шпионски, поради што државниот секретар Ентони Блинкен ја откажал претходно планираната посета на Кина.
Блинкен ја нарече акцијата на Кина неодговорна и неприфатлива, а кинеското Министерство за надворешни работи во понеделникот предупреди дека соборувањето на балонот сериозно ќе ги оштети односите меѓу двете земји.
Извор: 360stepeni.mk