Ќе се зголеми ли цената на струјата и за колку?
Иако претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски пред десетина дена изјави дека намалениот увоз на струја може да ги намали сметките за домаќинствата, нова неизвесност околу цената на струјата деновиве предизвика техничката Влада. Таа на затворена седница донесе одлука државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) да му продава за 15 проценти помало количество на струја на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, но и за 5 проценти поскапо.
„Оваа цена од 60 евра за мегават час на некој начин можеме да ја изменаџираме, но мене ме загрижуваат 15-те проценти коишто треба да се набавуваат на слободниот пазар и тоа има сериозно влијание“, рече Бислимоски.
Бислимоски пред десетина дена во интервју за Радио Слободна Европа рече дека инвестицискиот бум во соларната енергија помогнал државата да го намали увозот на струја од 30 на помалку од 3 отсто и дека со тоа може да се очекува да има проширување на евтината тарифа и со тоа да има намалување на цената на струјата за домаќинствата. Но, техничката влада ги измести ваквите најави.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер, Христијан Мицкоски, изјави дека новата влада ќе ја врати цената на струјата во првите два три дена, со тенденција да ја намали кога ќе почне новиот период на регулирање на цената, а тоа е од први јануари догодина. Група пратеници од Коалицијата „Твоја Македонија“ во Собранието поднела Предлог закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка, со којшто, како што рече Мицкоски, ќе нема зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата.
ТИРЗ од бесплатни канцеларии се сели под кирија за 20 илјади евра месечно
Технолошко индустриската развојна зона Скопје (ТИРЗ) од канцелариите на Партизански одреди бр.2 во Центарот на Скопје, кои што ги користеше бесплатно, со договорот со А.Д. за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, е предвидено вработените во скопската подружница да се преселат под Источната трибина на Градскиот стадион „Тодор Проески“.
Договорот е склучен на 23 јануари 2024 година, ќе се изнајмува простор од 2066 м2 во следните пет години со месечна кирија од над 20 илјади евра. Тоа значи дека за цел период ТИРЗ на државното акционерско друштво ќе му исплати милион и двесте илјади евра закупнина.
Дваесет и шестмина вработени во Дирекцијата на Партизански одреди бр.2 се потпишале дека се против селидбата и испратиле писмо до директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и до Управниот одбор на чие чело е претседателот Џелил Ахмед. Тие се загрижени, но и незадоволни како што пишуваат во писмото дека новите простории не ги исполнуваат нормативите за безбедност при работа и дека намената на просторот е за спорт а не за администрација.
„Потребата за простор произлегува од значително зголемениот обем на активности на Дирекцијата за ТИРЗ, имајќи предвид дека само обемот на договори за нови инвестиции надмина над 1 милијарда евра во последните 3 години“, се вели во изјавата од Деспотовски за РСЕ.
Покрај преселбата, за опремување на четири објекти со кои располага ТИРЗ на различни локации, ќе бидат потрошени околу 29 милиони денари или нешто помалку од половина милион евра.
Нов канцелариски мебел ќе се набавува од фирмата СПС Инженеринг од Скопје. Таа го добила тендерот и на средината од мај потпишала договор со директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Според него, потребата за опремување на канцелариите е поради тоа што во изминатите две години изградени се три нови функционални објекти во ТИРЗ Прилеп, Струга и Штип. До сега вработените и службите користеле времени објекти. „Сакам да бидам јасен – набавката на канцелариска опрема е и за овие простории на ТИРЗ, не само за просторот на ПУИГ на градски стадион“, вели Деспотовски.
Лекување во странство – преку Фондот тешко
Минатата 2023 година, се намалил бројот на барања до ФЗОМ за лекувања во странство, во споредба со годината претходно – од 347 барања во 2022 година, на 307 барања во 2023. Притоа, 44 барања биле одбиени од Фондот.
Намален е и бројот на извршени лекувања – од 264 во 2022, на 243 во 2023 година. За нив, лани Фондот исплатил 335 милиони денари (околу 5,4 милиони евра).
Просечниот износ за едно лекување во 2023 година изнесува 1,38 милиони денари по пациент.
Турција, Германија и Австрија се земјите во кои најчесто се испраќаат македонски граѓани на лекување во странство.
Граѓаните, пак, само преку платформата за донации eCrowd.mk донирале 100.000 евра во последните три месеци. Дополнителни се донациите преку телефонски броеви, трансакциски сметки или други начини на собирање пари за помош на оние на кои им се потребни.
Бирократијата при собирање на потребните документи, долгата процедура и стравот дека Фондот ќе им го одбие барањето, се причините поради кои граѓаните се одлучуваат да не губат време и да бараат донации за лекување.
Некогаш сумите се собираат и за 24 часа, особено ако станува збор за деца.
Државниот завод за ревизија во неколку последователни извештаи укажа дека има слабости во начинот на кој Фондот одобрува лекувања во странство.
И јавниот превоз во Скопје ќе чека нова градска власт
Додека скопјани реагираат на лошите услови со градскиот превоз, реализацијата на проектите за БРТ и набавка на нови еко-автобуси е во ќор-сокак. Ниту едното ниту другото десетици пати досега не успеаја да обезбедат позитивна одлука од мнозинството советници во Скопје. Дел се прашуваат дали вреди повеќе да се расправа за нив и не очекуваат нешто да смени додека да дојде нова градска власт.
Доколку се реализираа плановите за воведување на брзиот автобуски превоз, скопјани сега би ги „одбројувале“ деновите кога ќе профункционира првата линија од БРТ системот – од Ново Лисиче до Ѓорче Петров бидејќи проекциите беа дека ќе се заврши до крајот 2024 година. Втората – од Бутел до Кисела Вода требаше да се завршни наредната година.
Проектот го промовираше ексградоначалникот Шилегов, а во април 2021 во Собранието беше изгласан и закон за заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кој требаше да се исплаќа во две транши. По три години, парите се нечепнати.
Градоначалничката Данела Арсовска во почетокот на мандатот изјавуваше дека овој проект не е добар и дека ќе набави нови еколошки автобуси. Потоа, се премисли, но во Советот на град Скопје не може да и помине ниту проектот на Шилегов, ниту нејзиниот за еко-автобусите. Во меѓувреме, продолжува голготата на скопјани со градските автобуси. Погледнете ја анкетата, што мислат граѓаните за јавниот превоз.
Кому да се пожалиме за комарците и мувите?
Градот Скопје решава дали и кога ќе се прска против комарци и муви и секоја година тоа е различно бидејќи зависи од многу временски фактори. А дали годинава се доцни со прскањето, јас не сум стручен да кажам. Тоа зависи од градот, дали и кога ќе не ангажира, вели Јане Стефанов претседател на Аероклуб Скопје, во најновото издание на поткастот Зошто.
На 14 април 2023 година, Србин облечен во зимска јакна излезе на пуста, снежна површина и се придружи во танц со група од околу 20 руски достоинственици и работници за итни случаи.
Човекот беше Срѓан Лолиќ, малку познат бизнисмен кој седеше во одборот на директори на еден белградски хотел и сега тврди дека е првиот Србин кој стигнал до Северниот пол. Тој патувал до градот Катанга, мала населба на полуостровот на северниот врв на сибирскиот регион Краснојарск и сезонскиот леден камп, познат како Барнео, кој е контролиран од швајцарска компанија.
Нешто помалку од три недели претходно, Лолиќ беше многу подалеку на југ, возејќи низ предградијата на Милано во Ауди А8 седан. Неговото присуство таму, обвинуваат италијанските обвинители, било дел од смел заговор да му помогне на бизнисменот, син на руски гувернер, одликуван од Кремљ, да избега од домашен притвор нареден од Италија, побаран од Министерството за правда на САД.
Целата истражувачка сторија на РСЕ, прочитајте ја ТУКА:
Извор: Радио Слободна Европа