Ќе се избегнат ли предвремени избори за градоначалници?

May 30, 2024
3 mins read

Меѓу првите точки на дневен ред што ќе се најдат пред новиот парламентарен состав ќе се најдат законски измени со кои ќе се реализира планот за воведување нови и трансформација на постоечките министерства.

Но, она што идните коалициски партнери сакаат да го решат меѓу првите прашање е и да се избегнат предвремени избори за градоначалници во општините чии актуелни први луѓе може да се преселат во министерските фотелји.

Ова во неделното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), што ќе се емитува во недела (2 јуни), го најави новоизбраниот претседател на Собранието Африм Гаши.

„Сега сме исправени пред предизвикот да имаме носители на општините кои ќе се изберат за пет, шест месеци и после за седум, осум месеци пак да има избори. Мислам дека не е во ред и спротивно е на Уставот некој да се избере со четиригодишен мандат, а некој да се избере со исти гласови на избори со мандат од осум месеци. Мислиме дека е неуставно и треба да се поправи со закон кој ќе овозможи тоа да биде можно“, вели Гаши за РСЕ.

За измени на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство. Преговорите за придобивање на нови пратеници во новото владејачко мнозинство се во тек, како и разговорите за влада.

Конечен договор кој и што ќе земе од владиниот колач нема, но со имињата на идните министри гласно се шпекулира. Градоначалниците на Гостивар Арбен Таравари и на Аеродром Тимчо Муцунски се меѓу оние кои се споменуваат дека ќе направат трансфер од локалната во извршната власт. Таравари како иден министер за здравство, додека за Муцунски досега се споменуваа неколку ресори.

Нивната „преселба“ ќе го отвори патот за нови градоначалници на двете општини, што веќе е случај и со Општина Сарај, чиј досегашен прв човек, Блерим Беџети, стана пратеник од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ.

Меѓутоа, владејачкото мнозинство, како што брифираат и од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се обиде да го одбегне тоа, со оглед дека во октомври 2025 треба да има редовни локални избори. Актуелните законски прописи предвидуваат дека предвремени избори за градоначалници не се спроведуваат само ако до редовните има помалку од шест месеци. Токму во тој дел би се правеле законските измени, но јасна слика како би гласело новото законско решение засега нема.

„Ова прашање треба да се отвори по формирањето на идната влада со што би се разгледала потребата од евентуални законски измени и во овој момент не би било не би било соодветно да се поставуваат рокови“, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Гаши не прецизира дали ќе одат во пакет, но вели да нема предвремени избори за градоначалници е „горливо прашање кое тлее“ и би сакале да го решат.

В.Д. градоначалник од редовите на советниците

Прашањата за градоначалниците и предвремените локални избори ги регулираат Изборниот и Законот за локална самоуправа. Станува збор за членот 16 од Изборниот и за членот 54 од Законот за локална самоуправа, кои би биле предмет на евентуалните измени со оглед дека тие ја содржат одредбата дека предвремени избори не се организираат само ако до редовните има помалку од шест месеци.

Во Законот за локална самоуправа до распишување на нови избори сега е предвидено дека општинскиот совет треба да избере в.д. градоначалник од сопствените редови.

Овие процедури во последните пет години се применуваат во пет општини каде се организираа предвремени избори за градоначалници. Во 2019 во Охрид и Дебар поради смрт на тогашните градоначалници Јован Стојаноски и Ружди Љата, и во Ново Село поради оставката на Боро Стојчев поради шверцот со цигари. Во 2020, пак, предвреме се бираа градоначалници во Штип и Пласница бидејќи дотогашните се преселија на нови функции – Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски, а Исмаил Јахоски премина во пратеник.

Законски измени за повеќе министерства

Додека за евентуалната промена на регулативата за предвремени избори за градоначалници, би се знаело пред или по формирањето на влада, измената на системскиот закон за реорганизација во владата е речиси завршена работа.

„ Ќе се потрудиме заеднички со сите политички партии да се договориме тој закон да биде еден од првите што ќе се постави на пленарната седница“, вели Гаши за РСЕ.

Нови министерства би биле за спорт, за дигитална трансформација, и за енергетика, рударство и минерални суровите.

Дел од постоечките треба да се трансформираат, па Министерството за економија ќе стане Министерство за економија и труд, а досегашното Министерство за труд и социјална политика би било Министерство за социјална политика, демографија и млади. Во Министерството за култура ќе се додаде и секторот туризам.

Формирањето на новата влада треба да се случи најдоцна до крајот на јуни, иако најавите се дека може да се случи и порано.

Со конституирањето на Собранието на 28 мај, почнаа да течат и уставните рокови. За најмногу десет дена од конститутивната седница, претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова треба да го додели мандатот. Мандатарот, во случајот тоа ќе биде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потоа ќе има рок од 20 дена до парламентот да поднесе предлози за состав и програма на новата влада.

Тие се гласаат со мнозинство гласови (61) од вкупниот број пратеници (120).

По изборите на 8 мај, новото парламентарно мнозинство се очекува да брои најмалку 78 пратеници доколку го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ која на изборите освои 58 мандати, Вреди со 14 и ЗНАМ со 6.

Извор: Радио Слободна Европа

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Ердоган: Вежбата „Ефес-2024“ е заснована на зачувувањето на мирот

Следно

Пропаднаа два обиди да се избере претседател на Уставниот суд, повторно ќе се гласа попладне

Latest from Blog

На Зимските олимписки игри ќе нема агенти на ICE- заканите со протести ги одвратија

Ниту еден агент на американската Служба за имиграција и царинска контрола (ICE) не ја обезбедува американската олимписка делегација на Зимските олимписки игри Милано-Кортина, изјави денес за новинарите висок безбедносен службеник на Олимпискиот

На чичко Драги од Рекорд му е потребна помош: Го чекаат две операции, се наоѓа во болница

Драги Паровски, познат како Чичко Драги од Рекорд, повеќе од 30 години продава дре­бу­лии на својата тезга кај „Рекорд. По операцијата на рак на грло која ја имаше пред неколку години, чичко

Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години

Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА. Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека

Димитриеска Кочоска: Буџетските реформи ја зајакнуваат финансиската стабилност

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска заедно со премиерот Христијан Мицкоски и членовите на Владата оствари средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија, на која се разговараше за спроведувањето на

Под истрага е директорот на Светскиот економски форум поради поврзаност со педофилот Епштајн

Организаторот на самитот во Давос, со седиште во Женева, изјави дека ги испитува информациите од Министерството за правда на САД кои покажуваат дека Бренде имал три деловни вечери со Епштајн и комуницирал
Go toTop