Се оперираат само итните пациенти, другите операции се одложуваат, засилени се хируршките тимови, собите за пациенти се полни, а по некој празен кревет се чува за „не дај Боже“.
Ваква е ситуацијата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје откако минатиот викенд се затворија операционите сали на Хируршки клиники во најголемиот клинички центар „Мајка Тереза“ поради непријатен мирис од вентилацискиот систем.
Слична е ситуацијата и во ГОБ „8 септември“ во Скопје.
Хирурзи за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека неизвесноста за пациентите и за лекарите продолжува затоа што нема рок до кога вака ќе се функционира бидејќи уште не се знае што ја предизвикува миризбата поради која се затворени повеќе сали на Хируршките клиники.
Министерот за здравство, Илир Демири на прес-конференција кажа дека ќе се чекаат резултати од испитувања во лабораторија во Германија, а случајот го пријави и во Јавното обвинителство. Дотогаш, Хируршки Клиники ќе се послужат со шест надворешни компресори, кои се веќе набавени, но тие ќе се употребуваат за неодложни и покомплицирани интервенции.
Кога ќе стигнат резултатите од Германија и дали Јавното обвинителство ќе отвори предмет – засега нема информација.
Хирурзите од болниците се организираат меѓу себе
На Хируршки клиники ќе се прават само итни и комплицирани операции. Во болницата „Свети Наум Охридски“ (поранешна Градска болница) ќе се оперираат итни пациенти за неврохируршки операции, а во ГОБ „8 септември“ ќе се прават останатите итни операции за други патологии.
Вака ќе се функционира додека не се реши проблемот, најави Демири.
Но, од болниците во кои се пренасочени пациентите, велат – се има свој лимит, а лимитот се бројот на кревети за пациентите.
„Ова нè затекна повеќе од ковидот. Се слушаме со колегите хирурзи, си препраќаме пациенти, секој да биде згрижен. Екипите се засилени, дежураме во смени, засега успеваме да се справиме, но како ќе биде ако ова потрае? Можеби треба да се размисли да се побара помош и од приватните болници“, вели хирург од болницата „Св. Наум Охридски“ за РСЕ.
Директорот на болницата, д-р Љубен Арсенков, вели дека се организирале како за вонредна ситуација.
„Капацитетот ни е полн. Операции на жолчка, на кила или други рутински операции не правиме. Оперираме само итни случаи. Интензивна нега е полна, шок-соба е полна, енормно е зголемен бројот на прегледи и во амбулантите. Не дека се жалиме, ние сме тука да помагаме, но стравувам што кога ќе се исполни целиот капацитет? Во интерес на сите нас е проблемот побрзо да се реши“, вели д-р Арсенков за РСЕ.
Во болницата „Свети Наум Охридски“ има сто кревети за пациенти.
Проблеми во компресорската станица
„Јас сум многу загрижен за нефункционирањето. Дадов налог, независно колкава е цената, таа компресорска станица да се реновира“, рече и министерот за здравство на денешната прес-конференција.
Причина за хаваријата во хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се проблеми во инсталацијата за кислород и во компресорската станица.
Во меѓувреме е исклучена од употреба и хипербарната комора на Клиниката за пластична хирургија.
Демири рече дека пред еден месец имало хаварија во компресорската станица, се расипал еден од компресорите и дошло до оштетување, т. е. течело масло во тие цевки. Тој компресор бил исклучен од функција и клиниките продолжиле да функционираат со останатите два компресора, кои поминале технички преглед од две независни институции.
„Пред девет дена, без да има хаварија се појави лоша миризба, веднаш реагиравме и ангажиравме надворешни фирми „Пегаз“ и „Трегер“ за да испитаат. Бидејќи во Македонија нема лиценцирана лабораторија која може да даде дозвола или уверение за квалитетот за испорачаните гасови, испративме примероци во Германија. Извештајот од двете независни компании е дека не утврдиле никаков недостаток во квалитетот на гасови и препорачаа да се менуваат филтрите од компресорските станици“, рече министерот министерот за здравство.
Хирушките сали во најголемиот медицински комплекс во Северна Македонија не работат од минатиот викенд. Образложението беше дека се затворени поради непријатна миризба што се ширела од операциониот блок. Освен трите сали кои деновиве биле оспособени за работа но се користат само за исклучително итни случаи, останатите се надвор од функција поради ширењето на лошата миризба.
Во меѓувреме, јавното обвинителство соопшти дека обвинител ќе проверува дали има елементи на кривично дело во овој случај.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Десет дена цела држава, цела Македонија се прашуваше што се случува со хирургија, министерот на СДС/ДУИ Илир Демири денеска конечно излезе од скривалиштето за да каже дека едноставно – не знае што е проблемот којшто го сведе само на лоша миризба. Ниту побара одговорност од раководството, ниту од заедничките општи служби, ниту лично тој не понесе одговорност за неспособноста. Хирургија, Клинички, столбот на македонското здравство го рушат во темел, а Илир Демири нема поим што се случува“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Досега ниту еден од директорите на Клиниката за хирургија не поднел оставка. Компресорската станица е на Службата на општи и заеднички работи на клиниките, а таа пак е во надлежност на Владата.
Контрола минатата недела изврши и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, но инспекторите се прогласија за ненадлежни во овој случај.
„Ние не можеме да постапуваме во однос на оваа проблематика, од причина што само проверивме дека на сите хируршки оддели има централен довод на гасови. Бидејќи не сме надлежна институција, само го информиравме за фактичката состојба, а тоа е дека салите сѐ уште се затворени до решавање на проблемот“, изјави Рената Младеновска, директорката на ДСЗИ на 22 мај.
Во постојниот комплекс клиники „Мајка Тереза“ годишната фрекфенција е над 800.000 пациенти.
Извор: Радио Слободна Европа