Борба за новинарството, за професијата, за вистината е фокусот на филмот „Касапско оро“, дебитанскиот долгометражен филм на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, кој почна да се снима денеска на средно Водно во Скопје. Идејата за филмот е на Јанаќијевиќ, сценариото е на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, а главен продуцент е Сашо Пешев во продукција на „Ново македонско видео“ односно „Њу момент“.
Станува збор за политички трилер со примеси на црна комедија.
„Ова една од тие среќни околности, првата сцена да ја снимаш прв ден (ха, ха). Пет години се развива приказната. Идејата е стара може 10 години. После 10 години малку повеќе ферментираат работите. Не беше лесно сето тоа да се извози, се менуваат времињата, во саат се менуват цели политики, а не па начинот на живот. Цело време тука треба да најдеш нова адаптација, нов јазик. На крај мислам дека испадна супер што испадна така долго“, рече Јаниќијевиќ.
Јаниќијевиќ во богатата театарска кариера има соработувано и со двајцата драматурзи, и вели дека иако идејата за филмот била негова, сето тоа треба да се направи како приказна и на крај направиле една нелинеарна приказна која цело време се испреплетува.
„Главната порака на филмот е колку е тешко да останеш чист. Дури колку е неизводливо да останеш чист . Сите имаме потреба од некоја вистина, меѓутоа вистината почнува да се разлева во некој политички надреализам и животот ти станува многу сомнителен. Колку е потребно да останеш зад вистината, не зад својата. Секоја вистина има свој ракурс, ама мора да постои вистина“, кажа режисерот.
Главните улоги, на новинари, ги играат Никола Ристановски и Дарија Ризова. Играат и Сашко Коцев, Сара Сандева, Оливер Митковски. Костимите се на Лидија Георгиева, а кинематографер е Дејан Димески.
„Филмот не претендира да биде перцепција за македонското новинарство. Тоа е само некаков поширок контекст за една многу конкретна приказна. Ликовите од приказната не се пресликани реални личности, но се градени со многу позајмици од лепеза вистински ликови од нашето општествено и медиумско милје“, вели Кокаланов.
Дејството се случува во две коли, ќе се снима на локации во Македонија, на патарина, на бензинска, на обиколнницата крај Скопје и снимањето треба да заврши на 28 јуни.
„Касапско оро“, под насловот „Осветлен“ беше поддржан на конкурсот на Агенцијата за филм во 2019 година, со 350.448 евра.
Ристановски за својот лик Бодан вели дека нема голема теза, но употребува лични критериуми и се обидува да сочува одредени лични и професионални кодекси во секоја сцена, во секој нареден миг на таа моќ.
„Работите никогаш не се црно-бели и тоа е главниот постулат во сценариото. Ама така е и во животот. Секое наше дејство, секој акт, секоја постапка, ни се враќа како бумеранг. И затоа ни се потребни критериуми според кои ќе го изградиме ликот, критериуми кои се неопходни за дел по дел да го составуваме мозаикот. Не постојат морални норми кои се генерални и употребливи секој ден, дури и секој час, така што секој нов момент е ново парче во мозаикот. Светот на медиумите не е одвоен од сите останати светови околу нас, само што тука има поголем концентрат. Впрочем, како и во мојата професија. Овој свет не се одвојува од целото милје, само што тука интензитетот на сите случувања е на квадрат споредено со сите останати. Рефлексиите се посилни, реакциите се подраматични и повидливи“, вели Ристановски.
Дарја Ризова, лицето на едната страна во решавањето на предизвиците на новинарската професија, вели дека е инспирирана од ликот на Софија и потрагата по нејзините мотиви, односно нејзината лична приказна, како и границата до која таа е подготвена да отиде. Според неа, во основа истражувачкото новинарство е последниот бедем на јавниот интерес против злоупотребите на моќните.
„Во држави со дисфункционален или корумпиран правен систем како нашиот, оваа професија е и една од најризичните. Освен тоа, истражувачките новинари не се никогаш доволно платени, земајќи ги предвид личните жртви и одрекувања. Силата на овие медиуми зависи од независноста, а таа од изворот на финансирање. Филмот е објективен и реалистичен. Случувањата се доволно општи за да избегнат дневна политика, а на моменти неизбежно асоцијативни со случувања од нашето блиско и далечно минато“, вели Ризова.
Снимањето ќе заврши до крајот на јуни. Продуцентот Пешев вели дека веќе биле приморани да го снимаат оваа година и да го предадат до крај на годината, оти ќе им завршеше петгодишниот договор со Агенцијата.
„Беше голем притисок, се случи и короната. Не успеавме да собереме нови пари, оти цело време висеше договорот. Чекаме сега од Српскиот филмски фонд, но тие пари ќе бидат за постпродукција. Ова е повеќе глумачки филм, и затоа сакавме одлични актери во екипата. Ова е филм за слободата на новинарството во една транзициска држава, каде се испрепелтуваат криминал, политика, борба за вистина, за професијата“, рече Пешев.
Б. НЕСТОРОСКА
ИЗВОР: sdk.mk