На помалку од еден месец до изборите за Европскиот парламент, истражувањата покажуваат дека повеќе од 400 милиони граѓани на Европската Унија, од 27 земји-членки, со своите гласови ќе донесат значителен раст на десничарските партии.
Пред изборите, кои ќе се одржат во сите држави меѓу 6 и 9 јуни, анкетите покажуваат дека партиите кои припаѓаат на десниот и левиот центар и групата на Зелените ќе доживеат пад на бројот на гласови, но дека традиционалните партии ќе го задржат мнозинството, иако со послаби резултати во однос на претходните гласачки циклуси.
Зошто се важни резултатите од изборите?
Пратениците во Европскиот парламент се единствените претставници во европските институции кои се директно избрани од граѓаните.
Лидерите на другите институции, како што се Европската комисија, Европскиот совет и шефот на европската дипломатија, се личности на кои им е потребна политичка поддршка на највисоко ниво. Нив ги именува Европскиот совет, односно лидерите на земјите-членки на ЕУ.
Европскиот парламент е помалку влијателна институција од другите две институции на ЕУ – Европската комисија и Европскиот совет.
Сепак, Европскиот парламент не може да биде заобиколен во некои клучни прашања и важни одлуки.
На пример, Европската комисија не може да ја преземе функцијата без да биде потврдена со мнозинство гласови од парламентот. Тој го има и последниот збор кога станува збор за усвојувањето на заедничкиот буџет на ЕУ.
Зошто е важно третото место?
Двете главни политички групи, Европската народна партија (жаргонски кажано-популисти), како и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (социјалдемократите) веќе доживеаја одреден пад на претходните избори, кои се одржаа во 2019 година.
Народната партија доби 2,8 отсто помалку гласови, а социјалдемократите 5,9 отсто.
Џејкоб Киркегард од германскиот Маршалов фонд смета дека најголемата конкуренција на претстојните избори е за третото место.Тој посочува дека за оваа позиција се борат екстремни десничари, екстремни левичари и либерали.
„Нема да има екстремно десничарско мнозинство во Европскиот парламент. Мислам дека е веројатно дека екстремната десница или оние партии кои обично се поврзуваат со екстремната десница, веројатно ќе пораснат на претстојните избори , но тие сигурно не би имале ни приближно мнозинство. Можно е една од нив да стане трето по големина семејство во парламентот“, изјави Киркегор за Радио Слободна Европа.
Тој оценува дека две пратенички места ќе задржат традиционалните партии, односно Народната партија и Социјалдемократите.
Што може да значи подемот на десницата?
Во актуелниот состав во заминување на Европскиот парламент, десницата има 128 пратенички места од вкупно 705. Во слединиот состав според анкетите, тие би можеле да освојат речиси четвртина од сите мандати.
Сепак, според мислењето на експерт од германскиот Маршалов фонд, тоа не мора да значи дека растот на овие струи ќе имплицира раст на проруските чувства во Европскиот парламент.
Како пример, Киркегор ја споменува италијанската премиерка Џорџа Мелони, која според него има силно антируско и проукраинско расположение. Потоа, тврди Киркегор, француската претседателска кандидатка Марин Ле Пен, која како што посочува, била финансирана од Русија, сега сè повеќе се приклонува кон Украина.
„Би бил внимателен кога претпоставувам дека идниот Европски Парламент, дури и ако екстремната десница добие места, ќе биде значително попроруски или антиукраински од сегашниот парламент. Верувам дека тоа нема да бид така“, вели Киркегард.
Марин Ле Пен во 2014 година подигнала заем од првата чешко-руска банка, вреден 11 милиони евра. Сенката на овој заем долго време се наѕира над оваа екстремно десничарска партија, а Ле Пен беше жестоко критикувана за нејзините односи со Русија. Во септември 2023 година, нејзината партија потврди дека целосно го вратила заемот.
Џејкоб Кикергард признава дека во Европскиот Парламент ќе има проруски елементи, како што се ултрадесничарските партии од Германија или Холандија, но нивното влијание ќе биде мало.
„Тие имаат платформа каде што можат да ги повторат своите ставови. Руската пропаганда, според мене, е дел од демократијата. Мораме да го прифатиме тоа. Но, тоа не значи дека тие ќе имаат некое значително влијание врз вистинското обликување на европската политика кон Русија и Украина во динина. Предвидувам многу висок степен на континуитет, по изборите, така што Европскиот Парламент ќе продолжи да биде едно од телата во ЕУ што се залага за построги санкции против Русија и поголема помош, воена и финансиска, до Украина“, заклучува Киркегард.
Истото мислење го дели и Роланд Фројденштајн, основач на платформата за застапување Brussels Freedom Hub.
Партијата за слобода од Холандија предизвика „земјотрес“ на последните избори кога стана најголема партија во Претставничкиот дом. Тоа е националистичка и десничарска популистичка партија. За само четири години, таа се здоби со популарност, добивајќи значителна поддршка за нејзините антиимиграциски ставови.
Зелениот договор-првата потенцијална „жртва“ на растот на десницата
Иако растот на десницата, според сè, нема да има влијание врз клучните европски политички прашања, пред сè Русија, очекуваните изборни резултати би можеле да се одразат и на другите политики на ЕУ.
Кога станува збор за надворешната политика, начинот на кој политичките групи се усогласуваат по изборите и влијанието што овие избори го имаат врз националните дебати во земјите-членки ќе има значителни импликации врз способноста на Европската Комисија и Советот да прават избори за надворешна политика, особено во спроведувањето на следната фаза од европскиот зелен договор.
Овој пакет политички иницијативи беше усвоен во 2020 година и има за цел да ја стави ЕУ на патот кон зелена транзиција, со крајна цел да се постигне климатска неутралност до 2050 година.
Десничарите се спротивставуваат на Зелениот договор бидејќи веруваат дека тој ќе има големо економско влијание врз индустријата и евентуално губење на работни места.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони и кандидатката за француски претседател Марин Ле Пен се десничарски фигури кои се против Зелениот договор.
Според десничарскиот наратив, Зелениот договор би ја намалил независноста на ЕУ во снабдувањето со енергија и дека ограничувањата на зелените емисии би можеле да ги зголемат земјоделските трошоци.
На развојот на ваквите политики многу влијаеја овогодинешните протести на земјоделците.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен веќе одлучи да го повлече предлогот кој има за цел да ја преполови употребата на хемиски пестициди до 2030 година. Тоа беше првиот сигнал дека амбициозниот Зелен договор ќе претрпи промени.
Извор: slobodnaevropa.mk