Зошто ја толерираме заканата од уште една војна во наше име? Зошто дозволуваме лагите да го оправдаат овој ризик? Степенот на нашата индоктринација, напиша Харолд Пинтер, е „брилијантен, па дури и забавен, крајно успешен акт на хипноза,“ како вистината „никогаш да не се случила дури и додека се случува.“
Секоја година американскиот историчар Вилијам Блум го објавува неговиот „апдејтиран преглед на американската надворешна политика“ кој покажува дека од 1945 САД се обиделе да сменат над 50 влади, голем број од нив и демократски избрани; значително се мешале во изборите во 30 држави; бомбардирале цивилно население на 30 држави; користеле хемиско и биолошко оружје; се обиделе да убијат странски лидери.
Во голем број од овие случаи Британија била соработник. Степенот на човеково страдање и криминалитет е малку признаен на западот и покрај присуството на најнапредните светски начини на комуникација и номинално најслободното новинарство. Дека најбројни жртви на тероризмот, „нашиот“ тероризам, се муслимани не мора ни да се каже. Екстремниот џихадизам, кој доведе до 11 септември, што беше одгледуван како оружје на англо-американската политика (Операција Циклон во Авганистан) е потиснат. Во април американскиот Стејт департмент забележа дека по НАТО кампањата во 2011, Либија стана безбедно место за терористи.
Името на „нашиот“ непријател се менува низ годините, од комунизам до исламизам, но генерално тоа е секое општество кое е независно од западната моќ, а се наоѓа на стратешки важна или богата со ресурси територија, или едноставно нуди алтернатива на американската доминација. Лидерите на овие нации обично насилно се тргаат на страна, демократи како Мохамед Мосадик во Иран, Арбенз во Гватемала и Салвадор Аљенде во Чиле, или тие се убиени како Патрис Лумумба во Демократската република Конго. Сите тие се и предмет на западна медиумска кампања за нивно клеветење – нека ви текне на Фидел Кастро, Хуго Чавез и сега Владимир Путин.
Улогата на Вашингтон во Украина е поразлична само по импликациите што ги има за сите нас. За прв пат од времето на Реган, САД се заканува да го одведе светот во војна. Откако Источна Европа и Балканот станаа воени бази на НАТО, последната „бафер држава“ на границата со Русија, Украина, е растргната од фашистички сили пуштени од САД и ЕУ. Ние на западот сега поддржуваме нео-нацисти во земја каде украинските нацисти го поддржуваа Хитлер.
Откако го организираше државниот удар од февруари против демократски избраната влада во Киев, планот на Вашингтон за окупација на руската историска поморска база на Крим не успеа. Русите се одбранија себе си како што тоа го прават против секоја закана и инвазија од западот речиси цел век.
Меѓутоа военото опколување од НАТО се забрза, заедно со нападите врз етничките Руси во Украина планирани од САД. Ако Путин може да биде испровоциран да им помогне на нив, неговата однапред одредена улога на негативец ќе ја оправда НАТО управуваната герила војна која најверојатно ќе се префрли во Русија.
Наместо тоа Путин го збуни воениот караван барајќи соработка со Вашингтон и ЕУ, повлекувајќи ги руските сили од границата и поттикнувајќи ги етничките Руси во источна Украина да се откажат од референдумот. Овие луѓе од руско говорно подрачје или двојазични – третина од популацијата на Украина – долго време бараат федерација која ќе ја одрази етничката разноликост на земјата и се автономни од Киев и независни од Москва. Најголем дел не се ниту „сепаратисти“ ниту „бунтовници“, како што ги нарекуваат западните медиуми, туку граѓани кои сакаат безбедно да живеат во својата држава.
Како рушевините на Ирак и Авганистан, така и Украина е претворена во ЦИА забавен парк, лично управувана од директорот на ЦИА Џон Бренан во Киев, со десетици „специјални единици“ од ЦИА и ФБИ кои поставуваат „безбедносна структура“ која ги надгледува ѕверските напади врз оние што кои беа против февруарскиот пуч. Фашистички насилници превезени до лице место го запалија седиштето на синдикатот, убивајќи 41 лице што беше заробено внатре. Полицијата седеше од страна.
Доктор раскажува дека се обидел да ги спаси луѓето „но бев спречен од про-украинските наци радикали. Еден од нив ме истурка на страна, ветувајќи ми дека наскоро иста судбина ќе ме снајде мене и другите Евреи од Одеса. Она што се случи вчера се нема случено ни за време на фашистичката окупација на мојот град во Втората светска војна. Се прашувам зошто целиот свет молчи.“
Украинците од руско говорно подрачје се борат за преживување. Кога Путин објави повлекување на руските сили од границата, министерот за одбрана на киевска хунта, Андриј Парубиј, еден од основачите на фашистичката партија Свобода, се пофали дека нападите против бунтовниците ќе продолжат. Во орвеловски стил, пропагандата на западот го сврте ова во Москва „се обидува да оркестрира конфликт и провокација“, според Вилијам Хаг. На неговиот цинизам парира само гротескната честитка од Обама за хунтата за нивното „извонредно воздржување“ по масакрот во Одеса. Хунтата, вели Обама е „прописно избрана“. Како што Хенри Кисинџер кажа еднаш „не е важно што е точно, туку она што се смета за точно.“
Во американските медиуми злосторството од Одеса е разводнето како „трагедија“ во која „националисти“ (нео-нацисти) нападнале „сепаратисти“ (луѓе што собираат потписи за референдум за федерална Украина). Вол стрит журнал на Руперт Мурдок ги осуди жртвите „Смртоносниот пожар во Украина најверојатно е започнат од бунтовниците, тврди владата“. Пропагандата во Германија е чиста студена војна, ФАЗ ги предупредува своите читатели дека Русија започнала „необјавена војна“. За Германците е тажна иронија дека Путин е единствениот лидер кој го осудил подемот на фашизмот во 21 век во Европа.
Популарен труизам е дека по 11 септември светот се променил. Меѓутоа што се променило? Според свиркачот Даниел Елсберг, во Вашингтон се случи тивок пуч и сега владее разјарен милитаризам. Пентагон моментално тера „специјални операции“ – тајни војни – во 124 држави. Дома, растечката сиромаштија и губењето слобода се историска последица на постојаната војна. Додадете го на ова ризикот од нуклеарна војна и прашањето е: зошто го толерираме ова?
ИЗВОР: off.net.mk