Линколн Џонс е сценограф од Лос Анџелес кој 11 години успешно раководел со American Contemporary Ballet. Kариера успешна во секој поглед, пофални рецензии за неговите претстави во Њујорк тајмс и Лос Анџелес Магазин и сл.
Првпат забележува дека атмосферата се менува по убиството на црниот Џорџ Флојд кога сите разговори се сведуваат на раса, диверзитет, инклузивност…
Вели дека уметноста и политиката се претопиле на лош начин, како кога би се претопиле државата и црквата.
Летото 2020-та, неговата компанија им паѓа во очи на разбудените зашто на нејзиниот Инстаграм не се поставени симболите на Блек Лајвс Метер.
„На нашите танцувачи им е дозволено да постираат што сакаат од нивните профили, но не сакав да постирам такви работи од нашиот официјален профил. Тоа не е дел од нашата мисија“, вели тој.
Откако и неговите вработени се нашле под притисок зошто дозволуваат такво негово игнорирање, и тие почнале да стануваат „правоверни“ па Џон испратил меил до сите вработени во кој ги потсетил дека компанијата не е политичка организација и дека не должи ништо освен врвна уметност.
Притисокот не е само „твитерџиски“.
За неговата филмувана верзија од Оревокршачка биле заинтересирани некои од најпознатите режисери во Холивуд, но агентот задолжен да обезбеди средства, му рекол дека ќе мора да ангажира црни играчи, надвор од неговата компанија, ако сака да има филм.
„Една од работите што нема да ги направам е да ангажирам според раса. Балетот дискриминира, но не расно. Тоа е високо-атлетска уметничка форма што дискриминира по тело, талент и уметнички сензибилитет. Мора да имате одреден вид стапала и пропорции. Како што оперските пеачи мора да имаат силен глас.“
Агентот му рекол дека ако јавно излезе со таков став – никогаш повторно нема да работи. Институции што даваат грантови почнале да инсистираат на придржување на новите правила за диверзитет, неколку стандардни донатори му ги секнале парите.
„Пријатели од браншата ме советуваа барем декларативно да се согласам со новите правила но се чувствував како некој да ми ставил пиштол на чело и ми рекол „Бирај, интегритет или работа?“, завршува Џонс.
Фрипрес разговарале со дузина луѓе од балететот, музиката, филмот, театарот и визуелните уметности. Некои на почетоците на својата кариера, некои со награди од рангот на Пулицер. Сите исто загрижени дека новатата догма ДЕИ (кратенка од диверзитет, еднаквост и инклузија) метастазира по уметноста и ја претвора во политичка алатка.
Дека е тоа сериозна работа таму говори и фактот дека ниеден од нив не сакал да му биде спомнато името.
Јасно е дека малкумина се оние кои се бунат. Еден од нив е Кевин Реј, театарски режисер со 25 годишен стаж кој тужел компанија која води еден театар на Менхетн, бидејќи му инсистирале да ангажира само „црни, домородни и обоени“ артисти.
Бранот на револуцијата го преплави и Бродвеј.
Лани во ноември, Кит Ван, преведувач на знаковен јазик кој работел на продукцијата на „Кралот лав“, бил отстранет од продукцијата затоа што е бел. Заклучиле дека „веќе не е соодветно бели преведувачи да ги претставуваат црните ликови за претставите на Бродвеј“.
Веднаш покренал парница и спорот бил вонсудски решен, со услови кои не се обелоденети. Иако победник во ситуацијата, Ван, кој е дете на глувонеми родители и има има интерпретирано преку 20 бродвејски претстави, не мисли да се враќа во тој свет.
„Веќе не ми се водат такви битки,“ вели 54 годишниот преведувач.
ИЗВОР: off.net.mk