Мирен изборен ден со поголем одзив за парламентарните

May 8, 2024
4 mins read

Со надеж дека изборниот ден ќе помине мирно и без инциденти, скопјанецот Димитар Горемџиски рано утрината излезе од гласачкото место 2610 во основното училиште „Владо Тасевски“ во скопско Козле. Гласал и на двата избори. Од новиот претседател и новата Влада очекува решавање на „старите“ проблеми.

„Се надевам на подобри времиња, државата да се стабилизира и да се престане со корупција, што ни е најгорливиот проблем на државата. Младите да ни остануваат дома, да имаат поголема доверба во државата, да се поправи здравството, да се решат проблемите“, изјави Големџиски.

Граѓаните на Северна Македонија денеска (8 мај) гласаат на двојни избори, на вториот круг од трката за претседател на државата и на парламентарни избори за нов состав на Собранието кој ќе треба да ја избере идната влада во Скопје.

Забелешки за гласањето немаа и другите „утрински“ гласачи.

„Гледам дека е супер гласањето. Луѓето излегуваат, си гласаат, така што секој своја желба и волја“.

„Се беше во најдобар ред, за двата избори гласавме. Нека победи најдобриот“, велат анкетираните граѓани.

Екипата на Радио Слободна Европа го посети и гласачкото место 2848 во ОУ „Гоце Делчев“, во општина Центар. Заменик-претседателот на избирачкиот одбор Томислав Стамболиќ забележува дека утрото имало помалку гласачи од истиот период во првиот круг од претседателските избори.

„Излезноста е малку помала од претходните избори. Но сите луѓе што дојдоа си гласаат без никакви проблеми и подеднакво и за претседателските и за парламентарните избори“, изјави Стамболиќ.

На пладне, отидовме во гласачкото место 2431 во ЦОУ „Дитуриа“ во општина Сарај каде што беше пораздвижено. Но, гласачите кои ги сретнавме тука, немаат големи очекувања од новата влада.

„Гласав, немаше проблеми, ама не очекувам ништо“, вели Зилфие Рамадани, жителка на Сарај.

„Само нека има мир, соживот и пари, па кој сака нека победи“, ни рече Екрем Адеми.

Мирен изборен ден, без нарушувања на јавниот ред и мир

Излезноста на претседателските избори до 13 часот часот е 22, 63 отсто, а за парламентарните 25,64 проценти, покажуваат последните податоци на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК).

Најголем одзив на гласачите за претседателските избори има во општините Кривогаштани (48,65%) и Крива Паланка (46, 44%), а најмала излезност е регистрирана во Боговиње (5, 17 %) и Врашпчиште (5,38%).

Во однос на парламентарните избори, мапата на ДИК покажува најмала излезност во Изборната единица 6 (18,87%), а најголема во Изборната единица 3 (29,79%).

И од аспект на безбедносната состојба, денешниот ден е стабилен, уверуваат од Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека досега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое генерално се одвива мирно и без проблеми.

„Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрирани се две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за лепење плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случаите. Исто така имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземените мерки од страна на полициските службеници тие наводи до сега не се потврдени“, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Избори за претседател и нов состав на Парламентот

Актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од владејачкиот СДСМ и Коалицијата за европска иднина бара втор петгодишен мандат. Негов ривал е досегашната пратеничка Гордана Сиљановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, која по првиот круг од изборите оствари убедлива победа.

За да бидат успешни изборите потребно е еден од нив да освои мнозинство гласови од граѓаните што излегле да гласаат, но под услов излезност да е најмалку 40 отсто од запишаните во Избирачкиот список.

Во борбата да освојат пратенички мандат во 120-члениот парламент, пак, се 17 кандидатски листи поднесени од партии и коалиции. За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие. Повеќето од партиите и коалициите за овие избори имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици.

Денеска се гласа на над 3400 избирачки места. Право на глас на овие парламентарни избори имаат 1 815 350 граѓани, додека во вториот круг од претседателските избори, пак, во Избирачкиот список се запишани 1 814 317. Разликата од 1033 гласа генерално доаѓа од бројот на граѓани кои станале полнолетни помеѓу роковите за заклучување на избирачките списоци за двата изборни циклуси.

Шеф на државата со непосредно гласање се избира по седми пат, додека парламентарните избори се 11-ти по ред 1990 година.

Изборите ќе ги следат 1078 домашни и 770 странски набљудувачи.

Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите има повеќе од 300 набљудувачи на гласачки места низ државава. Шефицата на мисијата Џилијан Стирк, денеска изјави дека заклучоците ќе ги соопшти откако ќе ги добијат резултатите од нивните набљудувачи распоредени низ државава, додавајќи дека мисијата на ОДИХР ги оценува изборите во согласност со меѓународните обврски и домашното законодавство.

„Избирачкото место каде што сме утрово е секако само едно од многуте во земјава. Ќе ги разгледаме другите резултати како што пристигнуваат од целата земја, а потоа ќе ги донесеме нашите заклучоци базирани на набљудувањата кои ни се обезбедени од нашите многубројни набљудувачи“, изјави Стирк по посетата на гласачко место во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар.

Какви се роковите?

По изборите, идните пратеници треба да одржат конститутивна седница во рок од 20 дена или најдоцна до 28 мај.

Пред новите пратеници да влезат во собраниските клупи, според најавите од претходно, ќе се инаугурацијата на новата претседателка или староновиот претседател. Заклетвата тој или таа ќе ја даде пред стариот собраниски состав бидејќи новиот се уште нема да биде конституиран.

Актуелниот мандат на Стево Пендаровски истекнува на 12 мај кога тој ќе треба официјално да го започне и вториот мандат или да и ја предаде функцијата на Гордана Сиљановска-Давкова.

Откако ќе се конституира новото Собрание, Пендаровски или Сиљановска-Давкова, како претседател ќе биде должен во рок од десет дена да го додели мандатот за состав на идната Влада на кандидатот на партијата односно партиите што имаат мнозинство во парламентот.

Мандатарот потоа има 20 дена до Собранието да достави програма и предлог состав на новата Влада. Таа треба да биде изгласана со мнозинство гласови (61) од вкупниот број пратеници.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Израелските демонстранти го блокираа главниот автопат во Тел Авив барајќи размена на затвореници со Палестинците

Следно

Вчера гласаа граѓаните од дијаспората, болните и изнемоштените

Latest from Blog

Сиљановска Давкова се сретна со претседателот на Собранието на Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на официјалната посета на Црна Гора, денеска во Подгорица оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ. На средбата беше изразено задоволство од

Стојановски: Приватните превозници го прифатија предлогот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, цената за километар да биде 100 денари!

Мартин Стојановски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, денеска истакна дека приватните превозници го прифатиле предлогот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а цената за километар ќе биде 100

Брисел: Креативните решенија мора да бидат усогласени со заклучоците на Советот

Работиме на изнаоѓање решение за Северна Македонија да оди напред во втората фаза од преговорите со ЕУ. Не сакаме Северна Македонија да биде оставена назад. Сепак, креативните решенија мора да бидат усогласени

Јакнење на македонско-британската соработка во делот на енергетиката

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска остварила средба со британскиот комесар за трговија за Европа, Крис Бартон и со британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон. На средбата

Македонија со скок на новата ФИФА ранг-листа

Македонската фудбалска репрезентација забележа скок од две места на ФИФА ранг-листата. Во моментов сме на 67. место на ФИФА листата, со вкупно 1,368 поени. Ова е највисоката позиција на Македонија на ФИФА
Go toTop