Со пензионирани пилоти ќе се спасува сезоната на пожари 

April 23, 2024
5 mins read

Мерењата на службата за следење на климатските промени на Европската Унија покажа дека месец март бил најтоплиот во историјата на мерењата на светско ниво.

Високи температури, посебно во текот на втората половина на март имаше и во Северна Македонија, а со самото тоа годинава порано започна и сезоната на шумските пожари на отворено, кои обично се карактеристични за крајот на мај или почетокот на јуни.

Па така, Центарот за управување со кризи (ЦУК) на 22 март соопшти дека се регистрирани 10 пожари на отворено, а веќе два дена подоцна, на 25 март, ЦУК излезе со информација дека за три дена вкупно интервенирале на 53 пожари.

Екипите на противпожарните бригади од повеќе градови зафатени со пожари претежно гаснеа опожарена ниска вегетација, ѓубриво и дрва, а граѓаните ги пријавуваа пламените јазици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.

И додека повеќето од овие пожари не претставуваа посебен предизвик за надлежните да се справат со огнот, на 10 април годинава избувна и првиот посериозен пожар над тетовското село Селце за кој требаше да се интервенира и од воздух.

Огнената стихија траеше цели шест дена, а по интервенција на хеликоптерската единица на МВР, како и пожарникари од Тетово, на 16 април пожарот беше ставен под контрола.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов во текот на активностите за гасење на пожарот рече дека сето ова ќе одело многу побргу доколку Дирекцијата за спасување и заштита (ДСЗ) интервенирала барем со еден од своите три авиони -„ертрактори“ за гаснење пожари со кои таа располага.

Дирекцијатa пак, иако било побарано, не била во можност да испрати ертрактори на терен поради проблеми со пилотите – Од тројцата вработени пилоти двајца веќе ги исполниле условите за пензија, а дирекцијата не обезбедила нивна замена.

Сега, „спасот“ за оваа состојба во која се наоѓа дирекцијата ќе се бара преку обидите двајцата пилоти кои во јануари ги исполниле старосните услови за пензија да бидат вратени на работа со договор на дело, додека не се ангажираат нови пилоти.

Но, за ова да се случи најпрво мора да поминат изборите во Северна Македонија на 8-ми мај.

Воздушниот капацитет за гасење пожари за 50 отсто помал од лани

Секоја година во летниот период пожарите на отворено се гасат од земја и воздух, а во претстојните месеци кои следуваат директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, вели дека воздушниот капацитет за интервенција е преполовен.

„Ако ние оваа година немаме три авиони тоа значи дека за 50 отсто ни е намален капацитетот за воздушно гасење, којшто е едно од клучните алки при справување со пожари на отворено и шумски пожари. Во исклучителни ситуации може да побараме меѓународна помош, но јас искрено се надевам дека нема да дојде до тоа“, истакна Ангелов.

Покрај двата хеликоптери на МВР кои се користат во исклучителни ситуации кога има пожари на непристапен терен, без пилоти за сите три ертрактори на ДСЗ, Ангелов смета дека борбата со пламените јазици ќе биде поинтензивна, а како главен виновник го посочува лошото менаџирање на состојбата со пензионираните пилоти во самата дирекција.

„Да бев јас директор во ДСЗ ќе имавме седум пилоти. Не три туку седум, значи ќе имавме и резерва пилоти“, истакнува Ангелов.

За сезоната со пожари која веќе практично и започна изрази надеж дека ќе биде спасена доколку пензионираните пилоти се вратат на работа.

„Јас се надевам дека директорот ќе најде начин да го надмине проблемот со пилотите, бидејќи тој се обидува двајцата пензионирани пилоти да ги ангажира со договор на дело. Ако Владата му одобри да ги врати овие двајца пензионирани пилоти ние ќе се спасиме ова лето“, вели Ангелов за РСЕ, нагласувајќи дека тоа сепак не е трајно решение и дека дирекцијата во наредниот период ќе мора да ангажира нови пилоти.

Зошто ДСЗ се соочува со недостиг на пилоти?

Ако минатата година кон почетокот на јуни проблемот во дирекцијата беше сервисирањето на два од трите ертрактори со кои ДСЗ располага, годинава предизвик е дефицитот на пилотите.

Сепак, директорот на ДСЗ, Беким Максути за РСЕ објаснува дека тие навреме реагирале до Владата за овој проблем, но истакнува дека грешката била направена на последниот оглас за вработување.

„Мораме да имаме континуитет во кадарот кој управува со авионите. Овој континуитет е прекинат пред две-три години, посебно за време на короната, бидејќи имаше група која беше во процес на обучување, но од таа група само еден пилот ги заврши обуките. Всушност беше примен човекот којшто со завршување на короната ги исполнуваше сите услови за пензионирање, значи уште од старт е направена грешка со него затоа што годините биле пресудни истиот да не биде примен“ вели Максути.

Тој вели дека добил уверување од Владата дека по 8 мај ќе започне процесот за враќање на двајцата пензионирани пилоти кои ќе бидат ангажирани со договор на дело, се додека не се објават огласи за ангажман на нови пилоти.

Во врска со критериумите што треба да се исполнат за да се стане пилот во Дирекцијата за заштита и спасување, потребно е пилотот кој ќе се конкурира да има најмалку 500 часови поминати во летање, како и да поседува посебен сертификат, за кој земјава има оператор кој го издава.

Покрај овие услови кои треба да ги поседува, Максути вели дека е мал интересот на пилоти кои сакаат да работат во дирекцијата и поради значително пониските плати во однос на оние кои ги земаат пилотите во МВР и во Министерството за одбрана.

„Моментално нашите пилоти се најслабо платени, а сме со најголем ангажман во однос на часови на летање и во однос на ризик. Платите на нашите пилоти се движат од 72 до 75 илјади денари, а на пример платите на нивните колеги во Армија и полиција се два, три, па и до четири пати повисоки“, додава Максути.

Пилотите кои работат во армија и полиција просечно имаат околу 50 часа лет годишно, додека пилотите во ДСЗ околу 300 часа годишно.

Максути посочува и дека веќе е поднесена иницијатива до Владата за законски измени со кои преку ребаланс на буџетот ќе се овозможи зголемување на платите пилотите во ДСЗ, а со цел во иднина на огласите за пилоти да се зголеми и бројот на заинтересирани за ова работно место.

Огласите за ангажман на пилоти во дирекцијата исто така ќе бидат објавени по изборите, а оттаму велат и дека ќе разговараат со комората на пилоти на Северна Македонија за да се види колку точно квалификувани пилоти би можеле да конкуираат во наредниот период.

Со каква опрема за гасење пожари располага моментално Северна Македонија?

Кога има пожар градоначалниците на погодената општина тука се главни и тие треба да ги делат командите. Градоначалникот најпрво ја ангажира неговата противпожарна единица доколку ја има, а ако е мал град кој нема територијална противпожарна единица тогаш бара помош од соседната. Ако и таа единица не е доволна да се изгаси пожарот, се бара помош и од Национални шуми коишто треба да имаат такви единици, кои за жал се со слаб капацитет, објаснува Ангелов.

Кога станува збор за воздушна поддршка, покрај трите „ертрактори“ на ДСЗ, како поддршка можат да се ангажираат два армиски и два полициски хеликоптери.

Сепак Ангелов нагласува оти двата армиски хеликоптери исклучително ретко ги користат за гасење на пожари, бидејќи вели поради членството на Северна Македонија во НАТО тие имаат зголемен обем на обврски.

Во однос на опремата со која Северна Македонија располага при интервенција за гасење пожари од земја, од ЦУК велат дека податоците со кои располагаат се исти од минатата година – над 800 професионални пожарникари, над 60 цистерни без пумпи, 45 цистерни без пумпи за пренос на вода, како и 50 теренски возила за пренос на вода.

Во Национални шуми прашавме колку нивни екипи и со каква опрема ќе можат тие да одговорат во случај на посериозни пожари оваа сезона, но до објавување на текстот не ни одговорија на нашите прашања.

Противпожарните бригади пак постојано се соочуваат со дефицит на работна сила и опрема, а во изминатите години тоа се покриваше преку донации од Австрија, Романија, Словенија, Бугарија и Србија.

Од друга страна, токму кадар и опрема од овие земји помагаше и при гасењето на пламените јазици во 2022 година, кога најмногу гореше ниско стеблеста шума, а најпогоден беше Малешевскиот регион.

Овие пожари пред две години беа пообемни во последните неколку години и пеплосаа десетици илјади хектари шума, од кои повеќе од 4.000 хектари само во Берово, Пехчево и Делчево.

Вкупната материјална штета беше од сите шумски пожари беше проценета на 38 милиони евра. За обнова на шумскиот фонд пак, ќе бидат потребни децении.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Туркије ги одбележува Денот на националниот суверенитет и Денот на детето

Следно

Американците да и кажат фала на Америка што следи и прислушкува

Latest from Blog

Денот на албанското знаме во Скопје се прослави рафално, во Приштина и Тирана, достоинствено

Во Македонија се случи еуфорична прослава на албанско знаме, каква што немаше ниту во Косово ниту во Албанија. Тамошните граѓани, Денот на албанското знаме го прославија достоинствено. Во Тирана по повод 112

Македонија со убедлив пораз од Шведска го започна ЕП за ракомтарки

Женската ракометна репрезентација на Македонија со убедлив пораз од Шведска го почна настапот на Европското првенство, загубивме со 28-18. Македонските ракометарки имаа добар старт на мечот, поведовме и со 3-1, следуваше серија

Хаџи Јанев: Девастација на целиот систем 30 години, сите доајени на политикава се однесувале несоодветно

Во однос на состојбата во скривниците и нивното одржување, вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 проговори и проф. Методи Хаџи Јанев. Тој вели дека има девастација на целиот сектор речиси
Go toTop