Кампањата се дуплира, корупцијата не стагнира, работници без плати

April 19, 2024
6 mins read

Почна и кампањата за парламентарните избори, иако и досега ја имаше
Политичките партии, кои ќе учествуваат на парламентарните избори на 8 мај, во четвртокот (18.04.2024) и официјално ја започнаа кампањата. Дел од партиите веќе се во кампања, барем оние што фаворизираат одреден претседателски кандидат.
На овие парламентарни избори, Државната изборна комисија ги прифати листите за пратеници на вкупно 17 политички партии, кои во следните 20 дена пред гласачите ќе ги претстават своите идеологии, амбиции и аспирации.

Во изборната трка, големите партии традиционално влегуваат во коалиции со повеќе помали партии. Во коалицијата „Твоја Македонија“ која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, се здружени вкупно 21 партија, додека на другата страна, кај нивниот најголем политички противник од независноста наваму, „Коалицијата за Европска иднина“ предводена од СДСМ, ќе бидат вклучени 14 партии.
Во албанскиот политички блок, ДУИ е на чело на коалицијата „Европски фронт“ составена од четири партии, а во коалицијата „Вреди“ предводена од Алијанса за Албанците, има вкупно пет.
И на овие избори, се појавуваат и редовните десетина помали партии, а има и неколку нови и малку познати на јавноста, кои тешко ќе дојдат до пратенички места.
Според аналитичарите, мотивот на помалите партии понекогаш е да ги раситнат гласовите на други партии, а понекогаш е прашање на добивање на бенефити, кои не се поврзани со пратенички места.

Некој ја измеша кандидатурата со функцијата
Од позиција на шеф на дипломатијата, Бујар Османи, кој паралелно е и кандидат за претседател, изминатите денови зборуваше за повеќе прашања од надворешната политика.
Северна Македонија коспонзор на резолуцијата за Сребреница во Обединетите Нации; да се одржи седница на Советот за безбедност поради евентуални безбедносни реперкусии и можен бегалски бран по случувањата со Израел и земјите од Блискиот Исток; државата да излезе од регионалната иницијатива Отворен Балкан. Ова се ставови на министерот искажани во неколку дена за крупни надворешно политички прашања без консултација со Претседателот на државата и Владата. Од кабинетот на претседателот велат дека за „Отворен Балкан“ немало консултации, за ситуацијата на Блискиот Исток проценуваат дека нема безбедносни закани за државата.

Дел од аналитичарите сметаат дека овие теми, министерот ги користи во полза на својата претседателска кампања.
Поранешниот амбасадор и дипломат од кариера, Љупчо Арсовски, смета со настапите во улога на шеф на дипломатијата, Османи ја користи говорницата во МНР и за да профитира во кампањата за претседател.
„Како министер, излегува од вообичаената рамка на министер за надворешни работи кој ја застапува политиката на државата. Тој почнува да лиферува и да соопштува постапки кои допрва ќе ги претставувал пред Владата за да ги одобри Владата. Значи, тој прво излегува од рамките на Владата и пред сè од Собранието кое по сите овие прашања донело соодветни ставови. Ова однесување е сè, а најмалку дипломатско“, вели Арсовски.

Избори со минимален број набљудувачи
Засега, покрај од ОБСЕ, од странски држави се акредитирале 36 набљудувачи, иако бројот може да биде поголем, но не значително. Од домашни, пак, досега се акредитирале само 29 од Центарот за безбедносни истражувања во споредба со минатите избори кога имало над 3.000 домашни набљудувачи.
Мониторинг како и досега ќе врши Канцеларијата за демократски институции и човекови права – ОБСЕ/ОДИХР од каде самите најавија дека за двојните избори ќе имаат 300 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи.

На минатите претседателски избори во 2019 година, вкупниот број на акредитирани меѓународни набљудувачи од ДИК изнесувал 520, плус 289 преведувачи. Домашни, пак, биле 3.381.
На парламентарните што се одржаа во 2020, кога имаше пандемија со ковид-19, меѓународни биле 102 набљудувачи со 56 преведувачи, а домашни 2.551.
Најбројни набљудувачи на претходните избори имаше домашната граѓанска асоцијација МОСТ, која сега не учествува.

И покрај стотиците милиони евра странски донации за борба против корупцијата, опструкциите продолжуваат
Антикорупциoнерите не можат со еден клик во еден ден да ја проверат вистинитоста на пријавената имотна состојба на функционерите, иако со пари од Европската Унија добија и систем и софтвер кој го нуди токму тоа решение. Причината е што тој систем за управување со документи кој треба да ги поврзе електронски со дата базите на другите институции не е целосно ставен во функција.
„Не сакаат, не сакаат да се самоуапсат, не ни даваа пристап до податоците, на пример, банките ни велат не може да ви дадеме увид во сметките, за тоа ни треба посебно законско решение. Другите институции како Катастар на пример ни рекоа не може. Сите си наоѓаат ситни причини да се кочи процесот, за да заврши барањето додека да се смени власта, да не биде некој одговорен дека дал информација“, вели поранешен антикорупционер кој побара да остане анонимен.

Од сегашната Антикорупциската комисија велат дека имаат директен електронски пристап до бази на податоци од 17 институции, а преку платформата за интероперабилност склучиле меморандуми за соработка со најголемите институции со дата бази како Катастар, МВР, Управата за јавни приходи, Централниот регистар и Централниот депозитар за хартии од вредност.
„Во моментот, преку проект на ЕУ – ИПА II, се прави анализа на потребите на ДКСК и можностите за обезбедување на податоци и од другите државни институции до чии бази на податоци ДКСК треба да има пристап согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, се вели во одговорот од ДКСК.
Овој систем е само еден дел од опремата во вредност од стотици милиони евра, пари од ЕУ, САД и други држави, која е донирана во македонските институции. Но, дел од таа донирана опрема, или не е ставена во функција или ако е ставена не е целосно функционална, па вработените обвинители, инспектори, истражители и антикорупционери не можат да ја користат.
Антикорупционерите од 2019 година до сега отвориле над 5 илјади предмети од кои 2872 се однесуваат на корупција. Од властите побарале разрешување на 59 службени и раководни лица, а 56 за кривично гонење. Од 2002 година до сега нити еден предмет кој доаѓа по иницијатива од ДКСК, не видел бела виделина на суд.
Епилог…
Ако по утрото се познава денот, тогаш може да се претпостави дека и актуелната антикорупциска комисија ќе наиде на блокади од институциите. Предметот со вработувања во Академијата на судии и обвинители во време на избори, што според ДКСК е незаконско, падна на Управен суд по тужба од Академијата. Не навлегувајќи во детали од случајот и образложенијата на Академијата и судот, новиот состав на ДКСК не треба да се обесхрабрува од првата сопка. Зарем и претходните анти-корупционери не знаеја да ги сработат предметите па ниеден не им беше процесуиран? Со оглед на тоа какви се судовите во државата, каква е довербата во нив, може да се претпостави дека колку и да им се издржани предметите, и новите анти-корупционери и натаму ќе наидуваат на ѕидови во надлежните институции. Вистинската борба против корупцијата, во државава, зависи главно од политичката волја на владејачките елити. А, таква, засега нема.

Сезона и на штрајкови – вработувања, тендери, а плати нема
Вработените во Национални шуми штрајкуваа пред дирекцијата. Два месеца се без плата, здравствено и пензиско осигурување. Неизвесноста на вработените влегува во нов трет месец, а конкретно решение се уште нема.
Тие досега штрајкуваа на работните места во подружниците, одат на работа, ама не работат.
Од „Национални шуми“ за РСЕ велат дека доцнењето на платите се должи на намалената побарувачка на огревно дрво од граѓаните и оти производството е намалено за 100.000 метри кубни.
На почетокот на 2024 година, „Национални шуми“ беше во фокусот на јавноста поради огласот за 355 вработувања. Се бараа шумарски работници, најмногу дрвосечачи и тоа доминантно Албанци во Малешевијата каде оваа етничка заедница според пописот во 2021 година има бројност на жители што се бројат на една рака.

Покрај вработувањата, од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање реагираат и на набавката на „Национални шуми“ на теренски возила во услови кога се нема плата.
„Национални шуми“ во изминатиот период детално ги известиле и Владата и ресорното Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за проблемите со кои се соочуваат. Но, не даваат конкретен одговор до кога ќе трае голготата на вработените и ќе се реши проблемот.
Штрајкуваат и младите приватни специјализанти. Околу 400 млади приватни специјализанти во Северна Македонија, од 15 април, стапија во штрајк се додека не добијат писмени гаранции дека ќе им се исполнат барањата. Специјализантите, кои примаат плата од 26 илјади денари, бараат платата да им се зголеми колку и на другите лекари како и да бидат редовно вработени, а не да работат под договор на дело. Овие неколку стотини лекари немаат здравствено осигурување, ниту породилно отсуство.
Приватните специјализанти сами си ја плаќаат специјализацијата, која на Медицинскиот факултет чини 1.500 евра годишно.
И вработените во Пошта најавуваат нов штрајк. Како што кажа синдикалниот лидер Боро Велигденов, пошта е на работ на егзистенција. Доведени се во прашање повеќе од 2.000 работни места. Синдикатот смета дека состојбите се последица на лошата кадровска политика и партизација.
Плата нема и за вработените во културата. Гранковиот синдикат објави дека има револт од неисплаќањето на мартовските плати во културата, кое според Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска е поради неодобрени средства од страна на Министерството за финансии, со кои треба да се направи усогласување на платите согласно Колективниот договор за култура и Општиот колективен договор.

Американската новинарка, затворена во Русија, вели дека ќе излезе на слобода како невина
Шест месеци откако е притворена во Русија, американската новинарка Алсу Курмашева вели дека ќе излезе на слобода „како невина личност“. Курмашева, која работи за Татар-Башкир сервисот на РСЕ, е обвинета за непријавување како странски агент и ширење дезинформации за руската војска. Обвиненијата нашироко се гледаат како одмазда за нејзината новинарска работа. Нејзините коментари беа дадени во порака објавена од еден месечник на татарски јазик во Казан.

Политичарите ги поделија младите
Студентите во светот дебатираат за вештачка интелигенција, а македонските студенти за пристојни студентски домови. Незадоволство има, но има и апатија во услови на наметнатите поделби по етничка и партиска основа. Резултатот е застрашувачки – масовно иселување. Како може тоа да запре во поткастот „Зошто“ разговараме со Бленди Ходаи, поранешниот средношколски лидер, а сега студент и активист.

Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл [email protected]

Извор: slobodnaevropa.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Денеска е Упокојување на Методиј Солунски

Следно

Годишнина од потпишувањето на Бриселскиот договор – 11 години без ЗСО

Latest from Blog

Агенцијата на ОН за палестински бегалци: Газа се соочува со најинтензивно бомбардирање од Втората светска војна

ИСТАНБУЛ (АА) – Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) денес соопшти дека Газа се соочува со најинтензивно бомбардирање на цивили од Втората светска војна, јавува Анадолу. По повод одбележувањето на Меѓународниот

Тошковски: Жестоко и сурово ќе одговориме на било какво сценарио за дестабилизација на Македонија

Сакам да упатам порака со сите оние кои што се на ум да предизвикаат било какво сценарио за дестабилизација на Македонија, жестоко и сурово ќе одговориме на било какви обиди. Впрочем, тоа

Мицкоски: Осуда за сквернавењето на македонското знаме, ќе одговориме најжестоко на секој обид за дестабилизација

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска зборуваше за вчерашниот инцидент каде што во главниот град се сквернавеше македонското знаме, на денот на прослава на албанското знаме. „Најостро го осудувам, сепак претставува чин на агресија,

Панче Тошкоски: Жестоко и сурово ќе одговориме на вакви дејствија што подгреваат меѓуетнички тензии

„Има најави и обиди кои ќе подгоруваат меѓунационална нетрпеливост, како што веќе сме најавиле и ова е доказ дека тоа се случува, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски по вчерашниот настан

Николоски: Нема да дозволиме Пошта да колабира заради приватни интереси

Ќе се избориме да ја одржиме Македонска пошта и нема да дозволиме приватните интереси да ја уништат државната пошта, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во поткастот Бизнис Муабети. -Пошта
Go toTop