Не се сите претседателските кандидати транспарентни за пари во кампањата

April 18, 2024
3 mins read

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Бујар Османи не ја исполниле во целост законската обврска да достават основни информации за примени донации во првите десет дена од изборната кампања. Тие доставиле финансиските извештаи до Државната изборна комисија, ама празни, без ниту еден податок во нив освен печат и потпис на овластените лица во кампањата како и бројот на трансакциските сметка во банка за изборната кампања.

Според Изборниот законик, претседателските кандидати се обврзани да поднесат три финансиски извештаи до ДИК и тоа првиот на 11 ден од кампања, вториот на 20 ден од кампањата, а третиот вкупен извештај треба да го достават по изборите.

„Предвидено е дека тие се поднесуваат на образец што го пропишал министерот за финансии, а во кој има податоци за име односно назив на донаторот, вид и вредност на донациите, датумот на добивање донации и расходите за секоја донација и приходи и расходи за време на изборната кампања, како и податоци за донации примени од трето лице“, се вели во Изборниот законик.

Од Државната изборна комисија велат дека не се надлежни за содржината на извештаите, за нив е битно да се испочитува роковникот, а тоа е да бидат доставени на време.

„Државната изборна комисија нема никакви права и овластувања да ги проверува и да постапува по финансиските извештаи на учесниците во изборите, тоа е во надлежност на Државниот завод за ревизија. Истите извештаи учесниците во изборите ги доставуваат и до Државната комисија за спречување корупција“, се вели во одговорот од ДИК на прашањето зошто е дозволено да се објават празно и нецелосни извештаи на претседателски кандидати.

Но, според изборниот законик, ДИК заедно до Антикорупциската и Заводот за ревизија се должни да склучат Меморандум за соработка во врска со спроведувањето на одредбите за финансирањето на изборната кампања за размена на информации за утврдени неправилности во врска со доставените финансиски извештаи и мерките преземени од нивната страна спрема субјектот кој е предмет на надзор.

Кампањата на Пендаровски се финансира од редовната сметка на СДСМ

Од изборниот штаб на Пендаровски сметаат дека не го прекршиле законот со доставувањето на бланко извештај. Тие се повикуваат на изборниот законик, посочувајќи дека ќе дадат на крај детали во вкупниот финансиски извештај кој се поднесува по завршувањето на изборите.

Во одговорот за Радио Слободна Европа велат дека изборната кампања на Стево Пендаровски во првите 10 дена од кампањата се финансира од редовната сметка на СДСМ.

„Износите на средствата префрлени во првите десет дена ќе бидат прикажани во вкупниот финансиски извештај согласно член 85 од изборниот закон“, се вели во одговорот изборниот штаб на Пендаровски.

Од изборниот штаб на Бујар Османи ветија дека ќе одговорат на прашањето зошто доставиле празен извештај, но до објавувањето на овој текст не испратија одговор.

Покрај празните до ДИК пристигнале и нецелосни извештаи

Дел од претседателските кандидати не објавиле колку пари собрале од донации, ама затоа објавиле колку ќе потрошат на реклами, додека некои пак не пријавиле колку пари потрошиле во првите десет дена од кампањата ниту пак за што ги потрошиле.

Според извештаите на другите петмина кандидати најмногу пари од донации собрала кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова, вкупно 20 милиони денари, односно 325 илјади евра. Станува збор за донации од членови на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кои како вкупна донација се пренесени од основна трансакциска сметка на политичка партија на сметката за изборна кампања.

Од сите претседателски кандидати само Сиљановска Давкова пријавила дека добила донација од приватна фирма во вредност од 800 евра.

Но, во нејзиниот извештај недостасуваат податоците за расходите, односно на што се предвидени да се потрошат парите кои што ги добила како донации во изборната кампања.

Приходи за изборната кампања на претседателските кандидати

Приходи за изборната кампања на претседателските кандидати

Следен по неа на ранг листата е опозицискиот кандидат Арбен Таравари со собрани 42 илјади евра, од кои речиси 9 илјади евра се од донации од физички лица, додека 29 илјади евра ги добил од партиската сметка на Алтернатива и 5 илјади евра од Алијанса за Албанците за изборната кампања.

Според податоците во финансискиот извештај, Таравари потрошил повеќе пари отколку што собрал за кампањата. Неговите расходи изнесуваат 55 илјади евра, од кои само 39 илјади евра се исплатени. Тоа значи дека се задолжил 16 илјади евра уште во првите десет дена од кампањата.

Трета на листата е Билјана Ванковска Цветковска со вкупно приход од донации од физички лица во вредност од 17 илјади евра. На нејзината трансакциска сметка нема донација од партијата Левица која ја поддржа нејзината кандидатура, но нејзините членови се на наведени како донатори – физички лица.

Веднаш по неа е претседателскиот кандидат од партијата ЗНАМ Максим Димитриевски кој пријавил дека располага со буџет од 116 илјади евра. Од нив 7 илјади евра се заведени како донација пренесена од политичка партија, а 108 илјади евра се пари кои како ставка се заведени дека му следуваат од буџетот како максимално дозволем лимит за износ на трошење по запишан избирач.

Тој е единствен од канидатите кој навел дека за реклами на локални национални телевизии и радија како и реклами во весници ќе потроши 100 илјади евра.

Неговиот соперник, претседателскиот кандидат на Гром, Стевчо Јакимовски собрал 15 илјади евра од донации од физички лица.Но, во извештајот што го доставил до ДИК не ги пополнил прашалниците за потрошните пари.

Претседателските и парламентарните избори ќе ја чинат државата вкупно 17 милиони евра. Оваа сума ги опфаќа трошоците за изборните органи, за потребните материјали, за гласањето на дијаспората и за други потреби за двата круга претседателски и за парламентарните избори.

Од овие пари, десетина милиони се предвидени за платено политичко рекламирање, што подразбира по две евра за запишан избирач за парламентарните избори, исто толку за првиот круг претседателски плус уште по едно евро за вториот круг.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

ЦУК апелира на внимателност поради влошувањето на временските услови

Следно

Приведени четворица припадници на косовската полиција

Latest from Blog

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните

Фетаи: Неселективна и примерна правда за кривични дела говор на омраза и нетрпеливост

Потпретседателот на Владата на Македонија, одговорен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска го осуди палењето на македонското и албанското знаме, опишувајќи ги како кукавички чинови, кои сведочат за опасниот раст

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по Предлог-буџетот за 2025 година. По амандманската расправа, како Дополнет предлог-буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по
Go toTop