Само со донации не се води битка против корупција

April 16, 2024
7 mins read

Антикорупциoнерите не можат со еден клик во еден ден да ја проверат вистинитоста на пријавената имотна состојба на функционерите, иако со пари од Европската Унија добија и систем и софтвер кој го нуди токму тоа решение. Причината е што тој систем за управување со документи кој треба да ги поврзе електронски со дата базите на другите институции не е целосно ставено во функција.

„Не сакаат, не сакаат да се самоуапсат, не ни даваа пристап до податоците, на пример, банките ни велат не може да ви дадеме увид во сметките, за тоа ни треба посебно законско решение. Другите институции како Катастар на пример ни рекоа не може. Сите си наоѓаат ситни причини да се кочи процесот, за да заврши барањето додека да се смени власта, да не биде некој одговорен дека дал информација“, вели поранешен антикорупционер кој побара да остане анонимен.

Тој додава дека пет години чекале да се спроведе овој проект и повторно со него не можеле да откријат лесно со еден клик и мала проверка, дали некој функционер лажел во пријавата на имотната состојба. За тоа мора писмено да се обраќаат до многу институции посебно и да чекаат по најмалку 15 дена за одговор, кој понекогаш и не е целосен.

Овој систем е само еден дел од опремата во вредност од стотици милиони евра, пари од европските и американските граѓани, која е донирана во македонските институции.

Во изминативе години со донации се опремувани судници, обезбедени се термо-визуелни камери за граничарите, опрема за радио комуникација на полицајците, специјални возила за Министерството за внатрешни работи, хардвер, софтвер и инсталација на опрема до изградба на две згради и целосно опремување на форензичка лабораторија.

Но, дел од таа донирана опрема, или не е ставена во функција или ако е ставена не е целосно функционална, па вработените обвинители, инспектори, истражители и антикорупционери не можат да ја користат.

Таков пример е системот за интероперативност односно за управување со документи за кој Европската Унија преку ИПА 2013 фондовите плати 2, 6 милиони евра. Станува збор за ИТ хардвер и 3 системи за управување со документи наменети за Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), за Управата за финансиска полиција и за Агенцијата за управување со одземен имот. Овој систем е инсталиран во трите институции, но не е целосно функционален, велат извори за Радио Слободна Европа од трите институции.

Од Антикорупциската комисија велат дека имаат директен електронски пристап до бази на податоци од 17 институции, а преку платформата за интероперабилност склучиле меморандуми за соработка со најголемите институции со дата бази како Катастар, МВР, Управата за јавни приходи, Централниот регистар и Централниот депозитар за хартии од вредност.

„Во моментот, преку проект на ЕУ – ИПА II, се прави анализа на потребите на ДКСК и можностите за обезбедување на податоци и од другите државни институции до чии бази на податоци ДКСК треба да има пристап согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, се вели во одговорот од ДКСК.

На прашањето какви мерки се преземаат за системот да се стави целосно во функција, од Антикорупциската велат дека сега прават анализа за надградба на софтверот во делот на електронската размена на податоци, со цел ДКСК електронски да прибира податоци со што ќе се автоматизира проверката на имотната состојба на функционерите.

Три институции не го доинсталирале системот за проверка на документи

Во Финансиската полиција идејата за спроведување на еден ваков систем за управување со документи датира од 2012 година, велат оттаму, додавајќи дека во изминативе две години системот кој им е донација од британската амбасада не е ставен целосно во употреба, односно се наоѓа во трета фаза од спроведувањето на проектот.

Во тој систем е предвидено да остави трага секое барање и преземена мерка како и да се утврди одговорност кај тој што нема да постапи по некое барање за одредена истрага.

„Ни се случува барања со месеци да се чуваат во фиока во некоја институција и да не можеме да истражуваме повеќе затоа што не сме добиле некоја појдовна информација за следни мерки“, вели анонимно инспектор во финансиската полиција за Радио Слободна Европа.

Третата инститиција која го добила овој систем и софтвер како донација е Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што директорот Дритон Небиу, потврди дека не е инсталиран, затоа што, како што вели, се уште не е завршен целиот проект.

До објавувањето на овој текст трите институции не одговорија на основното прашање зошто се одолговлекува ставањето во целосна функција на системот за управување со документи кој е платен со европски пари.

И македонската Влада предвидела ваков систем. Во буџетот за 2024 година е предвидено дека еден од приоритетите на МВР ќе биде воведување на систем со управување со документи. Но, нема информација до каде е постапката.

Но, ова не е прв случај да се пролонгира спроведување на проект кој е финансиран со европски пари. Таков пример е и системот за итна помош „Е-112“ , кој ги вмрежи сите служби за итни случаи, а за кој ЕУ донираше опрема во вредност од 1,5.

Овој систем стартуваше во февруари во 2022 година. Но, идејата за него како проект започна уште во 2005-тата година, а неговата реализација стартуваше 2015-тата година. Проблемот беше во тоа кој од која институција ќе биде шеф. Со законски измени овој проблем се надмина во 2021 година.

ЕУ знае дека одредени институции не ја користат донираната опрема

Од Делегацијата на Европската Унија во Скопје велат дека за секој договор за набавка на одредена опрема за македонските институции, крајниот корисник потпишува потврда за конечно прифаќање на опремата, придружена со список за дистрибуција. Ова е услов од правилата за набавки на ЕУ, со кои се потврдува крајната дестинација на испорачаната опрема и дека таа задоволително ги поминала бараните тестови.

Оттаму додаваат дека при различни проверки на оддржливост утврдиле дека одреден број институции не ја користат целосно испорачаната опрема. Но не посочија кои се тие институции.

„Многу често прашањето за одржливост е поврзано со недостаток на работен простор, простор за складирање или буџетски распределби за трошоците за одржување“, се вели во одговорот на ЕУ.

Инвестиции во опрема и пари од Делегацијата на Европска Унија во Скопје од 2016 до 2024 година

Инвестиции во опрема и пари од Делегацијата на Европска Унија во Скопје од 2016 до 2024 година

Според податоците што ги добивме од Делегацијата на ЕУ, во периодот од 2016 до сега, вредноста на инвестицијата во опрема и изградба на две згради за МВР изнесува 41,8 милиони евра.

Со пари на европските граѓани е изградена и зградата за Центарот складирање и заштита на податоци. Европската унија за изградбата на зградата и опремата во неа плати 10,25 милиони евра, додека македонската влада учествуваше со 750 илјади евра.

Дополнително ЕУ финансираше и изградба на нова Форензичка лабораторија во Скопје во вредност од 4,5 милиони евра. Според роковите и ветувањата на надлежните, оваа зграда требало да биде готова до крајот на 2022 година, но во употреба е пуштена една година подоцна од договореното со ЕУ.

ЕУ преку разни проекти од ЕУ од 2007-мата година до сега инвестираше над 83 милиони евра за институциите кои го спроведуваат владеење на право и основни права.

Американска донација „фаќа прашина“ во Управата за финансиска полиција

И дел од донациите од американската амбасада во Скопје се соочуваат со проблем во нивното практично користење од македонските институции. На пример, опремата за следење на комуникации која е донација од американската амбасада за Финансиска полиција со години чека „амин“ од пратениците за да може да се стави во функција.

Станува збор за опрема за следење на комуникациите во вредност од 350 илјади долари која не може да се користи затоа што измените на законот за финансиска полиција, со кој УФП ќе добие ингеренции за следење на комуникации, е три години во собраниска процедура. Измените на законот стигнаа до второ читање, но не беа ставени за гласање на пленарна седница.

Поради парламентарните избори, овој закон ќе чека нов пратенички состав да го изгласа или евентуално да го измени.

Можноста Финансиска полиција да може да следи комуникации преку Оперативно- техничката агенција (ОТА) со судска наредба во истраги беше наведена и во „реформите на Прибе“ од 2017 година, а најавено уште во планот за евроинтеграции именуван како „3-6-9“, и подоцна во планот „Акција 21- против корупцијата и остатоците од режимот“ во владата на поранешниот премиер Зоран Заев. Но, овие мерки не беа спроведени во пракса.

Дополнителен проблем во Финансиската полиција е што зградата во која се наоѓа институцијата нема просторија во која ќе може да се инсталира и користи опремата, како и да се формира одделение за следење на комуникации, велат неофицијално инспектори оттаму.

Само од САД , изминативе 30 години вложиле половина милијарда долари во земјава, вклучително и донации на разновидна опрема, како што се камери за полицајци и опрема за судници.

„Целата американска помош во странство се следи, а нашите донации не се исклучок“, се вели во одговорот од американската амбасада во Скопје за РСЕ.

Борбата против корупцијата зависна од странски донации

И многу други држави членки на ЕУ поединечно донирале опрема за борба против корупцијата.

Од чешката амбасада во земјава е донирана опрема од над милион евра, наменета за справување со илегалната миграција, болнички кревети, инкубатори дури и крави. Холандската амбасада донирала 1,6 милиони евра во разни проекти наменети за гранична полиција, МВР, Јавното обвинителство, Академијата за судии и обвинители и најголемиот од 950 илјади евра за реформи во Судскиот совет. Од германската амбасада кусо одговорија дека тесно соработуваат со органите на кривичниот прогон во земјава во поглед на безбедноста политика.

„Тоа вклучува и обемна поддршка за опремување и проширување на капацитетите. За жал, не можеме да даваме подетални информации за поединечните компоненти од безбедносни причини“, се вели во одговорот од германската амбасада.

Додека стратешките партнери на Северна Македонија донираат опрема за подобрување на борбата против корупцијата и организираниот криминал во земјава, македонските институции со години наназад алармираат дека им се потребни повеќе пари, нови простории за опремата која веќе ја добиле од донации, повеќе обучен кадар.

Но, ако се погледнат досегашните буџети, две третини од парите се наменети за плати, а останатото за тековни трошоци за одржување и комуналии.

На пример буџетот за јавното обвинителство според закон годинава треба да изнесува 0,4 отсто од државниот буџет, односно 22 милиони евра, но како што велат оттаму ниту еднаш до сега не ја достигнале таа сума.

Во одговор за Радио Слободна Европа велат дека јавните обвинителства секоја година добиваат едвај половина од предвидените пари за нив со кои покриваат само основни трошоци.

„За јакнење на капацитетите на јавните обвинителства и особено на истражните центри, Јавното обвинителство во најголем дел се потпира и зависи од странски донации и од финансирање преку проекти“, велат од Јавното обвинителство за РСЕ.

Неопходноста државата да издвојува поголеми средства за работа на јавните обвинителства и особено на истражните центри и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се споменува и во Извештајот на ЕК за напредокот на земјава.

Владата во македонскиот буџет предвидува пари за модернизација на институциите но, тие според луѓето во институциите се скромни, се движат од 50 до 150 илјади евра. На пример, во владината програма Г1 која спаѓа под министерство за правда за борба против корупција се предвидени 350 илјади денари, односно 5 691 евро.

Но, и покрај донациите од западните земји, македонските институции чија основна задача е борба против организираниот криминал и корупција не бележат напредок. Напротив, последниот извештај на светската организација Фридом Хаус, покажува назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Во него се предупредува на долготрајна корупција на високо ниво во земјава, опишувајќи ја моменталната состојба како комбинација на политички плурализам со површни институционални промени.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Намален бројот на ученици во основните и средните училишта

Следно

Хрватска упати протестна нота до Србија поради нападот врз нејзини граѓани во Панчево

Latest from Blog

Николоски: Ќе се гради алтернативен пат на трасата Тетово – Гостивар за да не се отсечат жителите од Полог

Пред да започнеме со изградба на aвтопатот Тетово – Гостивар, изведувачот најпрво ќе изгради алтернативен пат за да не се случи населените места долж автопатот па и одредени општини да останат отсечени,

Курти: Сите одлуки во надворешната политика ги носам во договор со Османи, Коњуфца и Гервала

Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Подуево изјави дека сите одлуки за надворешната политика на Косово ги донел во договор со претседателката Вјоса Османи, претседателот на Собранието Гљаук Коњуфца и министерката за

Зеколи Шаќири: Знамето е највисок симбол на националниот идентитет и достоинство и како такво заслужува целосна почит од сите

Заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири се огласи по вчерашните инциденти при прославите на денот на албанското знаме. Таа изразува длабоко жалење и загриженост за оштетувањето на знамето на Република Македонија.

Уапсени осум лица, еден малолетник – реакции по синоќешните инциденти со палењето знамиња

Осум лица се уапсени по синоќешните инциденти за време на прославата на Денот на албанското знаме, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него уапсените се наоѓаат во полициска станица и
Go toTop