Изборни ветувања за повисоки пензии – лицитации без реална основа

April 3, 2024
3 mins read

Линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари ветува ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на официјалното почнување на кампањата за двојните избори, претседателски и парламентарни закажани за 24 април и 8 мај. Нивниот политички опонент СДСМ, пак, ветува континуиран раст на пензиите со кој просечната пензија би достигнала 500 евра до 2028 година, минималната 20.000 денари, а пензионерите од државата да добиваат новогодишен пакет од 100 евра.

Но, додека претставниците на партиите ја вжештуваат дебатата за тоа кој предлог е подобар за покачувањето на пензиите, дел економски експерти со кои разговаравме оценуваат дека нивните ветувања се повеќе како лицитации со бројки за кои не постои реална поткрепа.

Таков е ставот на економскиот аналитичар Павле Гацов, кој вели дека линеарното зголемување на пензиите носи ризик, бидејќи ако бројката од 5.000 денари се помножи со бројот на пензионери, трошокот за буџетот на државата ќе биде 240 милиони евра годишно.

„Македонскиот фискален простор е ужасно тесен. Ние должиме и немаме капитални инвестиции, немаме вложување во инфраструктура, така што ваквото ветување со ваква бројка од линеарно зголемување од 5.000 денари е преоптимистички и штетно, бидејќи на крајот ќе се сведе на задолжување на државата“, вели Гацов.

За предлозите на СДСМ, меѓу кои и ветувањето за новогодишниот бонус од 100 евра, Гацов вели дека исто така е претерано и нереално.

„Потребно е системско решение за порастот на пензиите да биде последица од порастот на платите. Само така пристапот кон ова прашање може да биде сериозен и ќе значи пензионерите да не бидат оштетени и од друга страна да се стимулира плаќање на пензиските придонеси. Така што мислам дека овие изјави се претерани“, вели Гацов.

Расте бројот на пензионери

Вкупно 338.000 пензионери во Македонија во моментов користат некаков вид на пензија која во просек изнесува 20.116 денари, според податоците на Министерството за труд и социјална политика.

Бројот на пензионерите во Северна Македонија се очекува да расте, според официјалните статистички податоци, бидејќи се намалува бројот на помладата популација, главно поради заминувањето во странство. Негативните демографски проекции предвидуваат дека во иднина ќе имаме повеќе возрасно население на сметка на младо и работоспособно.

Пензионерите подолг период бараат зголемување на пензиите, а лани со месеци излегуваа и на протести, велејќи дека Владата во континуитет ги игнорира и не ги исполнува нивните барања, меѓу кои е линеарно зголемување на пензиите.

Од 1 април сите пензионери добија покачување на пензиите од 5,3 отсто, согласно новата методологија од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Од Владата не се согласуваат со линеарно зголемување на пензиите за да не се наруши стабилноста на пензискиот систем, како што вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Според актуелната власт, во Буџетот за 2024 година се проектирани средства за исплата на повисоки пензии, но согласно утврденото системско решение.

Растат ветувањата, расте и долгот во Пензискиот фонд

Од СДСМ деновиве соопштија дека просечната пензија ја зголемиле за 6.400 денари, а минималната за 50 проценти и дека „со воспоставената методологија пензиите континуирано растат.

Вицепремиерот за економски прашања во актуелната Влада на СДСМ и коалицијата, Фатмир Битиќи, го критикуваше предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари.

Според него, тоа е опасност пензионерите за неколку години да останат без пензии, бидејќи, како што вели, така дефицитот во пензискиот фонд би достигнат 52 проценти.

„Убаво ќе беше да кажат колкав ќе биде дефицитот во Пензискиот фонд со ова линеарно зголемување на пензиите по 5.000 денари. Дали пензионерите сакаат дефицит во пензискиот фонд од 52 проценти? Тоа значи дека пола од пензионерите или 175.000 пензионери да останат без пензија за одредена година“, вели Битиќи.

Од друга страна, професор Трајко Славески, кој беше министер за финансии во претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, реагираше на ваквите критики истакнувајќи дека просечната пензија треба да изнесува 60 проценти од просечната плата за пензионерите да бидат релативно задоволни. Тој смета дека предлогот за линеарно зголемување на пензиите е супериорен во однос на предлозите на СДСМ.

„Како по правило, во сите периоди на владеење на СДСМ по осамостојувањето, овој сооднос се менува на штета на пензионерите. Каков било модел за усогласување да применат, при што сдсмовците се склони кон често експериментирање, пензиите стагнираат во однос на зголемувањето на платите“, вели Славески.

Вработените избираат втор и трет пензиски столб

Според последниот Попис од 2021 година, 17,4 проценти од вкупното населениe се пензионери. Предвидувањата се дека бројот на пензионери ќе се зголеми на 19,1 отсто од вкупното население до 2025 година, а дека во 2050 ќе достигне до 32,1 отсто.

Соодносот на пензионер – вработен во 2021 година бил 1 пензионер на 1,74 вработени, но до средината на овој век (2050-2060 година) бројката се очекува да се изедначи на еден вработен на еден пензионер.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски вели за еден пензионер да може нормално да зема пензија, треба да има тројца вработени на еден пензионер.

„Проблемот ќе стане поголем, бидејќи голем број на вработени се иселија од државата, заминаа да градат туѓи економии. Ќе биде се потешко во Фондот за пензиско осигурување, особено што работниците што сега имаат работен однос, нема да имаат сигурност во овој пензиски фонд што моментално постои. Затоа луѓето се одлучуваат и на втор и на трет столб на пензиско осигурување, за да можат да бидат посигурни во нивните пензионерски денови“, вели Деаноски.

Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, најмногу корисници ја добиваат старосната пензија, односно вкупно 236.634 граѓани, на кои им следува пензија по завршувањето на работниот стаж и која изнесува 21.684 денари.

Останатите над 100.000 корисници на пензии, земаат инвалидска пензија која во просек изнесува 17.849 денари, семејната пензија од 15.861 денари, земјоделска пензија од 10.447 денари и највисоката воена пензија која во просек изнесува 28.425 денари.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Порака на ЕУ по повод 75-годишнината на НАТО: Да ја истакнеме нашата посветеност на трансатлантската солидарност

Следно

Уставен суд не поведе постапка за измените на ЗРО во врска со работните часови од Договорот со „Бехтел и Енка“

Latest from Blog

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните

Фетаи: Неселективна и примерна правда за кривични дела говор на омраза и нетрпеливост

Потпретседателот на Владата на Македонија, одговорен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска го осуди палењето на македонското и албанското знаме, опишувајќи ги како кукавички чинови, кои сведочат за опасниот раст

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по Предлог-буџетот за 2025 година. По амандманската расправа, како Дополнет предлог-буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по
Go toTop