Над 800 кандидати за 120 места во парламентот

April 2, 2024
4 mins read

Најмалку 840 кандидати влегуваат во трка да ги пополнат 120-те места во идниот парламентарен состав што треба да се формира по изборите на 8 мај годинава. Нивните имињата произлегуваат од пет коалиции и две партии кои досега ги објавија листите.

Сите од нив, вклучително и партиите од албанскиот блок, ќе имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици, дури и во „тројката“ и „четворката“ каде досега за пратенички мандати вообичаено трчаа само партиите од македонскиот блок партии.

Рокот за поднесување на листите до Државната изборна комисија (ДИК) истекува денеска (2 април), а официјалната кампања ќе започне на 18 април. Меѓутоа, на терен кампањата веќе извесен период е започната, а партиите не штедат на нови ветувања. Борбата со корупција, економијата и сиромаштијата, како и интеграцијата во Европската Унија (ЕУ) се темите кои доминираат во јавниот дискурс.

Кој со кого и против кого?

Додека истекуваше рокот, партиите ги официјализираа и коалициите, па владејачкиот СДСМ во својата ги задржа досегашните партнери како ЛДП, НСДП, ДОМ, ВМРО-Народна партија, Партијата за движење на Турците … или вкупно петнаесетина партии во „Коалицијата за европска иднина“.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во „Твоја Македонија“ собра околу 20 партии. Покрај традиционалните партнери, како Социјалистичката, Демократската партија на Србите, Новата либерална партија, во „јатото“ прими и партии кои досега беа во коалиција со социјалдемократите, како Достоинство, Демократскиот сојуз, Обединети за Македонија…

Меѓу коалициите во македонскиот блок партии е и „Храбро за Македонија“ – која ја формираа ГРОМ, Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР).

Кога се во прашање партиите на Албанците, и тие ќе настапат во коалиции, обединети во два блока.

Со„Европскиот фронт“ на владејачката ДУИ, Али Ахмети ќе настапи заеднички со некогашните лути противници: Мендух Тачи од ДПА и Зијадин Села со неговото крило од Алијанса за Албанците. Села, дури ќе биде и носител на листата во петтата изборна единица. Во оваа коалиција се и Народното движење на Скендер Реџепи и Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, но и Сојузот на Ромите и две партии на Турците на кои интегративците им ги отстапија носителските места во третата и четвртата изборна единица. Така, во „тројката“ листата на коалицијата на ДУИ ќе ја предводи Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, а во „четворката“ Енвер Хусеин од Демократската Партија на Турците на Македонија.

Во овие изборни единици каде има мал број албански гласачи свои листи ќе предложи и ривалската коалиција„Вреди“. Во неа се Беса на Билал Касами, Алтернатива на Африм Гаши, Демократското движење на Изет Меџити и претседателскиот кандидат Арбен Таравари со неговиот табор на Алијанса за Албанците. Меѓутоа, носителите на листи во „тројката“ и „четворката“ од албанската опозиција сè уште не се објавени. Според најавите оттаму, имињата ќе ги соопштат денеска кога ќе се поднесат листите до ДИК.

Покрај петте коалиции, со кандидати на пратеници самостојно на парламентарните избори ќе настапат и Левица и новоформираната партија ЗНАМ на кумановскиот градоначалник и претседателски кандидат Максим Димитриевски.

Димитриевски ја формираше партијата по разидувањето со неговата матична СДСМ. Покрај него, дел од ЗНАМ се и други поранешни членови и функционери од редовите на социјалдемократите. Меѓу оние кои може да се забележат на кандидатските листи, се поранешната пратеничка Весна Бендевска која е носителка во петтата изборна единица и докторот Злате Мехмедовиќ, сегашен портпарол на Комисијата за заразни болести и поранешен претседател на Комисија за здравство во СДСМ.

Настап на изборите најавуваа и други помали партии, но досега ниту една од нив официјално не објави листи. Рокот за да ги поднесат истекува вечерва на полноќ. Меѓу оние што најавуваа е и скопската градоначалничка Данела Арсовска која неодамна ја презеде партијата Нова Алтернатива. Иако промовира и отвора штабови низ градовите во земјава, таа досега не промовираше носители ниту листи. РСЕ се обиде да добие одговор, но телефонските броеви за контакт на официјалната веб-страница на партијата се непостоечки.

По кој пат до ЕУ?

Во наредните денови, според најавите од партиите, треба да се објават и целосните програми. По јавните настапи и партиски настани, главните пораки и ветувања веќе се испратија.

Најголемите партии во изборната трка влегуваат со иста желба – членство во ЕУ, но се разликуваат во ставовите како до таму. Владејачкиот СДСМ ветува завршување на преговорите до 2028 и членство до 2030 година, а за продолжување на преговорите, како што е предвидено со преговарачката рамка, земјава треба да го отвори Уставот за да ја внесе бугарската заедница во преамбулата.

„Јас знам дека тој пат не е лесен и дека Европската Унија не секогаш беше фер кон нас. Лично го имам искусено и знам како се чувствувате, фрустрацијата и ја гледам и ја чувствувам. Точно е, не постои земја што повеќе направила на нејзиниот европски пат. Точно е, можеше да е поинаку. Но, сето тоа е во минатото. Ние мора да гледаме напред“, истакна лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, при промоцијата на програмата на 31 март.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, постојано повторува дека „нема да прифати уставни измени под бугарски диктат“. Партискиот лидер Христијан Мицкоски во интервју за јавниот сервис рече дека „ЕУ треба да е јасна кон Македонија и да каже јасно што треба да направи“. Според него, кон државата има непринципиелен однос.

„Токму затоа ние велиме ние сме подготвени да седнеме и да разговараме за тоа што овој народ може да очекува, што може да се направи“, кажа Мицкоски.

Плати, пензии, животен стандард и борба против корупција

Покрај евроинтеграциите, економијата и животниот стандард го заземаат централното место во досегашната кампања пред кампањата.

Социјалдемократите ветуваат просечна плата од 1.100 евра, а минимална од 600. За пензионерите, пак, се обврзуваат дека за четири години ќе им овозможат просечна пензија од 500 евра, а им ветуваат и новогодишни пакети од сто евра.

„Новата влада на СДСМ ќе обезбеди по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години“, е уште едно од ветувањата со кое социјалдемократите се обидуваат да привлечат гласови.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, на младите им ветува подобрување на мерката „Купи куќа“, на пензионерите 5.000 денари зголемување во првата година од мандатот…

Меѓу економските мерки со кои се фали опозицијата е и намалување на невработеноста на 7,5 отсто, 55.000 работни места, задржување на ниски и рамни даноци итн.

Во дигитализацијата двете ривалски партии гледаат како една од мерките за борба против корупцијата.

ВМРО-ДПМНЕ најавува и проверка на имотната состојба на граѓаните. Како посебна категорија ги издвојува и судиите и обвинители, а најавува и распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители.

Социјалдемократите, пак, најавуваат дека членовите на овие тела од фелата на истакнати правници ќе се бираат со јавен избор и со учество на граѓанскиот сектор.

Додека ветувањата се нижат од сите страни, претставници на партиите утре (3 април) ќе седнат на заедничка маса за да потпишат Декларација за фер и демократски избори.

Денеска (2 април) тоа ќе го направат претседателските кандидати, за кои во прв круг ќе се гласа на 24 април. Вториот круг ќе се одржи заедно со парламентарните на 8 мај.

Претстојните парламентарни избори во Северна Македонија ќе бидат 11-ти по ред од 1990 година. На претседателски, пак, македонските граѓани годинава ќе гласаат по седми пат откако првпат шеф на државата на непосредни избори се бираше во 1994.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Јужнокорејски научници со фузија постигнаа 100 милиони степени во траење од 48 секунди

Следно

Нетанјаху под зголемен притисок од странство и дома

Latest from Blog

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните

Фетаи: Неселективна и примерна правда за кривични дела говор на омраза и нетрпеливост

Потпретседателот на Владата на Македонија, одговорен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска го осуди палењето на македонското и албанското знаме, опишувајќи ги како кукавички чинови, кои сведочат за опасниот раст

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по Предлог-буџетот за 2025 година. По амандманската расправа, како Дополнет предлог-буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по
Go toTop