Претставен нацрт-предлогот за прекин на огнот во појасот газа…Иако примирјето ќе биде само привремено, двете страни ќе се обврзат да разменат голем број на заробеници но и да прекинат со меѓусебните напади во периодот кој следува.
Странските посредници во изминативе денови ги засилија напорите да обезбедат прекин на огнот во појасот со надеж дека ќе спречат натамошни израелски напади врз рафа, градот во кој засолниште најдоа над еден милион раселени палестинци…
„Примирјето треба да трае 40-дена, период во кој Хамас ќе ослободи околу 40 заложници – вклучувајќи жени, помлади од 19 или постари од 50 години и болни. За возврат ќе бидат ослободени околу 400 палестински затвореници. Израел ќе ги премести своите трупи надвор од населените области. На жителите на Газа, освен на мажите кои можат да се борат, ќе им биде дозволено да се вратат дома во областите претходно евакуирани, а помошта ќе биде зголемена.“ – Ројтерс.
Од Белата куќа се надеваат дека до крајот на неделата, двете страни ќе успеат да постигнат ново примирје. Претседателот на САД, Џо Бајден, вели дека Израел го намалил бомбардирањето на Рафа а армијата одобрила евакуација на голем дел од населението на градот пред да стартува офанзивата.
„Се надевам до крајот на викендот. Мојот советник за национална безбедност ми вели дека сме блиску, но се уште не сме готови. Се надевам дека до понеделник ќе имаме прекин на огнот.“ – изјави Бајден.
Претставници на Хамас пак за западните медиуми тврдат дека забелешките на Бајден кои сугерираат дека договорот е веќе постигнат се предвремени и дека во моментов, се уште има проблеми кои треба да се премостат.
А додека борбите во енклавата продолжуваат со засилено темпо, палестинската црвена полумесечина одлучи да ја суспендира работата во Газа на 48 часа, неможејќи да ја гарантира безбедноста на своите тимови, но и болните и цивилите кои се заглавени во појасот.
„Досега извлековме дваесетина тела. Деца, жени и постари лица. Се уште слушаме повици за помош од под урнатините.“ – вели Абу Реем Муарам жител на Газа.
„Ги извлековме сите од под урнатините освен мојот син. Тој веќе беше мртов.“ – вели Шариф Муамар жител на Газа.
Од Обединетите нации пак предупредуваат дека количеството на испорачана помош во Газа е преполовено во февруари во однос на претходниот месец.
„Помошта треба да се зголемува, а не да се намалува, за да се одговори на огромните потреби на два милиона палестинци кои живеат во очајни услови.“ – изјави Филипо Лазарини, шеф на агенцијата на Обединетите Нации за помош на палестинските бегалци.
Во судирот меѓу Израел и Хамас, што почна на 7 октомври минатата година, досега животот го загубија над 29.500 палестинци и околу 1.300 Израелци.
Извор: 24vesti.mk