(ИНТЕРВЈУ) На што точно мисли министерот Фатмир Меџити кога на пушачите им порача „да му ја мислат“

4 mins read

Министерот засега не открива дали повторно целосно ќе се забрани пушењето во затворен простор, вклучително и на т.н. „летни тераси“, но извесно е дека ќе се крои политика за поголемо поскапување на тутунските производи. Се чини дека што и да се донесе како решение ќе важи за другите неконвенционални производи за пушење, вклучувајќи ги и производите кои содржат никотин, а не се тутунски производи

Фатмир Меџити, во интервјуто за „360 степени“, најави дека ќе иницира и процес за дестимулирање на производството на тутун во земјава, односно да се воведат субвенции со кои тутунопроизводителите ќе се префрлат на одгледување на други култури

Нека си ја мислат пушачите како понатаму, изјави пред некој ден минстерот за здравсто, Фатмир Меџити. Реченицата беше изговорена во точно определен контекст. Набргу по Нова година ќе следува притисок од ресорот кој го води за воспоставување на политики кои како резултат треба да донесат – намалување на бројот на корисници на тутун во државата.

„Ова не беше закана“, вели министерот Меџити за својата изјава во интервјуто за „360 степени“ и додава дека вистинската закана се последните бројки кои покажуваат дека во земјава речиси секој втор возразен е пушач, статистика која не става во топ 10 земји во светот. А не е тајна дека цигарите се водечки ризик за повеќе заболувања, што кардиолошки, што малигни.

Ќе се пуши ли и натаму во угостителски објекти?

Додека целите се јасни, досега министерот не кажа и кои точно ќе бидат методите. Па затоа прашавме:

  • Земјава има неколку механизми со кои се бори против пушењето. Едниот е Законот за заштита од пушењето, донесен во 1995-та. Најмногу заострен можеби во времето на поранешниот премиер Никола Груевски, а релаксиран во времето на Зоран Заев. Политичката партија која тој ја предводеше сега е ваш коалиционен партнер во Владата. Клучо беше што имавме еден период во кој пушењето беше забрането секаде на затворено, вклучувајќи ги и рестораните. Релаксирањето беше со дозвола да се пуши во делот од угоситетлските објекти се означени како летни бавчи или слично, иако сме сведоци дека на терен тоа наидува на „креативни толкувања“. Во пракса, што ќе значи оваа ваша иницијатива. Дали планирате целосно да ги исфрлите цигарите од угостителските објекти, односно сите објекти на затворено?
Фатмир Меџити, министер за здравство

„Точно така, неколку пати е интервенирано во Законот за здравствена заштита, за пушењето и за тутунот, но ова што го велите, дека во последно време е релаксирано во врска со непочитување на законот би рекол за пушење и јас лично како министер и како довчерашен лекар, па и така ќе продолжам, значи морам сериозно да се занимавам со оваа проблематика. Пред се, ние сме тука да ги превенираме лошите навики и да ги превенираме болестите, зошто кога ќе дојде до овие злоќудни, малигни болести, тогаш тоа многу ќе го чини и Министерството за здравство и Буџетот на државата. А тоа што не можеме никако да го вратиме, тоа е дека семејство во Македонија се соочува со вакви болести, од овие лоши навики и знаете како е – секој веќе треба да знае и да се замисли макар на една минута многу логично, дека ги губиме нашите најмили, а не сме свесни за тоа“,

изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити.

Министерот продолжи со тезите дека нема да отстапи од намерата да влезе во борба за намалување на бројот на пушачи. Но, во ниту еден момент не одговори директно – дали и какви измени ќе се прават на Законот за заштита за пушењето. Остана само впечатокот, дека регулативата и/или инспекциите ќе се затегнат, дури и на сугестибилните прашања:

Фатмир Меџити, министер за здравство
  • Значи, ако можам добро да ве разберам, вие ќе инклинирате кон тоа пушењето да се забрани секаде на затворено, односно да имаме повторно рестрикција на тоа законско решение што го имаме што едно време се олабави, така да кажам.

„Апсолутно точните препораки, со потпишување на меморандумот ќе ги добиеме од Светската здравствена организација и верувајте дека ќе постапиме 100% по тие препораки… Ние ги знаеме веќе препораки, но нема сега да споделиме што конкретно и детално ќе се преземе. Но со потпишувањето на меморандумот ќе држиме прес-конференција“,

кажа Меџити.

Цигарите треба да поскапат, како во ЕУ

Но, во овој дел од одговорот на ова прашање, министерот Меџити кажа дека не би сакале да го оштетат буџетот на „некое семејство или некој граѓанин“, ако луѓето не размислуваат сами за своето здравје. Со други зборови, посредно најави дека ако не успеат засега непознатите мерки, ќе расте цената на цигарите.

  • Штом го споменувате буџетот, иако не сакате да откривате детали, дали можам само да претпоставам дека ќе расте акцизата за тутунските производи?

„Апсолутно. За тоа, колку што знам, се засегнати царината и Министерството за финансии. И ние со нив, навистина со министерот за финансии да бидам искрен зборувавме за оваа тема и тука навистина треба една детална анализа да се направи, да се разгледаат можностите. Но, според практиките што ги имаме во светот и во Европската Унија ние гледаме дека таму цигарите, пушењето, е многу скапо и затоа треба да се гледа и во тој правец, даноците и давачките за тутунот, нормално тоа ќе бидат една од мерките да се зголемат и кај нас“,

изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити.

Стимулации за тутунарите да се откажат од одлгедување на тутун

Прашан за очекуваните реакции од граѓаните, угостителскиот сектор и другите засегнати, стана јасно дека најавата за борба против пушењето е се уште идеја која министерот Меџити ја шири меѓу колегите, а не дека е прашање за кое веќе е изграден политички конзенсус на ниво на владејачка коалиција. Самиот призна и дека има големи слабости во надзорот и на сегашните законски решенија и дека сериозно треба да се работи и на делот на имплементацијата на законите.

И не само таму. Меџити најави стратегијата оди дотаму што ќе се бараат механизми да се намали не само употребата, туку и производството на тутун.

Фатмир Меџити, министер за здравство

„Јас добив и тогаш поддршка и мислам дека ќе имаме навистина многу голема поддршка во овој правец заедно со директорот за Европа на СЗО и ќе издејствуваме преку Влада и преку Министерството за земјоделство за овие (тутунот н.з.) да се замени со други култури во земјоделието и за ова ќе треба нови субвенции и тутунарите ќе се субвенционираат во овој правец. Но, ова не го велиме ние. Ова го велат скрининзите на Европската унија и ние, ако сакаме да бидеме дел од таа Европска унија, мораме да ги испочитуваме“,

изјави министерот Меџити.

За крај, го прашавме министерот, каква ќе биде судбината на новите производи кои, во суштина, не се тутун, но содржат никотин. За оваа прашање добивме и најдиректен одговор.

„Значи истите мерки, најригорозни, ќе важат и за електронското пушење“,

одговори министерот за здравство, Фатмир Меџити.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Зеленски: Извозот по Црноморскиот коридор за жито достигна 12 милиони тони

Следно

Сончево и релативно топло со мала локална облачност

Latest from Blog