Камбовски: Време е судството да каже стоп на арбитрерното однесување на партиите и на извршната власт

6 mins read

Денеска на брифинг со новинарите и на прес-конференција, Камбовски и министерот за правда ја презентираа развојната стратегија за правосудството (2024-2028 г.) која се фокусира на пет клучни области: судството и јавното обвинителство, капацитетите на посебните институции на правосудниот систем, индивидуалните професии и јавни служби, Уставниот суд и кривичната и граѓанската материја

„Ние нема да можеме да зачекориме ниту еден чекор напред ако не го етаблираме начелото на владеење на правото, како основно начело, не само на држваното уредување, не само како стил живот, туку како начело кое навлегува во сите пори на општеството“, рече академик Камбовски на прес-конференцијата

Универзитетскиот професор и академик Владо Камбоски, предводник на Работната група на Министерството за правда за реформи во правосудството, денеска не сакаше да ја коментира иницијативата за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во Судскиот совет.

Министерот за правда Кренар Лога и академик Владо Камбовски на денешниот брифинг со новинарите на кој беше презентираната развојната секторска стратегија за правосудството (2024-2028 г.) / Фото: „360 степени“

Вели дека сега не може да каже ништо бидејќи не ги знае основите за покренување на иницијативата, но го посочи прашањето за тоа кој е врв на судската власт во земјава. Дали е тоа Врховниот суд или Судскиот совет. Ова прашање треба да го надмине развојната секторска стратегија за правосудството (2024-2028 г.) која денеска беше презентирана во Министерството за правда, што беше поводот за брифинг со новинарите и за прес-конфренција на академик Камбовски и министерот за правда Кренар Лога.

„Сега надвор од овој конкретен случај и мислам дека ова што ќе го кажам не треба да има импликации по однос на таа иницијатива. Ние имавме долго време проблеми околу едно прашање: Кој е врв на судската власт? Дали е тоа Судскиот совет или Врховниот суд. Сега зборувам за општ проблем што оваа стратегија, овој документ сака да го надмине и да го рекалсира за да ги избалансира тие односи во еден вистински правец дека судската власта е посебна власт на чие чело стои Врховниот суд, бидејќи изгледа дека таквото пресметување меѓу овие две институции како да им одговара и на едната и на другата. Ние немавме доволна активност од Врховниот суд во примената на законите и обезбедување на единство во примената на законите, а тоа му одговараше и на Судскиот совет кој главно некако се ориентира да се форматира себеси како некаков контролор на работата на судовите, вклучувајќи го и Врховниот суд. Тоа да си биде тело (Судскиот совет) кое ќе ја гарантира независноста на судството пред се од надворешните влијанија. Врховниот суд си е врв на судската власт кој ќе гарантира вооедначена, правична, праведна примена на законите од сите судови што се наредни во таа пирамида“,

рече Камбовски во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата.

Во врска со иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховен за која постапката почнува утре, беше прашан и министерот за правда, на што тој одговори дека е добро кога во јавноста се споделуваат сите факти и аргументи.

„Од една страна, имаме работи кои се кажани од претседател на Врховен суд, а кои треба да ги испитува Судскиот совет. До тука јас не гледам никаков проблем поврзан со ова прашање. Понатаму ако имаме и тоа цела јавност ќе дознае, индивидуално решавање на предмет за други цели, тоа не треба да е дел од праксата на нашиот систем“,

рече Лога.

Што предвидува развојната стратегија за правосудството (2024-2028 г.)

Во однос на самата Стратегија, која како што потсети министерот за правда, беше усвоена во вторникот на седница на Владата, таа е фокусира на пет клучни области:

  • Судството и јавното обвинителство;
  • Капацитетите на посебните институции на правосудниот систем;
  • Индивидуалните професии и јавни служби;
  • Уставниот суд и
  • Кривичната и граѓанска материја.

„Основната цел беше и останува судската власт да се крене на рамништето на рамноправна положба со другите две власти. Затоа што денеска принципот на поделба на властите е нарушен низ една долго време извитоперувана практика на функцинирање на судските институции и доминација на извршната власт“,

рече Камбовски на брифингот со новинарите.

Осврнувајќи се на обемната работа на изготвувањето на документот, Камбовски рече дека главните протагонисти во таа задача се самите луѓе кои работат во судството.

„Затоа, цело време групата инсистираше на тоа правосудните институции самите да ги дефинираат целите, приоритетите, што треба да се направи за да се реализира оваа развојна концепција ефективно до крај. Еднаш да се охрабри тој фактор – судството да стане самосвесно дека има огромна моќ што му ја дава Уставот и меѓународните стандарди да каже стоп на арбитрерното однесување на политичките партии и на извршната власт, која е најистурениот протагоност на партизација на институциите“,

вели Камбовски.

Долги дискусии за Судскиот совет

Временски долги расправи при подготвувањето на документот се воделе во однос на Судскиот совет, околу прашањето за неговата транспарентност, ефикасност и одговорност како едно од централните тела кое треба да ја гарантира независноста на судовите.

„Тоа е единствената институција во земјата која не одговара на никого. Има некои инструменти за покренување одговорност на член на Судскиот совет, меѓутоа никогаш не биле искористени тие инструменти“,

рече Камбовски.

Камбовски и министерот за правда Лога на денешната прес-конференција / Фото: МИА

Во таа насока, во Стратегијата се предвидува измена на Законот за Судскиот совет во поглед на постапката за избор на членови на Советот од редот на судиите со цензус, а членовите кои се бираат од Собранието, заради транспаретност, да ја минуваат постапката на сослушување по примерот на изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата.

За овие насоки, како што рече Камбовски, многу помогнале и препораките на Оценската мисија на Европската Унија.

За измените во Законот за Судски совет, министерот Лога рече дека има добиено допис од работната група и дека следниот чекор на Министерството е да се обрати до претседателот на државата и до други институции.

„Ние доцневме неколку недели со стратегијата заради тоа што го чекавме извештајот на Оценската мисија, кој веќе е инкорпориран во овој текст, а исто така и во патоказот. Вразно со процесот на измените на Законот за Судски совет, јас веќе имам добиено дописи од работната група и треба да се обратиме до претседателот на државата, Собранието и до Здружението на судии каде тие директено ќе се вклучат во овој процес. Да ги кажат своите ставови дали се задоволни од предложените нивни кандидати, денес членови на Судскиот совет, ако не, тогаш ќе треба и тие директно да се вклучат во овој процес или да ги повикаат на одговорност во Собранието, а исто така дали би било подобро да се конкретизира процесот на одговорност на тие членови на (Судскиот совет) кои се дел од судиите“,

рече министерот Лога на прес-конференцијата.

Во стратегијата опфатено е и прецизирање на постапката за избор на јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција како и зајакнување на законските гаранции за независно и самостојно располагање со судскиот буџет.

Предвидено е и создавање ефективен систем за исплата на досуден паричен надоместок за долго траење на постапките.

Тука, како што рече Камбовски на прес-конфренцијата, одговор треба да дадат измените на Законот за кривична постапка (ЗКП) на кои се работи три години и се при крај.

„Во ЗКП, кој исто така е при крај, каде работи исто така една поголема група три години, се зајакнуваат овие инструменти за дисциплинирање на учесниците во постапката посебно јавното обвинителство во однос на роковите во кои мора да постапуваат во истрагата и поднесувањето на обвинението и исто така во делот на одлагањето на главните расправи од страна на судовите со исто зголемување на улогата на претседателите на судовите кои мораат да водат сметка за тоа како се менаџира со предметите во секој суд, соодветно на тоа како се менаџира со предметите со јавното обвинителство, дали има или нема ажурност во сето тоа. И исто така со отворање на прашањето за судење во разумен рок кое сега е ставено на едно рамниште на посебни жалби пред Врховниот суд, но се размислува за тоа да се воведат уште поефикасни механизми за забрзување на постапката и за запазување на тоа право, не отпосле откако е завршен процесот па странката не е задоволна, туку во текот на самата постапка соодветни мехазними со кои таа ќе може да влијае на тоа судењето да трае во еден разумен рок. Задоцента правда веќе е никаква правда“,

рече Камбовски.

Илустративна фотографија / Фото: „360 степени“

Уставниот суд е опфатен во четвртата приоритетна област, каде што е наведено спроведување на процес на анализа и стручни консултации за воведување на институтот ,,уставна жалба“ преку измена на Уставот.

Во петтата област се опфатени кодификацијата на казнените одредби во Кривичниот закон и негово услогласување со европските и меѓународните стандарди, како и кодификација на граѓанското законодавство во сеопфатен Граѓански законик.

Измените на Кривичниот законик се готови

Во тој контекст, на денешнио брифинг и прес-конференцијата потоа министерот Лога и Камбовски информираат дека измените на Кривичниот законик се готови и предадени на Министерството за правда.

„Тој ги враќа оние работи коишто беа прифатени со ад хок измените (на Кривичниот законик донесени на 6 септември) на вистинското место и врши и други интеревенции во делот на одговорноста на службените лица, бидејќи во Кривичниот законик постојат многу одредби, не само овие што се во главата на кривичните дела што се против службената должност туку и на други места за одговноста на службено лице за извршување на некое кривично дело, да речеме кај делот на незаконито лишување од слобода, кај прислушувањето итн. Кога сум кај Кривичниот законик, тоа беше инклузивен процес во кој беа консултирани најшироки структури не само од академските, туку и на луѓето од судството, од практиката. Второ, Граѓанскиот законик се работи повеќе од десетина години низ еден исто така инклузивен процес“,

рече Камбовски на прес-конфренцијата, кој додаде дека според него би било неразумно да се очекува дека некој во Собранието ќе кочи такви закони кои се однесуваат на темелните човекови слободи и права, освен ако тоа не се сведе на познатите политички пазарења.

За министерот Лога, развојната стратегија е патоказ за нашата држава во следните четири години.

Академик Камобски е оптимист дека дека свеста ќе преовлада и дека судството ќе биде доведено во состојба да може да парира на извршната власт, па дури да влијае и на законодавната власт во донесување на исправни закони.

„Ние нема да можеме да зачекориме ниту еден чекор напред ако не го етаблираме начелото на владеење на правото, како основно начело, не само на држваното уредување, не само како стил живот, туку како начело кое навлегува во сите пори на општеството“,

рече акедемик Камбовски.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Буџетот на Тетово за 2024-та, 31 милион евра – Беса и ВМРО-ДПМНЕ се фалат, ДУИ вели крстот е единствено постигнување

Следно

ФОТО: Дали ова е еден од најубаво украсените локали во Скопје?

Latest from Blog