Бигорскиот манастир, кој продолжува да биде духовно свртилиште на многумина верници од земјава и од странство, во изминатиов период е предмет на напади и критики од центри надвор, но и внатре во црквата. Обвинувањата завршуваат главно на адреса на игуменот на манастирот, епископот Партениј, кој е опишуван како анационален, мешетар и предводник на парацрковна структура. Партениј реши првпат јавно пред камерата нa „360 степени“ да проговори на овие и на други актуелни теми. Освен разговорот со него, во продолжение погледнете ја репортажата од Бигорски и од манастирот Рајчица
Во дебарско-реканскиот крај, на 740 метри надморска височина се издига Бигорскиот манастир. Во тек е неделна утринска литургија. Иако е зима и не е поголем празник, верници го наполнија храмот. По светата причесна, братството и верниците се упатија на заеднички појадок. Никој не плати ништо, а трпеза имаше за сите.
Изграден во далечната 1020, Бигорскиот манастир уште толку години подоцна ги гледа благодетите на истрајноста, вели отец Кирил.
„Самата бројка илјада, мислам дека делува доста импозантно. Илјада години постоење на некоја институција подразбира нешто многу големо, величествено, нешто многу свето, особено кога станува збор за светилиште на Бог. Ако земеме предвид фактот дека христијанството постои 2000 години, значи половина од тие два миленуми, Бигорски го има своето постоење“,
ни раскажа тој.
Името не е случајно.
„Се нарекува Бигорски затоа што е изграден врз една карпа од камен од бигор, тоа може да го видите тука, тоа е порозен камен, кој е мек за обработка но, сепак цврст за градење и нашите предци, како и ние денес, често го користиме за градба на манастирот и самиот факт што е изграден на таа карпа придонел да се вика Бигорски“,
кажа отец Кирил.
Централен дел на манастирот е бигорскиот католикон, односно соборниот храм, посветен на Свети Јован Крстител, каде се одржа и утринската литургија. Иконостасот се смета за ненадминато ремек-дело. Овде се наоѓаат и најголемите светињи на манстирот.
„Стоиме пред чесната икона на Свети Јован Крстител, чудотворната икона на нашиот мил патрон. Со оваа икона всушност е поврзан и постанокот на манастирот. Имено, според преданието кое е запазено во манастирските хроники и кое се пренесува до ден-денес, оваа икона била пронајдена како лебди, целата во божествена светлина, над изворот со вода, којшто сега тече под самиот храм и била пронајдена од страна на првиот ктитор на Светата бигорска обител, Свети Јован Дебранин“,
вели тој.
Рачно изработена е и целивалната за изложување на иконите.
„На оваа целивална има дрворез, во кој се прикажани сцени односно светители кои се поврзани со Бигорскиот. Конкретно овде е прикажано отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител, што е всушност и главната наша манастирска слава“,
рече отец Кирил.
Ни ги покажа и моштите пренесени од Вселенската патријаршија.
„Тука е парчето на Чесниот Крст на Господ Исус Христос, тука е свети Јован Крстител….“,
објаснуваше тој.
Ѕирнавме и во репрезентативните одаи на Манастирот. Една од просториите е наречена голем синодикон и се користи за свечности. Овалните сцени на плафонот ја раскажуваат историјата – од основањето на првото монашко братство, преку доаѓањето на Османлиите, првата обнова во 18 век, носењето на моштите, сè до денешниот лик на комплексот.
Секој дел на Бигорскиот манастир е засебна приказна, вклопена во целина – и архитектонски и стилски. Манастирот располага со импозантна библиотека, каде на самата врата се изгравирани првите зборови што светите браќа Кирил и Методиј ги превеле од старогрчки на староцрковнословенски јазик. Внатре, пак, грижливо се чуваат оргинални примероци на книги.
oтец Кирил: Го имаме Сердарот од Григор Прличев, нашиот преродбеник, напишан од него во 1986 година на старогрчки јазик, знаете заради ова поема ја добива наградата во Атина, наречен евтор Хомер, и потоа ја препејува на словенски јазик.
360°: Ова е оригиналот?
oтец Кирил: Да, оригиналот е. Големo значење за нас има и првото издание на Огледало од Кирил Пејчиновиќ, печатено во 1816 година, во Будим. Со ова дело всушност почнува преродбата во Македонија, сме го учеле по македонски јазик.
Отец Кирил 15 години e дел од монашкото братство – столбот на манастирот. Желбата за монашки живот дошла по внатрешен призив кој го препознал и во својот водач.
„360°: Триестина монаси значи едно поголемо семејство, да речам фамилија. А во секоја фамилија има и несогласувања. Дали меѓу монаштвото во Бигорски има единство?
oтец Кирил: Многу убаво прашање. Видете, монаштвото е пред сѐ живот во слобода, сѐ што станува во монаштвото, станува според слободна волја и кога човек ќе ја предаде својата од Бога дарувана волја пак во божји раце, преку Старецот, тогаш сите нас нѐ обединува една заедничка идеја, да се соединуваме со Бога. Тоа е најкратко кажано основната цел на нашиот живот. А, кога толку силна идеја ве обединува, а таа идеја е успешно и будно набљудувана од страна на надгрижлива љубов, на татковството на Старецот, тогаш многу лесно се надминуваат секакви неодразбирања, разлики, несогласици итн. Едноставно не им се дава простор за такви нешта на оние кои го предале срцето во служба на Бога.
Освен за монашкото братство, вратите на манстирот се отворени и за беспомошните. Низ програмата за ресоцијализација поминале луѓе од различна вера и нација.
„Јас сум Зоран Поп-Јаков. Доаѓам од Скопје. Дојден сум тука во 2010 година, ме наведоа проблемите со зависностите од дроги. Едностaвно си го барам спасот и помошта во манастиров. Имав слушнато од пријатели за мисијата и програмата за манастирот. Но, едноставно тогаш дојде моментот кога сакав да дојдам.
Зоран вели дека бил пречекан пријателски и братски.
Зоран Поп-Јаков: Едноставно се вклопивме во животот на манастирот сите деца што се на лекување тука. Значи стануваме од сабајле, одеме на литургија, потоа одиме на доручек, и секој си има свое послушание. По завршување на послушанието си има пак трпеза, пак вечерна служба и во вечерните часови дали се чита литература духовна, дали се разговара со браќата за проблемите што ги имаме, или пак, најдобро е кога имаме можност да се видиме со Старецот, со дедо Партениј и да ги споделиме нашите маки и проблеми.
360°: Всушност тоа е програмата што ја имавте?
Зоран Поп-Јаков: Па, на некој начин, во кратки зборови, да.
360°: Вредеше ли?
Зоран Поп-Јаков: Па, јас мислам дека вредеше. Веќе 14 години сум апстинент, чист сум. Имам нов живот тука, апсолутно.
360°: Што работите?
Зоран Поп-Јаков: Моментално работам како чувар во манастирот Рајчица, таму сум веќе 9 години. После 5 години лекување во манастиров, отец Партениј ми понуди да се вработам таму, ми даде земја во Битуше, ми помогна во изградба на куќата и сега живеам мирен и спокоен живот.
Во манастирот е релативно тивко, но тоа не значи дека верниците си заминале. Дел од истите луѓе што беа на утринската литургија, ги затекнавме и пред вратата на бигорскиот старец, епископот Партениј, каде чекаа ред за исповед.
„Тука кога ќе дојдеме ние верниците, еве барем јас, си доаѓам кај отецот и си ја оставам торбата преполна со маки, ајде да не ги наречам гревови, бидејќи сите сме грешни па, една од сите сум и јас. Ќе дојдеме кај отецот, ќе се исплачеме, ќе помине сето тоа, ќе си се вратиме во Скопје. Продолжуваме живот. Сето ова е за нашиот краен, вечен живот. За тоа го правиме сето ова“,
вели Христина Христова, верничка.
„Во Бигорски го наоѓаме единствениот мир. Досега сум била на многу свети места, меутоа ова искачување е неспоредливо. Затоа што тука е домот на Бог и тука се чувствуваме поврзани заедно со Бог“,
кажа Валентина Куновска, истотака верничка.
Игуменот на Бигорскиот манастир, Партениј, е родум од Битола. Како 24-годишно момче, Зоран Фидановски, во 1995 се замонашува во Бигорскиот манастир, во услови на духовна замреност во дебарскиот крај. Дипломирал со тема посветена на Свети Јован Крстител, патронот на Манастирот, а извесен период престојувал и на Света Гора.
Како заслуга му се припишува возобновувањето на монашкото братско и развојот на соживотот во Мијачко-Реканскиот крај. Пред три години добива повисоко место во хиреархијата на православната црква, кога е хиротонисан во Епископ Антаниски.
Бигорски е мојот живот, ќе каже тој за „360 степени“, во едно од ретките интервјуа.
„г. Партениј: Во суштината на христијанството е космополитизмот, значи Христос нè повикува да ги љубиме сите, без разлика на нивната вера, нација итн. Пораката на Божјата љубов преку еден христијанин треба да стигне до сите и доколку еден христијанин се држи до заповедите Христови, до евангелските начела, тој е миротворец.
360°: Дали ви се обратиле муслимани досега?
г. Партениј: Многупати, многупати, и ние ги сакаме и нив како наши браќа, се дружиме со нив и тие ги прифаќаат истотака и христијаните. Може да се каже дека има прекрасен соживот, особено во селата околу нас. Во последно време доаѓаат и христијани кои еве добиваат работни места, на пример во ‘Куќата на Мијаците’, стражари во манастирите, бидејќи има таква потреба, и се многу добро прифатени од месното население, кое е претежно муслиманско.
Интервјуто со игуменот на Бигорски доаѓа во период на дилемата што и јавно се дискутира – дали со томосот од СПЦ, Македонската православна црква – Охридска архиепископија е призната автокефална црква.
„Досега во историјата, пракса било секогаш томос за афтокефалност да издава Вселенската патријаршија. Ние тоа го знаеме, впрочем и во сите преговори претходно кога нашата црква се бореше за признавање и од самата Српска православна црква, беше упатувана на тоа дека томос доаѓа од Вселенската патријаршија. Па, дури мислам дека и документот што го издаде православна црква кој е доста дипломатски срочен нели, нè упатува на тоа дека тоа не е завршен документ, особено во однос на нашето именување, таму има една реченица која вели дека нашата црква треба да го реши своето име со еленофоните, но и со сите останати. Но, сметам дека и тоа ќе се реши со Божја волја, бидеќи и ова што досега се случи, една голема Божја поддршка за сè она што нашата црква го направи во однос на евангелизацијата или реевангелизацијата на нашиот народ“,
вели тој.
Тука Партениј особено ја нагласува улогата на монаштвото.
„Јас помнам секогаш другите цркви ѝ замеруваа на МПЦ дека нема монаштво и мислам дека монаштвото беше клучно да се смени тој став на повеќето православни цркви бидејќи нашата црква со тоа покажа дека има богат духовен црковен живот. Евхаристиски“,
вели игуменот на Бигорскиот манастир.
Но, богатиот духовен живот за кој зборува епископот Партениј и братството предводено од него, извесен период е изложено на јавен атак. Партениј е квалификуван како анационален и предводник на парацрковна структура.
360°: Дел од вашите колеги, конкретно владиката Петар, јавно обвинуваше дека во Бигорскиот манастир има парацрковна структура предводена од вас, ќе го цитирам: Епископот Партениј заедно со структурата негова во Бигорски и со монахињите таму, мешетарат во мојата епархија. Што значи ова?
г. Партениј: Крајно несериозно е да се даде таква изјава, бидејќи Бигорски манастир е дел од МПЦ, конкретно дел од Дебарско-кичевската епархија. Јас сум по звање игумен на Бигорскиот манастир и викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, ние сме под послушание на нашиот митрополит Тимотеј, така што не знам од каде на дедо Петар му се таквите ставови.
360°: Мешетарат во мојата епархија вели.
г. Партениј: Да, монасите имаат свои роднини и некогаш одат да ги посетат своите роднини, во Битола, можеби во Ресен итн. Просто – немам коментар, ако ние излеземе да ги посетиме нашите роднини, дали е тоа мешетарење, тоа го прават сите.
Од Бигорски се јавија со жестока реакција по убиствата на малата Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски за кои првоосомничен е токму Љупчо Палевски-Палчо.
„360°: Јавно прашавте – ќе има ли одговорност од врвот на МПЦ? На што се должи ваквата реакција? Дали имавте директни закани од Палевски и зошто се бара одговорност од врвот на МПЦ?
г. Партениј: Да, ние го направивме тоа соопштение затоа што бевме лично засегнати. Значи, нашиот манастир беше изложен, можам слободен да кажам на јавен линч. Најнапред започна со Доказ МК, нели со новинарот Марјан, а потоа Палчо, тоа беше непрестајно напаѓање, закани јавни, пишувани, потоа и на неговите подкасти постојано и се заклучуваше дека он добива информации и од црквата. Дури во една прилика јас се јавив на еден наш почитуван политичар и кажав дека се чувствуваме, дека јас како граѓанин се чувствувам небезбедно, затоа што вистина, замислете кое е чувството вие секојдневно да бидете напаѓани. Некогаш на пример во „Доказ МК“ имаше по двапати дневно написи против Бигорски манастир, и тоа се ноторни лаги и измислици, а ние пак сме тие што сме се труделе некако да влијаеме добро на општеството оти да го евангелизираш народот значи да го направиш подобар. Кога еден човек ќе стане христијанин, ако е вистински христијанин он станува и подобар граѓанин на државата и навистина можеше последно време да се констатира една жалосна состојба па дури поведени и христијани од тој дух во црквата да станат едноставно плукачи по јавните гласила, по социјалните мрежи.
360°: Барате одговорност и од врвот на МПЦ. Зошто?
г. Партениј: Затоа што имаше јавна соработка со Палчо. На пример, потпишување на некаква декларација која не беше благословена од Синодот и од Архиепископот. Ако има потреба од некаква декларација, јас сметам, a и тоа е така, само Синодот може да побара таква декларација, а не и поединци.
360°: Христијански ли е да се атакуваат меѓусебно, владиците, епископите…?
г. Партениј: Воопшто, воопшто не е, тоа е огромна штета за народот итн.
360°: Тогаш како верниците да веруваат?
г. Партениј: Да. Ние треба да покажеме љубов. И ние ги почитуваме сите. Еве јас како епископ, секогаш ја изразувам мојата достодолжна почит кон Дедо Петар и ние никогаш сме немале некаква вербална расправија меѓу нас итн. Сите напади јас ги слушам од трети лица, и накрај од медиуми, што е многу жалосно. Но, видете, не е проблем за нас. Ние ќе издржиме се и треба тоа да го издржиме со смирение, бидејќи така не поучува нашиот Спасител, нели, тој вели, блажени сте кога ќе ве срамат и прогонуваат и кога ќе говорат против вас, секакви лажни зборови, лажно заради мене, голема е вашата награда на Небесата. Но, каде оди нашето општество? Најнапред, каде оди црковната совест, бидејќи Црквата е таа која треба да влијае позитивно на граѓаните, нели, да тие станат совесни и подобри граѓани.
360°: Или да го преформулирам прашањето, до каде е границата за да се понесе одговорност?
г. Партениј: Па, видете, барем, барем, барем, да видиме некакво покајаније и да се престане со таквите плукања, нели? Ако не друго.
Од манастирскиот комплекс си заминавме по речиси целодневен престој меѓу монашкото братство, кое не е единствената заложба на епископот Партениј.
Покрај Бигорскиот манастир, под духовно раководство на епископот Партениј се и уште три други манастири – Рајчица, Пречиста и Кнежино. Рајчица е метох на Бигорскиот манастир. Таму живее монашкото сестринство.
Метох значи дека на хартија, Рајчица е имот на Бигорски. Ова е споменик на културата во Македонија. Како женски манастир, во континуитет брои 10 монахињи и по неколку искушенички кои треба да го поминат тестот за доживотна служба. И во Рајчица има штитенички кои се рехабилитираат од различни зависности, како и веќе рехабилитирани самохрани мајки. И овде, како и во Бигорски, главно се живее од донации. Сестринството се занимава и со изработка на митри.
Занаетот им го пренел токму владиката Партениј.
Сестра Ефимија: Факт е дека во целиот свет има такви работилници, зборувам во целиот православен свет, меѓутоа, ваков тип на митри, во цел свет, се изработуваат само кај нас.
360°: За кого се имате изработено митри?
Сестра Ефимија: За многу митрополити, за многу патријарси, вклучително и неколку митри за вселенскиот патријарх, Вартоломеј, и секако, во 2016 година и една папска тијара, која што беше нарачка од македонската делегација и коишто сакаа, а новоизбраниот папа Франциск да му однесат некаков сувенир од Макеоднија, па за таа цел се обратија до нашиот манастир за да изработиме една таква тијара. Нас ни беше голем предизвик, бидејќи досега не сме работеле тијари, со оглед на тоа што папите не носат митри, топа беше долгорочен процес на истражување како тоа да се направи и морам да кажам дека ни принесе едно големо задоволство.
Дебарскиот крај го напуштивме на веќе изгреана месечина. Останува ехото од пораките од луѓето кои самите избрале да останат таму.
„Човек треба некои работи да ги проживее да ги види, да ги сфати, да падне, да се сопне, за да научи. Не им пожелувам јас на младите да паѓаат, да се сопнуваат, него да учат од туѓите грешки“,
вели Зоран Поп-Јаков, поранешен штитеник на Бигорскиот манастир.
„Клони се од злото, прилепувај се кон доброто“,
повикува отец Кирил.
„Верата пред сè, се изразува преку дела, а не само преку зборови, не е само кружење седум пати околу црква или палење 10 свеќи, бидејќи така ни кажале, туку преку изразување на нашата вистинска љубов кон Бога среде општеството во коешто живеемe“,
порачува сестра Ефимија од манастирот во Рајчица.
„Бог кој го создал овој прекрасен, убав, свет, кој се грижи за поредокот на целиот свет и гледаме поеднакво испраќа се што е потребно на сите луѓе. Сонцето грее за сите луѓе итн. Значи, кои сме ние да го осудуваме другиот или пак, да немаме простор во нашето срце, за кој било од овој свет? Едноставно не смееме да ги делиме луѓето тоа треба да го разбере. Љубовта кон човекот треба да биде на прво место“,
заклучи владиката Партениј.
ИЗВОР: 360stepeni.mk