Според повеќе решенија за легализација на бесправно изградени станбени згради во Општината Чаир, барањата за тие легализации се поднесени на датум кога, според сателитски слики на Гугл, објектите воопшто не биле почнати да се градат
„360 степени“ документираше и дваесетина бесправно изградени станбени згради кои биле легализирани, а кои не го исполнуваат условот – да биле изградени најдоцна до 3 март 2011 година, како што предвидува Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Односно, тие објекти биле изградени во последниве четири-пет години, а биле легализирани како да постоеле пред март 2011 година
„Втора македонска бригада“ е една од главните улици во Чаир. А таквите улици вообичаено се магнет за изградба на станбени и на деловни објекти. Затоа, не треба да чуди што и на оваа фрекфентна улица никнуваат нови градби.
Освен што се на иста улица, заедничко за сите овие згради, е што биле дивоизградени, а потоа и легализирани. Проблемот и тука и кај сите други објекти кои ќе ги споменеме во оваа сторија, е што тие не постоеле на 3 март 2011 година.
3 март 2011 година е границата, последниот датум, до кој треба да е изграден еден објект како градежна и функционална целина, за да се квалификува за легализација. Се што е нелегално изградено потоа, не смее да се легализира. Така налага законот за постапување со бесправно изградени објекти.
А еве како изгледал просторот на кој се изградени четирите згради од почетокот на сторијата во јануари 2011 година, а и една година подоцна, во април 2012-та. Ги нема зградите, кои подоцна ќе се легализираат како да биле таму, ако не порано, барем на почетокот на 2011-та.
Првите градежни работи, поточно расчистување на земјиште, според историските сателитски снимки на Гугл, се јавуваат во јуни 2014 година. Дури во јануари 2016 година видлива е прва бетонска плоча за една од зградите. Во август истата година, додека првата градба напредува, почнува изградба на втора станбена зграда. До септември 2017 година двата објекти се чинат завршени, а почнува да се расчитува локација за третиот на истата улица. До јуни 2018 година и тој објект добива покрив. Во април 2020 година се гледа дека е почната градбата на четвртата зграда. До октомври карабината е готова, а на сателитската снимка од ноември 2021 првпат се гледа и поставен покрив.
Според електронски достапните податоци на Катастарот, една од овие дивоградби е легализирана во 2017 година, други две во 2019 година, а последната во 2021 година.
Истата шема не е применета само за овие објекти. Досега на територијата на општина Чаир дојдовме до бројка од околу дваесетина и тоа само станбени згради на повеќе ката, без да броиме куќи и семејни згради. Еве некои од нив.
Оваа зграда, покрај булеварот „Никола Карев е легализирана на крајот на 2020 година. Иако објектот е легализиран како да постоел во 2011 година, до 2018-та на терен немало ни трага од зграда. Парцелата почнува да се расчитува во декември 2018 година, а зградата е готова во септември 2020, непосредно пред легализацијата.
Оваа огромна зграда, на почетокот на булеварот „Џон Кенеди“,е легализирана годинава. Иако објектот е легализиран како да постоел пред 2011 година, до 2017 година на терен нема трага од него. Земјиштето почнува да се расчитува во јуни 2017 година, а зградата е готова на крајот на 2021-та или почетокот на 2022 година.
Оваа зграда на улицата „Лазар Трповски“, е легализирана на почетокот на 2021 година. Иако објектот е легализиран како да постоел пред 2011 година, до јуни 2017 година на терен нема ништо. Парцелата почнува да се расчитува во јули 2017 година, а зградата е готова во март 2021 година, речиси во исто време со решението за легализација.
Овие две згради, крај улицата „Серава“, се легализирани на различи датуми во 2021 година. Иако и двата објекта се легализирани како да постоеле уште пред 2011 година, до октомври 2018 година на терен немало згради. Парцелата за едната зграда почнува да се расчитува во ноември 2018. Во август 2019 година, едната зграда е речиси готова, а другата почнува да се гради. Првата зграда е целосно готова пред крајот на 2020 година, додека другата во текот на 2021 – годината кога се легализирани двата објекта.
За потсетување, на ист начин беа легализирани трите дивоградби за кои објавивме минатиот четврток, а на ист начин се легализирани и други станбени згради во Чаир, за кои ја поминавме целата процедура на проверка, но во интерес на времето, нема да ги објавиме деталите.
И со овие примери е повеќе од јасно. Општината Чаир легализира дивоградби кои не требало да бидат легализирани. И тоа не е инцидентна туку масовна појава. Како се правело тоа, е прашањето на кое побаравме одговор во документацијата со која располага Катастарот.
Ги побаравме решенијата за легализација на објектите за кои се интересиравме, а побаравме и неколку геодетски елаборати по случаен избор.
Документите не доведоа до неколку сознанија.
Од вкупно 12 барања за легализација за 12 различни објекти, половината, односно 6, биле поднесени на ист ден – 31.12.2018 година. Случајно или не, тоа е последниот ден до кога, согласно законот, беше дозволено поднесување на барања за легализација на дивоградба.
Апсурдот во целата работа излегува на површина кога датумот на поднесување на барањата за легализација, според евиденцијата на општината, ќе се спореди со состојбата на терен, во тој момент, достапна на историските сателитски снимки.
На пример, двете згради на улицата „Серава“ во декември 2018 година изгледале вака – едната само што почнала да се гради, а на другата локација си постојат претходните куќи. Сепак, токму во тој момент биле поднесени барањата за нивна легализација, судејќи според архивските бројчиња и датумот што го ставила Општина Чаир.
Зградата близу клучката Бит Пазар, во декември 2018 била земјиште на кое само што почнало отстранувањето на претходните куќи. Сепак, токму во тој момент било поднесено барањето за легализација за објект кој воопшто не е ни почнат да се гради, судејќи според архивските бројчиња и датумот кој го ставила Општина Чаир.
Огромната станбена зграда на „Џон Кенеди“, во декември 2018 година била на самиот почеток на градба, односно од сателит се гледа бетонирањето на првите плочи. Сепак, токму во тој момент било поднесено барањето за легализација, судејќи според архивските бројчиња и датумот кој го ставила Општина Чаир.
Оваа, пак, станбена зграда зад Поштата во Чаир, не само што не била изградена во декември 2018, туку на терен немало никакви активности и во април 2020 година. Па, сепак, Општината архивирала, а потоа и донела позитивно решение за легализација на дивоградба на тоа место, кое според архивските бројчиња и датумот кој го ставила локалната власт во Чаир, се должат на барање поднесено на 31.12.2018 година – година и пол пред објектот воопшто да почне да се гради.
Како е можно да се поднесе барање за легализација на дивоградба пред таа да биде изградена? Еве два можни одговора. Првиот е дека инвеститорите сами си поднесувале барања за легализација на дивоградби, дури и пред да почнат да градат. Вториот е дека – Општината Чаир си чува или си додава архивски бројчиња по потреба во стари уписници, од претходни години.
Кога минатата недела „360 степени“ се обрати до Општина Чаир со прашање – како е можно да легализирале објекти кои воопшто не постоеле пред 3 март 2011 година, од општината се повикаа на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Поточно, го цитираа членот, според кој, барателот е тој што доставува доказ или изјава заверена на нотар под полна материјална и кривична одговорност – дека објектот е изграден тогаш кога тврди дека е изграден. На дополнителното прашање – како е воопшто можно да се поднесе барање за нешто што во тој момент воопшто и не било изградено, од Чаир не дадоа директен одговор, туку повторно се повикаа на обврската на барателот.
Сега, поставивме нови прашања. Дури и да не знаеле и да не провериле дека дале решенија за легализација за најмалку дваесет станбени згради кои се изградени по крајниот рок, дали ќе преземат нешто сега, кога знаат дека биле излажани. До овој момент, не добивме одговор.
За другата опција, Општината Чаир да си чува или да си додава архивски бројчиња по потреба во стари уписници, го прашавме поранешниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити. Тој сега е претседател на партијата Демократско Движење, каде припаѓа и актуелниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу.
360: Не го демантирате ова што го прашувам?
Изет Меџити: Фактички ви објаснувам дека затоа на ниво на Македонија неколкупати е донесен закон за легализација. Да немаше дивоградби од Струмица до Струга, немаше да има потреба да се донесе Закон за легализација. Граѓаните на Чаир не направиле ништо повеќе од тоа што го направиле на ниво на Скопје и на ниво на Македонија и за ова прашање, на крајот на краиштата…
360: Многу прецизно ве прашав, за злоупотреба на стари архивски бројчиња за нови дивоградби. Сега нема актуелен закон за легализација на дивоградби и вие тоа знаете. Ако сега некој направи дивоградба, не може да ја легализира. Треба да урне.
Изет Меџити: Во суштина, тука е поради пречки во законот за просторно планирање, што кај нас владата има многу компетенции, градот, се одложуваат и ова ги принуди граѓаните затоа што на крај граѓанинот според закон за градба или легализација ги плаќа истите комуникации. Во Чаир е некаде 200 евра за метар квадратен и не се фаворизира во оваа насока.
Фактот дека во предвечерието на 2019-та во Општина Чаир имало наплив од барања за легализација на дивоградби, е само индиција – што навистина се случувало или и понатаму се случува со легализацијата на дивоградби.
Не е за занемарување уште една околност – од вкупно 12 предмети на кои по случаен избор решивме да им ги провериме и решенијата за легализација, кај 10 се јавува едно те исто геодетско биро кое им направило геодетските елаборати. Старите велат – добриот глас, надалеку се слуша. Ќе слушнат ли и оние што навистина треба да слушнат?
ИЗВОР: 360stepeni.mk