(ВИДЕО) Рудници Иловица-Штука: Статус кво во магла од прашања

October 29, 2023
6 mins read

За каков тип на рудник станува збор? Според концесионерот „Евромакс рисурсес“, на местото би граделе современ рудник, пример за 21.век. Активистите пак, велат, никогаш нема да дозволат во Струмичката котлина да има рудник

Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека веднаш би ги раскинал концесиите ако добие документ од министерката за животна средина, Каја Шукова, дека проектот е штетен по животната средина. Таа, пак, возвраќа – Бектеши би требало да ја знае управната постапка дека за да се даде документ, треба да има и барање

„Ако во бивша Југославија не дозволиле да има рудник, тогашните луѓе сфатиле дека овде не може да има рудник. Во бивша Југославија кога памет немале за животната средина. Ама сепак не ставиле рудник“,

ова е пораката од активистите од Струмичкиот регион.

„Земјоделството и рударството можат и мора да коегзистираат“,

велат инвеститорите.

Како и кога ќе пресуди судијата – Владата? Огражден е планина во Југоисточна Македонија која изобилува со богатство – и над и под земја. Затоа Струмичката котлина со години е рингот во кој активистите ПРОТИВ и инвестирот ЗА се борат на тема рудници. Котлината е распослана на 1.500 квадратни километри. Според Државниот завод за статистика, овој регион е прв според земјоделско производство во земјава. Еден од најпознати продукти се „френките“, односно доматите. Но, дали црвената боја на доматот не сјае доволно колку златната?

Во Југоисточниот регион неодамна се докажа дека во длабочините на планините е акумулирана голема количина злато, поголема од кој било друг регион во државата. Првите дозволи, за проспекциски геолошки истражувања датираат од 2004 година, од тогашниот министер за економија во Владата на Бучковски, Фатмир Бесими. Денеска, сопственик на тие резултати и потенцијален инвеститор во рудник за злато и бакар е „Евромакс рисурсес“.

Што се случува 19 години подоцна и какво е расположението на локалното население? На терен бевме со активистот од здружението „Стига е“, Костадин Ристоманов.

Костадин Ристоманов

„Потврда (дека не сака никој рудник) се четирите едногласни одлуки на општините Ново Село, Босилово, Струмица и Василево, дека на нашата средина не и треба рудник“

вели Ристоманов.

Тој дополнува дека локалците се едногласно против, но допрва им следи важен одбранбен процес.

„Искрено се надевам дека битката на терен ја добивме. Бидејќи, како што кажуваше еден политичар, и птичките знаат дека луѓето не сакаат овде да има рудник и тоа им е јасно и на инвеститорите и на нивните концесионери. И на минатите и на сегашните и на идните власти. Така што, овде народот нема да дозволи по никоја цена да има копање, а најмалку да има рудник. Ние стравуваме од таму каде што немаме влијание, а тоа е, сега претстои еден мачен процес на државата, која се изјасни дека. Таму не треба да има рудник. Ние нема да земеме ништо“,

изјави Ристоманов додека го разгледувавме теренот каде што евентуално може да се отвори рудник.

Ило Малинов е роден и целиот свој живот го минува во Штука. Селото е на половина километар од локацијата каде би требало да биде еден од рудниците кои сака да ги гради „Евромакс рисурсес“. Вели, уште како деца слушале приказни дека на планината Огражден, како и покрај Штучка река, има злато. Меѓутоа, никој досега не влегол со механизација поради стравот дека ќе ги уништи условите за живот. Ако се изгради рудник, Малинов не верува дека локалното население би имало економска добивка.

Ило Малинов

„Тој рудник ако се отвори сега, верувам дека ќе биде современ рудник, со механизација, со стручни луѓе. Ама од нашите села, нема еден човек што би работел на тој рудник. Тврдам, 300 до 500 луѓе ќе бидат вработени. А тие луѓе ќе си ги донесат од некаде. Тие мора да бидат стручни луѓе. Од тука ќе биде некој чувар, некој метач. Ич!Ние се наоѓаме на подножјето, на почетокот на струмичкото поле. Рудникот е над нашите глави. Опасностите ќе се неизмерливи“

вели Малинов.

За каков тип на рудник станува збор? Според концесионерот „Евромакс рисурсесс“, на местото би граделе современ рудник, пример за 21.век. Објаснуваат дека ќе наликува на обичен каменолом на варовник, кој нема да биде видлив од населените места.

Разговаравме со претставникот на одделението за односи со јавност во компанијата, Живко Груевски. Во одговорите неколку пати нагласуваше дека се работи за „мега проект“.

„Ние како компанија апсолутно посветувме време на транспарентност и постојано повторување на сите аргументи околу нашиот проект. Во Иловица-Штука ние ќе дојдеме до ниво на производство на бакарен концентрат кој потоа оди во соседна земја во специјализирана топилница и таму се доработува“,

објаснува Груевски.

Живко Груевски

Она што активистите најмногу ги загрижува, контаминацијата на подземните води кои потоа завршуваат во посевите, Груевски го отфрла како страв прикажувајќи ја пред „360 степени“ симулацијата за тоа како ќе се справуваат со отпадот.

„Не вертикална брана. И јас исто мислев лаички. Овде се работи за најцврст камен насип којшто постепено се дига…кој во последниот дел како оди ескплоатацијата, по 30 години од ескплоатацијата, основата ќе биде шест пати подолга од висината на камениот насип. Тоа е најцврсто во светот и има два пати поголема безбедност од светските стандарди“,

дополнува директорот за комуникација и односи со јавност на „Евромакс рисурсес“.

Од „Евромакс рисурсес“ дополнуваат, потенцијалните копови не вклучуваат употреба на цијанид или сулфурна киселина.

Но се чини дека за потврда на тврдењата на Груевски, ќе поминат уште неколку години. Никој не знае кога и дали воопшто ќе се отвори рудникот. Во меѓувреме, инвеститорот има започнато постапка за спојување на двете концесии кои ги има на планината Огражден.

Таквото право, за спојување, го црпи од членот 61 од Законот за минерални суровини, а и двете локации практично се преклопуват. Во 2012 година е добиена првата концесија за експлоатација на минерални суровини, но во 2016 тогашната Влада не дава и дозвола за ископ. Во 2015, пак, е добиена втората концесија за експлоатација на минерални суровини.

фото: принтскрин

Во 2016 – та, „Евромакс“ бара спојување на двете концесии, Министерството за економија дава позитивен одговор, но Владата не носи одлука. Наместо тоа, Владата во 2019 – та носи одлука за еднострано раскинување на договорот за една од концесиите. „Евромакс“ тужи и го добива случајот пред Управниот суд, по што лиценцата им е вратена и на маса повторно се враќа спојувањето на концесиите.

На 27.јуни годинава Владата изгласа спојување на двете концесии. Веднаш потоа, кадри на СДСМ во Владата обвинија дека биле измамени да поддржат таква одлука. Одлуката се поништи. Надлежниот, министерот за економија Крешник Бектеши појаснува дека тоа не значи и дека концесиите се одземени.

„Со повлекување на одлуката, од правен аспект, тие уште ги имаат концесиите. Ние не сме ги земале концесиите, само сега не се споени, што значи дека до нас е пристигнато известување од страна на инвеститорот дека ќе ги користат сите можни судски процедури“

изјави министерот за економија.

Зошто тогаш државата не ги раскине договорите, со што и ќе се отстрани можноста за градење на рудниците?

„Ние, ако како аргумент го користиме негативниот импакт врз животната средина, ние како држава треба да имаме акт дека одредена инвестиција прави штета врз животната средина“,

дополнува министерот Бектеши.

Тој вели дека ќе постапи тогаш кога во неговиот кабинет ќе пристигне извештај кој ќе образложи која е штетноста по животната средина.

„Ние не сме надлежни и немаме обврска да ја завршиме работата на Министерството за животна средина. Во моментот, ако добиеме информација дека Иловица–Штука има негативно влијание врз животната средина, било тоа да е во контекст на природа, на вода или друго, ние веднаш предлагаме едностран раскин на договорот заради тоа што во договорот е предвидено дека треба да се исполнат сите стандарди и прописи на државата врз основа на заштита на животната средина“,

потенцира Крешник Бектеши пред камерата на „360 Степени“.

Министерката за животна средина Каја Шукова пак, возвраќа дека, за да испрати извештај некој треба да и го побара.

Па јас мислам дека министерот за економија долго време е во администрација и знае дека било каков акт, еден орган на државна управа може да издаде само по основа на барање. Ако не е пристигнато барање, јас не го гледам основот врз кој може да донесеме акт. Не гледам врз основа на што би дале управен или било каков акт кој би бил во интерес на државата за да можеме да се одбраниме во евентуална судска постапка која евентуално би ја покренал инвеститорот во Иловица“,

изјави Шукова.

Последното барање, во врска со рудникот, за кое постапувало Министерството е од 2016 година. Тогаш „Евромакс“ сакал да почне да копа, а од Животна средина им возвратиле дека треба да изработат Студија за оценка на влијание врз животната средина.

Во 2016 година кога беше доставен проектот за потенцијалниот коп, вклучуваше цијанид. Во меѓувреме, државата ги промени законите, сега цијанидот е исклучен од постапката за коп на бакар и злато. Што значи, и да сака инвеститорот нешто да направи, прво мора да го промени проектот, да го исфрли цијанидот. Ние без цијанид проект, не сме добиле во Министерството. Ние и да сакаме, еве нема за што да се изјасниме. Можеби инвеститорот ќе рече јас повторно ќе го задржам цијанидот. Не можеме да знаеме што размислува инвеститорот и во која насока ќе оди“,

потенцира министерката Шукова пред камерата на „360 Степени“.

Таа доаѓа од редовите на СДСМ. Се појави на еден од протестите против рудниците во струмичко. Присуството го објасни со ставот дека нам како држава ни е потребна стратегија која јасно ќе каже дали инвестираме во земјоделството или во рударството.

Инвеститорот, очекувано, е „за“ рударството и жолтото злато. Месното население, сепак, и натаму повеќе го сака црвениот сјај на струмичките „френки“.

„Ние нема да земеме ништо. Нам ќе ни останат отровите, како и за век уништена природа, раселени, уништени, убиени лица и од рајска котлина ние ќе станеме ѓаволска дупка“,

потенцираше активистот од здружението „Стига е“, Костадин Ристоманов.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Арапскиот свет ги сака Палестинците, платонски

Следно

Сончево со умерена облачност, температурите од 1 до 27 степени

Latest from Blog

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните

Фетаи: Неселективна и примерна правда за кривични дела говор на омраза и нетрпеливост

Потпретседателот на Владата на Македонија, одговорен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска го осуди палењето на македонското и албанското знаме, опишувајќи ги како кукавички чинови, кои сведочат за опасниот раст

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме
Go toTop